Успешни Македонци низ светот: Мартина од Куманово е агент за недвижнини во Чикаго
Дали треба посебно образование за да станеш агент со недвижнини, некој курс - како изгледа целата постапка за да можеш да почнеш да работиш во оваа област?
Да, за да станеш агент за недвижности во САД, потребно е да поминеш низ одредена обука и процес.
Прво, се запишуваш на лиценциран курс за недвижности, целиот процес трае неколку месеци, во зависност од тоа колку брзо учиш и го совладуваш материјалот.
Потоа, постојат два испита – државен и национален – кои мора да се положат за да станеш лиценциран агент.
По успешно положување на испитите, се приклучуваш на агенција која ќе ја активира и администрира твојата лиценца, и тука официјално започнува твојата кариера.
Колку е развиен пазарот со недвижнини во Чикаго и околината? И дали почувствувавте криза изминативе години?
Пазарот на недвижнини во Чикаго и предградијата е доста развиен и динамичен, со можности и за купување и за изнајмување.
Чикаго е голем и разновиден град, па затоа цените и побарувачката варираат во зависност од локацијата.
Центарот и околните предградија, како западните предградија каде што јас работам, имаат различни трендови - некои области брзо растат, додека други се постабилни.
Што се однесува до функционирањето, агенциите работат на провизија, која обично се дели меѓу агентот на купувачот и агентот на продавачот.
Изнајмувањето е исто така многу активно, особено меѓу младите професионалци и студентите, кои претпочитаат флексибилност пред да одлучат за купување.
Во последните години, почувствувавме предизвици на пазарот, особено со растот на каматните стапки, што ја намали побарувачката за купување.
Сепак, недвижностите секогаш се движат – кога продажбите се забавуваат, изнајмувањето расте.
Добар агент знае како да се прилагоди на промените и да ги искористи можностите што ги нуди секоја пазарна состојба.
Јас навистина лично му пристапувам на секој клиент и навистина се грижам да го најдам вистинскиот дом за секого - не само да затворам продажби.
Мојата желба и цел е клиентите да се чувствуваат разбрани, подржани и сигурни во секој чекор од процесот на купување дом.
Работам со срце, со многу енергија и посветеност, и секогаш давам малку повеќе од очекуваното.
Клиентите тоа го препознаваат и токму тоа ми носи препораки и долгорочни релации.
Од твое искуство, луѓето полесно се решаваат да изнајмат или да купат дом? Зошто мислиш дека е тоа така?
Од моето искуство, многу луѓе полесно се решаваат да изнајмат отколку да купат, особено младите и оние кои штотуку се преселиле во нов град.
Главната причина е финансиската флексибилност – изнајмувањето не бара голем почетен капитал, а луѓето не се обврзани на долгорочен ангажман.
Од друга страна, купувањето е поголема одлука што бара стабилни приходи, добра кредитна историја и сигурност дека ќе останат на истото место подолг период.
Некои се плашат од обврските што доаѓаат со сопствен дом, како одржување, даноци и каматни стапки.
Сепак, кога некој сфаќа дека на долг рок купувањето е подобра инвестиција отколку да плаќа кирија без поврат, многу од нив се охрабруваат да направат тој чекор.
Мојата работа како агент е да им помогнам да ја најдат најдобрата опција според нивните потреби и финансиски можности.
А што е лично со тебе и твоето семејство - дали по една деценија во САД живеете во свој дом или изнајмен?
Ние веќе шест години поседуваме сопствен стан.
Но пред тоа, како и многумина што започнуваат нов живот тука, изнајмувавме.
Велиш, најголемиот број клиенти ви се луѓе од Балканот... потешко е да се работи со нив или со Американците (или дојденците од други делови на светот)?
Секој клиент е различен, без разлика од каде доаѓа, но луѓето од Балканот често имаат посебен пристап кон купување недвижнини.
Тие сакаат да бидат сигурни дека прават најдобар можен договор, многу преговараат и сакаат детално да ги анализираат сите опции пред да донесат одлука.
Ова бара повеќе трпение и време, но јас го разбирам тој менталитет, бидејќи доаѓам од истата култура. И мене ми е полесно да работам со нив.
Од друга страна, Американците и дојденците од други делови на светот често имаат поедноставен пристап - доколку им се допаѓа имотот и можат финансиски да го поддржат, побрзо донесуваат одлука.
Работата со нив е понекогаш побрза, но и помалку емоционална.
На крајот, важно е да се прилагодиш на секој клиент, да ги разбереш нивните потреби и да им помогнеш да го најдат вистинскиот дом, без разлика од каде доаѓаат.
Која е првата работа што му ја советуваш на секој нов клиент кој сака да купи куќа-стан?
Првата работа што секогаш им ја советувам на моите нови клиенти е да се запознаат со својата финансиска ситуација и да добијат предквалификација за хипотека од банка или заемодавател.
Знаењето за тоа колку можат да позајмат и колку ќе им биде месечната рата, е клучно за да можат да донесат реални одлуки.
Ова им овозможува да имаат појасна слика за својот буџет и да не губат време на имоти што не можат да си ги дозволат, а исто така помага да се избегнат разочарувања подоцна.
Откако ќе го разберат својот буџет, можеме да започнеме со пронаоѓање на идеален дом што одговара на нивните потреби и финансиски можности.
Барање на дом е најзабавниот дел од целиот процес.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





