Миа од Скопје игра во серијата „Балканска приказна“: „Сама го научив јазикот, имав само половина час да се подготвам за улогата“
Дали со нетрпение исчекуваше да видиш како излегла сцената што си ја снимила? Како реагираше кога се виде себеси за првпат на екранот?
Искрено, епизодата излезе 3 дена по снимањето и јас сѐ уште не бев свесна за тоа што го имав направено.
Тој ден во мене живееше тоа мало девојче кое отсекогаш сонуваше и мечтаеше за овој ден.
Отсекогаш знаев дека ќе е многу тешко да стигнам до тоа да бидам на иста сцена со врвни глумци кои како мала ги гледав на екраните и живеев за моментот кога би можела само да си сликам со нив, за подоцна како споредна улога да делам иста сцена со нив.
Никогаш нема да можам да го опишам чувството коешто живееше во мене, тоа се сите чувства на малото девојче кое знаеше да сонува, испреплетени со чувствата на истото девојче кое тој ден гордо го живееше својот сон.
Моментот кога ја гледав сцената само бев горда затоа што никогаш не се откажав од тоа да верувам во тоа коешто секојдневно ми даваше сила и мотив за сѐ.
Имаше ли време за дружење со некои од актерите во серијата надвор од снимањата? Се спријатели ли со некого?
Се запознав и се спријателив со повеќето од актерите, но најмногу бев и сум во контакт со Сарп Бозкурт (кој ја толкува улогата на Ариф) и Гозде Џигаџи (која ја толкува улогата на Ѓулсен), со кои и ја делев сцената.
Моментот кој засекогаш ќе остане во моето срце е разговорот со Гозде пред да влеземе на снимањето.
Таа со мене се постави како најдобар пријател, како родител и проба, но и успеа да го разбуди тоа храбро мало девојче и да го поттикне со крената глава да застане пред таа камера и да го покаже својот талент и напорна работа.
Овој разговор со неа нема да можам никогаш да ви го доловам затоа што беше разговор како на родител со своето дете за, што до крајот на животот ќе ѝ бидам многу благодарна.
Морам да кажам дека ми беше чест да ги запознам глумците во реалниот живот и слободно можам да кажам дека покрај тоа што се врвни професионалци во својата област, тоа се навистина многу обични, нормални и приземни луѓе кои навистина ми помогнаа многу кога станува збор за глумата, а нивните совети ден-денес ми претставуваат ѕвезди водилки кога се работи за таа индустрија.
Со дел од глумците ден-денес сум во многу добар контакт и сум навистина среќна што имав можност да стекнам пријатели како нив.
Што беше она што најмногу те изненади за време на снимањето?
Најмногу ме изненади големината, професионалноста и организираноста на продукцијата, како и посветеноста на секој од тимот.
Слободата којашто режисерот им ја дава на глумците да ја почувствуваат пред камерата, како и неговиот приод кон глумците.
Ме фасцинираше топлината и хармонијата на снимањето којашто владееше покрај притисокот и напорната работа кои се составен дел кога станува збор за глумата.
Имаш ли некоја интересна случка што би сакала да ја раскажеш?
Еден многу значаен и интересен момент од самото снимање беше кога ја снимивме сцената, којашто е една од најтажните во серијата.
Тоа е сцената каде ликот на Ариф ни ја открива емотивната и болна страна на својата судбина.
Тоа е сцената која покрај тоа што ја расплака публиката, успеа да ги расплаче и сите кои беа зад камерите на самото снимање.
Дали кога би ти се укажала можност повторно би сакала да играш во некоја турска серија?
Се разбира дека мојата љубов спрема глумата е сѐ поголема и поголема и секогаш ќе бидам отворена за нови проекти.
Пред краток период добив понуда од турска серија којашто моментално се снима во Македонија, но поради обврски со факултетот не бев во можност да ја прифатам.
Но, се разбира дека понатаму би сакала и би ми било чест да бидам дел од некој ваков проект и да го усогласам факултетот.
Иако изгледа невозможно да се усогласат секојдневните ангажмани од факултетот со ваков тип на проект, верувам дека добрата организација, вербата и љубовта ќе ја отсликаат приказната којашто ја имам замислено.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело