Васко Гичевски е наставник по историја од Битола: „На мојот час не смее да има тажно дете, треба да работиме на историската писменост“
Како вие се справувате со врева, задевање и невнимание за време на часот?
Зависно од ситуацијата. Вниманието скоро секогаш се трудам да го привлечам со интересни податоци и еден комичен пристап во нарацијата.
Вревата, пак, ја смирувам со она класичното наставничко „Тишина деца“, па некогаш и правиме предизвик - „Кој прв ќе направи врева, ќе ја брише таблата цела недела“ и слични методи кои реално зависат од затекната ситуација.
Бидејќи, во наставата колку и вие да планирате, децата секогаш ќе направат нешто на коешто не сте ни помислиле.
Дополнително би кажал дека на моите часови секогаш има врева, јас градивото го предавам така што поведувам дискусија со учениците. Нешто што искрено го мразам е морничаво тивка училница, каде сите седат со унисон изглед на лицето.
Како го задржувате вниманието на учениците?
Се трудам градивото да биде пренесено на забавен, лесен и разбирлив начин, притоа многу често и го драматизирам.
Со учениците знаеме да направиме и „оживување“ на определени историски личности, користејќи се со драмската уметност, да играме асоцијации на историски теми.
Јас лично знам и да рецитирам делови од песни кои одат во прилог на градивото, да изнесувам секвенци од популарни литературни дела, сè со цел часот да биде забавен.
Понекогаш пуштам и музика од соодветниот период па заедно со децата анализираме за што ни говори определена песна.
Користам и историски извори преку чија анализа се овозможува на учениците да го доживеат определеното историско време, да ја развијат фантазија и да го збогатат своето знаење.
Како млад човек, имате ли амбиции да станете професор на факултет?
Искрено не сум имал такви амбиции, бидејќи мене секогаш желбата ми била да работам во основно или во средно образование.
Што од историјата ви е најомилен за истражување и проучување?
Јас активно се занимавам со проучување на Османлиската империја, односно Македонија за време на османлиското владеење.
Ориентиран сум кон социјалната историја на селото и селанството, па така особено ме интересира демографската, економската, културната, историја на Македонија, секојдневниот живот, воспитно образовните прилики...
Оваа година од печат ќе излезе и мојата втора книга посветена на социјалната историја на селанството од Битолскиот санџак во последните 30 години од османлиското владеење во Македонија (1879-1912)
Според вас, запознаени ли се младите со нашата историја или сè се сведува на учење за бројка, а не за знаење?
Кај нас треба посериозно да се работи на историската писменост на младите.
Да се поведат напори историја да не биде сфатена како телефонски именик со години, туку како една приказна.
Основната задача на историјата е таа да биде сфатена како едно искуство од минатото со коешто ние од денешницата се служиме за полесно да се избориме со определени предизвици и подобро да ја планираме иднината.
Треба, воедно, ова општество конечно да воспостави воспитно-образовен идеал, според кој ќе се знае кои квалификации и вредности треба да ги има еден образован човек и согласно знаењето и квалитетите, истиот да биде награден и да напредува.
Без да се укаже на потребата и знаењето, без општеството да ја истакне таа потреба и канализира, за жал ние ќе биде сведоци само на поголем степен на неписменост, што нè носи пак до милион други злокоби.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Б. | Црнобело