Проф. д-р Васил Илиев: „Со често празнење на мочниот меур се намалува неговиот капацитет“
- Детали
- вторник, 04 февруари 2025
Со проф. д-р Васил Илиев поразговаравме за пролапс (спуштање) на матка и мочен меур, уринарна инконтиненција (позната и како подмочување) и други теми од неговата експертиза.
Проф. д-р Васил Илиев е специјалист гинеколог-акушер, субспецијалист по урогинекологија со реконструктивна пелвична хирургија и субспецијалист по гинеколошка хирургија со над 40-годишно искуство стручна и академска работа во Македонија и надвор од земјата.
Специјализацијата и супспецијализацијата, како и академската кариера до редовен професор, ги изградил преку активно залагање на Клиниката за гинекологија и акушерство и Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во неговата кариера следат и повеќегодишни престои во САД (фелошип-гинеколошка хирургија), Шпанија (Текнон Медицински Центар, Барселона), Обединето Кралство (Ст Џорџ Хоспитал, Лондон), Р. Хрватска итн.
Со проф. д-р Илиев поразговаравме за пролапс (спуштање) на матка и мочен меур, уринарна инконтиненција (позната и како подмочување) и други теми од неговата експертиза.
Во продолжение следи интервјуто со проф. д-р Васил Илиев:
Што најмногу ви се допаѓа кај вашата професија, а што ви е најтешкиот дел?
Лекарската професија има единствена цел - да помага односно да решава здравствени проблеми, па од тоа произлегува и чувството на задоволство, но и најтешкиот момент кога евентуално (но за среќа ретко) тоа не е можно или не е доволно.
Знаете, јас сум перфекционист по природа, па прилично ги проживувам сите моменти во секојдневната работа со цел во третманот на моите пациентки, да стигнеме до целта по најадекватниот, најлесниот, најефикасниот пат, постапка, операција.
Кој е најтешкиот/најпроблематичниот случај со којшто сте се соочиле?
Тоа е секој случај каде денешниот развој на медицинската наука не ни дала ресурси, знаења или услови за решавање на некој значаен здравствен проблем. Морам да кажам, за среќа, тоа се ретки случаи.
Со какви проблеми и состојби најчесто се соочуваат пациентите кои доаѓаат кај вас? Кои се најчестите симптоми што ги искусуваат пред да побараат лекарска помош?
Практично со целата лепеза на состојби и проблеми во гинекологијата односно од аспект на нарушувања на здравјето и/или функцијата на уро-гениталните органи (комплексни нарушувања на позицијата на гениталните и/или уринарни органи, тумори, цисти, крвавења, ендометриоза, малигни заболувања, инфекции...).
Што предизвикува пролапс (спуштање) на матката или мочниот меур?
Пролапсот на матката, вагината и/или мочниот меур е предизвикан кога мускулите и ткивото во и на дното на карлицата се ослабени и не можат да ја поддржат нивната позиција, особено во периодот на пери и пост-менопаузата.
Ова дозволува да матката или вагината или мочниот меур се спушти ниско во вагината или да испадне надвор од неа.
Пациентките често реферираат дека гледаат „топка“ на влезот во вагината што претставува најчесто вагината со мочниот меур.
Вака спуштен мочен меур недоволно се празни при уринирање и остатокот на урина во него стимулира развој на инфекција која знае да е упорна или да се повторува често.
Кои се факторите на ризик за пролапс на матката и мочниот меур?
- Бременост
- Вагинално породување (наспроти царски рез)
- Менопауза
- Прекумерна тежина
- Пушење
- Мала физичка активност
Кои се симптомите на пролапс на матката и мочниот меур?
Многу жени со оваа состојба немаат никакви симптоми. Меѓутоа, ако се појават симптоми, тие може да вклучуваат:
- Истекување на урина (инконтиненција на урината – подмочување)
- Неможност целосно да го испразните мочниот меур
- Чувство на тежина или исполнетост во карлицата
- Напнување во вашата вагина и појавување на влезот на вагината заедно со мочниот меур
- Болка во долниот дел на грбот
- Болка или чувство на притисок во долниот дел на стомакот или карлицата
- Запек
- Чести и/или повторувани уринарни инфекции
Како се дијагностицира пролапсот на матката и мочниот меур?
Физички преглед за да се провери состојбата на органите во карлицата. Ако имате и уринарна инконтиненција или чувствувате дека не можете да го испразните мочниот меур, вашиот лекар може да направи некои специфични тестови и/или процедура наречена цистоскопија за да ги испита мочниот меур и уретрата.
Оперативниот модел за решавање на пролапс на генито-уринарниот комплекс - хирургијата која јас ја практикувам е минимално инванзивен хируршки пристап.
Користам минимално инвазивен вагинален пристап за третман и на гениталниот пролапс.
Хистеректомија е операција за отстранување на матката. Ова може да се направи и преку вагината. Времето на заздравување е побрзо отколку со операција која бара абдоминален пристап.
Вагиналните операции имаат помалку компликации и подобри успешни решенија на пролапсот. При вагинален оперативен пристап овозможено е комплетна и трајна корекција на позицијата на мочниот меур и вагиналните ѕидови што во голема мера го подобрува квалитетен животот и здравјето на жената.
Посетете го вашиот лекар кога симптомите првпат ќе почнат да ве вознемируваат. Не чекајте додека вашата непријатност да стане сериозна.
Редовните карлични прегледи можат да помогнат да се открие пролапсот на матката и/или мочниот меур во раните фази.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_114550_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_112244_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_113499_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_113236_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_109328_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_108149_400.jpg)