Урбан лик: Ќазим Асотиќ од Скопје е кавалер од стар ков и маж со елегантен моден стил
- Детали
- недела, 17 ноември 2024
„Никогаш не излегувам од дома без часовник, машки голем прстен, вратоврска и марама за сакото, а пријателите велат дека фризурата со ‘кремче’ е мојот заштитен знак“, вели за CRNOBELO.com Ќазим Асотиќ од Скопје, прв фаготист-солист во Македонската опера и балет.
Ќазим Асотиќ од Скопје е прв фаготист-солист во Македонската опера и балет.
Тој е препознатлив по својот безвремeнски моден стил, кој зрачи со елеганција. Вистински господин од стариот ков.
Ќазим вели дека манирите се нешто кое го учиме дома и дека домашното воспитување е столбот на сè.
Тој го живее својот сон на класичен уметник и вели дека неговиот дом е храмот од кој црпи инспирација.
За својот моден стил Ќазим за CRNOBELO.com вели:
„Отсекогаш верувам дека треба да бидеме свои и да креираме сопствен стил, наместо да ги копираме другите.
Уникатноста пред сè е одраз на индивидуалноста и на сензибилитетот кој го поседуваме.
Сметам дека вистинскиот луксуз не е да се носи скапа и дизајнерска облека, туку да се чувствуваме добро во својата кожа, а пред сè да знаеме како да ја носиме облеката.
Според мене, стилот е многу поважен од модните трендови, кои се со краток век. За мене е тоа начин на самоизразување и идентитет.
И конечно, суштината на стилот е да се каже нешто сложено, но сепак на еден едноставен начин, а елеганцијата на еден модерен маж, не треба по секоја цена да биде забележана, туку да се биде запаметена.
Елеганцијата сама по себе е клучна за изгледот, безвременска е и никогаш не излегува од мода. На тој начин, модата никогаш нема да излезе од нас.
Машките аксесоари се секако придружни елементи за добар изглед, но и неопходни.
Никогаш не излегувам без часовник, машки голем прстен, вратоврска и марама за сакото. Тие се секако составен дел од мојот стил и со задоволство ги користам.