Шришти Апурва од Индија живее 3 години во Македонија: „На почетокот ми пречеше што луѓето ме зјапаат“
- Детали
- сабота, 21 септември 2024
„Обожавам бурек и ајвар, но и да јадам баничка од пекарница во Скопје во 2 часот по полноќ. Во Скопје ме посетија и родителите и брат ми и си поминаа преубаво“, вели Шришти Апурва (28) од Индија, која љубовта ја донела во Македонија.
Шришти Апурва (28) од Индија работи во ИТ американска и канадска компанија, а веќе 3 години живее во Македонија.
Обожава ајвар и бурек, а за Македонците вели дека се пријателски настроени.
Таа за CRNOBELO.com ја споделува својата приказна:
Колку долго живееш во Македонија и зошто Македонија?
Дојдов во Македонија во јануари 2021 година.
А на прашањето: „Зошто Македонија?“, ќе кажам само: „Љубовта ме донесе овде“.
Што те натера да останеш овде?
Сакам да патувам и да доживувам различни култури, но ќе излажам ако кажам дека транзицијата во Македонија ми беше лесна.
Беше навистина тешко да се одлучам на ваков чекор на почетокот. Но, од оваа перспектива ова ми е навистина вредно искуство.
Сега, имам одлични пријатели овде и рутина по која живеам.
Живеев во САД пред да се преселам во Македонија, а таму животот беше бурен и темпото навистина брзо.
Овде во Македонија имам луксуз да бидам мирна и да не бидам во постојана трка со времето. Токму тоа е една од причините зошто сè уште сум тука.
Она што најмногу ти се допаѓа овде е…
Она што најмногу ми се допаѓа е темпото на живот овде. Во Скопје живеам многу мирен живот.
Исто така и ниските трошоци за живот.
Како што веќе знаеме, во САД во споредба со Македонија има многу повисоки трошоци за живот, така што повеќето луѓе се во трка за да водат квалитетен и исполнет живот.
Она што најмногу го мразиш овде е…
Нема ништо што навистина мразам овде. Но, кога бев нова овде и шетав низ градот за да истражувам, забележував дека повеќето луѓе ме гледаат.
И тоа не беше суптилен поглед, туку повеќе како зјапање, што правеше да се чувствувам прилично непријатно.
Но, јас не ги обвинувам. Сигурна сум дека тие не гледаат некој како мене на дневна основа.
Поминаа три години оттогаш и се научив да прифатам кога луѓето ме гледаат. Тоа едноставно е нешто што не е во моја контрола.