Инспиративна жена: Сузана е адвокат од Скопје, вљубеничка во трчањето и дама со став
- Детали
- среда, 18 септември 2024
Таа е самоуверена жена со јасно изградени ставови, кои без проблем ги изнесува пред пошироката јавност. Црпи енергија од семејството, вели дека низ негативните искуства најмногу растеме и порачува: „Најголемата љубов мора да ти биде таа кон себеси и ова го тврдам во најнесебична смисла, како мајка на две деца. Ако не се сакаш себеси не можеш правилно да сакаш никого, па дури ни сопственото дете“.
Сузана Јошевска-Анастасовска (45) oд Скопје, сопруга и мајка на двајца тинејџери, работи како адвокат веќе 19 години.
Таа е успешна деловна дама која своите ставови на различни општествени теми јасно и гласно ги кажува, изгледа префинето и оддава впечаток дека е лесно да се биде успешен на секое поле паралелно.
Трчањето ѝ е омилено хоби, а убавината на една жена ја смета за меч со две острици.
Вели дека во животот најважно е да се сакаме себеси првенствено и второ - квалитетно да го користиме времето за одмор, за потоа да бидеме продуктивни.
Оваа инспиративна дама ги споделува своите мали „животни тајни“ за CRNOBELO.com:
Колку е тешко едновремено да се биде успешна бизнис жена, но и посветена мајка? Како балансирате со обврските?
Не сум сигурна дека би се опишала себеси како „успешна бизнис жена“, а би се опишала како посветена мајка. Можеби затоа што адвокатурата никогаш не сум ја гледала како бизнис.
Сè уште сум вљубена во професијата и општо во правото и со задоволство одам на работа и во тешки денови.
Адвокатурата во Македонија со години се соочува со многу предизвици, реално заостанува во споредба со развиените адвокатури во светот и адвокатите не се ни приближно ценети и платени како во тие држави.
Но, истовремено, адвокатурата овде овозможува одредена слобода во управување со времето што за некои други држави е можеби незамисливо, особено за млади адвокати во подем, а уште потешко за млади жени адвокати.
Јас таа слобода ја препознав и успеав да ја искористам со цел да направам баланс меѓу професионалниот и приватниот живот.
Имам одличен тим позади мене за таа цел, односно од една страна мојата банда дома, добро воспитани, сплотени, уиграни и емпатични суштества на чело со сопругот, а од друга страна партнерството и тимот на работа со кои секогаш сме имале меѓусебно разбирање и поддршка.
Тајната да се биде добар адвокат според вас е…
Добар адвокат и успешен адвокат не е исто. Како во вицот - Добар адвокат е оној кој го знае правото, успешен е оној кој го знае судијата.
Да бидеш добар адвокат значи да имаш високо ниво на професионалност и интегритет, да бидеш успешен адвокат значи да заработуваш големи пари од адвокатурата.
Секако, можеш да си двете. Многу ми е убаво на душата кога ќе видам добар адвокат, кој во исто време успеал и заслужено чекори напред.
Нема тајни, како за секоја професија, успешноста е склоп на лични карактеристики, амбиција, посветеност и вложен труд.
Кои се вашите навики за убавина?
Трчање рано наутро, пиење вода и вадење шминка пред легнување.
Убавината отежнува или олеснува кога станува збор за кариерата?
Јас го гледам како хендикеп иако сите ме убедуваат во спротивното. Можеби се во право, најверојатно е до перцепцијата.
Мојот став е поради две причини: на убава жена мажите имаат тенденција да ѝ ги потценуваат способностите, а жените имаат тенденција да заземат гард и со тоа да ѝ ја отежнат позицијата.
Секогаш сум пријатно изненадена кога ова нема да се случи.
Колку време се подготвувате наутро?
Некогаш 15 минути, некогаш час и 15 минути. Сум забележала дека повеќе време губам кога сакам да изгледам како да не сум потрошила многу време во спремањето.