Анабел од Канарски Острови е мажена за скопјанецот Бојан: „Учам да готвам гравче и сарма, сакам да се преселиме во Македонија“
Како се привикна Бојан на животот во Гранд Канарија?
На Бојан прво му беше тешко да се прилагоди на островскиот ритам, бидејќи ние на Канарските Острови сме прилично мирни и не брзаме.
Покрај тоа мораше да се приспособи на различните вкусови на храната и слично. Но, одлично се интегрираше, иако понекогаш сè уште страда од „островска клаустрофобија“.
Да се живее на остров е сон, но мобилноста е поограничена.
Колку пати си дошла во земјава? Каков ти беше првиот впечаток за Македонија?
Сум била во Македонија 8 пати и се заљубив во земјата од мојата прва посета: пејзажот, луѓето, храната…
Ние сме многу слични земји поради нашата дружељубива природа, а во Шпанија сакаме после работа да одиме на средби со пријателите или семејството.
Што ти се допаѓа најмногу?
Да одам на Скопско и шопска во Центар е мојот ритуал при слетувањето во Скопје.
Ги обожавам Матка, погледите од Милениумски крст, јадењето во Аурора Козјак или посетата на Охрид.
Православната Света недела во Драчево за мене е неверојатно искуство.
Кое ти е омилено македонско јадење?
Ја сакам македонската кујна, особено храната што ја подготвува мојата свекрва.
Гравче во петок, селско месо, сарма - веќе учам да ги подготвувам сите овие јадења и се чувствувам како вистинска Велевска.
Дали научи барем малку македонски јазик? Што знаеш да кажеш?
Сè уште правам бебешки чекори во јазикот, знам малку зборови и изговорот ми е многу комплициран.
Би сакала ли некогаш да дојдеш да живееш тука?
Би сакала да живеам во Македонија, не само затоа што навистина ми се допаѓа земјата, туку затоа што мислам дека и ние би биле многу среќни да го имаме семејството на Бојан во близина.
Што има во Македонија, а нема на Гранд Канарија?
Во Македонија има семејство и пријатели, тоа е она што најмногу ни недостига...
Што се однесува до државата, таа е посебна приказна. Македонија се чувствува, се живее од моментот кога ќе згазиш на оваа територија, има душа. Како може да не сакаш ваква земја?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело