Д-р Радица Бојчева, гинеколог: „Најчести инфекции се ХПВ и хламидија, не секој тип на рак е наследен“
Колку често се случува кај резултатите на пациентките да биде забележано присуство на ХПВ вирусот и значи ли тоа дека дефинитивно постои можност да се развие рак? Што треба да се направи откако при брис ќе биде откриено присуство на ХПВ?
При преглед на ПАП тестот понекогаш цитологот може да се посомнева во присуство на ХПВ вирус и да побара дополнително тестирање за негово присуство.
Заради тоа пациентката доаѓа повторно на преглед и се зема брис за ХПВ типизација со кој конечно се утврдува дали кај пациентката има или нема присуство на вирусот.
Присуството на ХПВ кај пациентките не значи дека кај секоја од нив ќе се развие карцином на грлото на матката.
Пред развојот на евентуален карцином на грлото на матката постојат неколку стадиуми на преинвазнивни, односно преканцерозни лезии на грлото на матката, кои можат да бидат откриени и излекувани, ако пацинеката редовно ги прави своите гинеколошки прегледи.
Се очекува ли намалување на појавата на ХПВ вирусот со воведувањето на новата деветовалентна вакцина? Зошто е неопходно таа да им се дава и на момчињата?
Воведувањето на деветовалентната вакцина за ХПВ, многу би придонела за намалување на појавата на ХПВ инфекција, доколку родителите дозволат да се прими истата.
Пишуваме „доколку“, бидејќи во Македонија свесноста за вакцинација е на ниско ниво.
Според СЗО најновите истражувања и литературата говорат дека ХПВ вакцината е пожелно да се дава и на момчињата, бидејќи тие се вектори односно преносители, а истоврмено изложени на заболувања од вирусот.
Што е со пациентките кои во семејството имаат некој што претходно бил заболен од рак? Дали кај нив прегледите треба да бидат уште позачестени или пак, важи истото правило?
Постојат карциономи коишто имаат наследна компонента и кај пациентките коишто во семејството има заболен или починат од таков тип на карцином, прегледите треба да бидат редовни и конзистентни.
А постојат и карциноми кои немаат наследна компонента, а се предизвикани од вируси, како што е Хуман папилома вирусот.
Во секој случај и едните и другите треба да прават редовни гинеколошки контроли за навремено да се фати каква било промена.
Која е според вас најголемата грешка што Македонките ја прават кога одат на гинеколог? Што е она што вам како лекар најмногу ви пречи?
Мене лично како лекар, гинеколог, ништо не ми пречи во мојата пракса, бидејќи имам големо разбирање за пациентките.
А најголема грешка што ја прават Македонките е тоа што наместо да се консултираат со својот гинеколог за своите проблеми, тие го бараат решението на социјалните мрежи и слушаат совети од нестручни лица.
Но, во секој случај, секогаш сум подготвена да им укажам на проблемот и да им помогнам во рамките на моите можности.
Колку често треба да се прават прегледи за време на бременост и појаснете ни зошто тој преглед што вообичаено се закажува шест недели по породувањето е важен?
Прегледите во тек на бременост се прават еднаш месечно, односно на 4 до 6 недели, каде што се следи развојот на плодот, се земаат микробиолошки брисови, се прави редовна крвна слика и урина.
Прегледот коишто се закажува после 6 недели од породувањето е важен за да се направи проверка дали постпородилната состојба кај пациентката е уредна.
Да се провери дали матката е вратена во нормална состојба, дали е завршено крвавењето и евентуално присуство на резидуа во матката.
Колку често се случува во рамки на овие постпородилни прегледи да забележите компликации или знаци на несоодветен третман за време на породувањето?
Кај постпородилните прегледи многу ретко се случува да има постпородилни компликации, евентуално може да се јави потешко зараснување на рана и во еден случај што ми се има мене случено пред 10-тина години имаше заборавена газа во вагината на пациентката.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com