Марко Митев, ракометар: „Кире Лазаров секогаш ме советува да не се плашам од противникот, колку и да е голем“
Кој е најдобриот совет што си го добил од Кире?
Најдобриот совет што сум го добил од Кире е дека никогаш не треба да се плашам од противникот, без разлика за кој тим се работи, и секогаш да одиме на победа.
Раскажи ми за твојата кариера од почетоците до денес... Како стигна до РК „Алкалоид“ и репрезентацијата?
Моите први тренинзи и почетоците на мојата ракометна кариера беа во РК „Аеродром“. Тоа беше клубот каде ја добив основата и каде почна да се гради, а потоа и да надградува моето ракометно знаење.
Таму поминав исклучително убави ракометни години, имав многу настапи во домашните младински лиги, но и во Првата лига.
Мојот прв повик за репрезентацијата во младинските категории го имав токму додека играв за овој клуб.
Следен клуб во кој преминав, а кој, исто така, остави значаен белег во мојата ракометна кариера е РК „Бутел“. Со нив настапував 2 години во Супер лигата и тоа, всушност, беше моето прво суперлигашко искуство.
Додека играв за „Бутел“ настапував и за Кадетската репрезентација на Македонија и го добив МВП признанието на шампионатот.
Во овој клуб созреав како играч, а во тоа време го добив и мојот прв повик за ракометната А-селекција.
Па, на 19 години, во Унгарија го имав и својот прв настап на ЕП, и сè до денес сум дел од репрезентацијата.
Кога ми заврши договорот со РК „Бутел“, преминав во РК „Алкалоид“, каде настапувам и во моментов.
Ова е клуб кој е поставен и се гради врз исклучително високи стандарди и критериуми за работа на спортски клуб. Тука моето ракометно усовршување продолжи во една нагорна линија, имам одлични услови за тренирање, напредок и надоградување.
Професионалноста во клубот е на највисоко ниво, па сметам дека токму ваквиот сериозен пристап кон секој сегмент што е важен за ракометот и животот на еден спортист, го дава позитивниот резултат.
Со „Алкалоид“ веќе почнаа натпреварите и на големата европска сцена. Какво е расположението во тимот? Верувате ли во успех и таму, но и во домашната лига?
Европската сцена е предизвик за секој ракометар, па така и за мене и моите соиграчи.
Искуството што се добива кога се играат натпревари во Европската лига се од непроценливо значење бидејќи тука се игра цврст, врвен ракомет.
Самото тоа носи енергија што мотивира и убаво расположение во клубот.
Во успех секогаш веруваме и секогаш одиме на победа, впрочем таков менталитет ни вгради нашиот тренер Кире.
Каква е атмосферата во соблекувалната на „Алкалоид“ кога победувате, а каква кога губите? Кој е тој што ве мотивира најчесто?
Победите ги доживуваме еуфорично и нормално дека им се радуваме.
Често славењето продолжува и надвор од соблекувалната, во некое кафуле, каде заслужено и релаксирано го славиме успехот.
Не е сеедно кога ќе се доживее пораз, но од поразите не се разочаруваме. Од нив учиме. Покрај нашиот стручен штаб, најголеми мотиватори сме си ние играчите.
Имаш само 20 години. Освен ракометот, што друго те преокупира? Дали студираш? Имаш ли хоби и како го поминуваш слободното време?
Да бидам искрен, многу ретко се случува да имам слободно време.
Приоритет ми се тренинзите и ракометот, но паралелно сум втора година, вонреден студент на Факултетот за физичка култура спорт и здравје.
Од неодамна сум и стипендист на Бизнис Академија Смилевски каде запишав и Бизнис менаџмент.
Иако сум вонреден студент, се трудам кога сум во можност да одам и да следам предавања.
Кога имам малку слободно време, излегувам со пријателите.
Се противеа ли твоите кога им кажа дека сакаш да си професионален спортист или те поддржаа во идејата?
Моите родители и брат ми ми се најголема поддршка во животот. Тие се секогаш со мене за сè во животот, а особено за ракометот.
Од самите почетоци кога јас бев на теренот, тие беа моја најсилна поддршка на трибините и сè уште е така.
Со нив секоја победа и радост се уште поголеми и позначајни, а секој пораз полесно се пребродува. Горд сум што се мои родители.
Да не си ракометар, што би сакал да бидеш?
Да не сум ракометар би бил спортски менаџер.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Приватна архива