Љубе (29) од Велес е мајстор за мебел од палети: „Сè започна како хоби, најбарани се гарнитурите за двор“
- Детали
- сабота, 13 јули 2024
„Сè започна во 2018 година кога личната страст за изработка на мебел, од хоби прерасна во бизнис. Просечниот животен век на парче мебел од палети зависи од неколку фактори како: квалитетот на палетите, одржувањето, заштитата, употребата“ – вели во интервју за CRNOBELO.com мајстор Љубе од Велес, кој креира прекрасни парчиња мебел од палети.
Љубе Димов или попознат како мајстор Љубе е 29-годишен велешанец, кој по завршеното средно економско образование, одлучил да започне сопствен бизнис.
Благодарение на сопствената креативност и умешност, со своите две раце креира совршени парчиња мебел, на кои многумина се восхитуваат.
Неговиот мебел е изработен од висококвалитетно чамово дрво, со коешто се изработуваат и палетите, а тој со мајката и братот напорно работи за да ги креираат парчињата мебел, на кои стои потписот на нивната фирма Palletland.
„Нашите гарнитури, комплет со подлоги за седење и перничиња се специјално создадени за да го разубават дворот, балконот или пак терасата на нашите купувачи.
А покрај гарнитурите, изработуваме и лулашки, лежалки, lazy bag, кујни, кревети, комоди, шанкови, полици, патокази и многу други нешта“ – вели Љубе во изјава за CRNOBELO.com.
Досега соработувале со повеќе познати локали низ Македонија, уредувале мебел за бич барови, берберници, вили и други познати места, а за CRNOBELO.com, откриваат повеќе детали за тоа како дошле до идејата за ваков бизнис и што треба да знаете ако се одлучите да набавите мебел од палети во вашиот дом.
Како треба да се одржува овој мебел, со што можете да го уништите, и колку е неговиот животен век?
Прочитајте повеќе во интервјуто со мајстор Љубе:
Од каде љубовта кон столарскиот занает? Има ли некој друг во семејството што се занимавал со овој занает?
Љубовта кон столарскиот занает е поврзана со уживањето во креативноста, можноста да се создадат убави и практични предмети од дрво и секако задоволството од рачната изработка.
Каков мебел изработувате вообичаено, кои парчиња ви се најбарани?
Покрај гарнитурите, комплет со подлоги за седење и перничиња изработуваме и лулашки, лежалки, кујни, кревети, комоди, шанкови, полици, патокази и многу други нешта.
Но, нешто што е најбарано – тоа се гарнитурите за во двор, на балкон, тераса.
Може да се прават најразлични комбинации од елементите: двоседи, троседи, фотелји, табуретки, аголни гарнитури, во различни бои и материјали на перничињата, сè по желба и избор на купувачот.
Од каде идејата за ваков бизнис?
Сè започна во 2018 година кога личната страст за изработка на мебел, најпрво хоби, потоа прерасна во бизнис бидејќи се утврди дека има интерес и побарувачка за нашите уникатни креации.
Можноста да се создадат уникатни дизајни коишто не се достапни во останатите продавници за мебел беше наша голема инспирација за започнување на овој бизнис.
Купуваат ли Македонците мебел од палети, или повеќе се одлучуваат за друг вид мебел?
Заинтересираноста е навистина голема, а доказ за тоа е огромниот број на соработки што досега сме ги реализирале.
Во Македонија мебелот од палети е привлечен за многу луѓе поради својата креативност, функционалност, за оние кои сакаат нешто различно и персонализирано во својот дом или простор.