Вероника Караколева, оперска пејачка: „Не јадам 3-4 часа пред настап, избегнувам комуникација за да го штедам гласот“
- Детали
- среда, 10 јануари 2024
„Толку ми е силна љубовта кон музиката што не можам да се замислам ниту еден ден без неа. Кога настапувам јас не сум Вероника Караколева туку сосем некоја друга улога, во којашто навистина треба толку длабоко да се навлезе за да се внесеш во целата приказна“ – вели во интервју за CRNOBELO.com, младата оперска пејачка Вероника Караколева.
Вероника Караколева (23) од Велес е наша млада, надежна оперска пејачка, која со пеење почнала да се занимава од најмали нозе, а откако ги завршила студиите во Националната Музикална Академија „Проф. Панчо Владигеров“ во Софија, денес работи како драмски сопран.
Со Вероника разговаравме за тоа што значи да се биде драмски сопран, кои жртви треба да се направат за да се успее во таа професија, но и за тоа кои се нејзините ритуали што ѝ се неопходни за да биде успешна во својата професија.
Таа во интервју за CRNOBELO.com вели дека со нетрпение го очекува нејзиниот настап во Њујорк што ќе се одржи во септември годинава, во рамки на интернационалниот натпревар International Youth Music Competitions.
Во продолжение проследете го целото интервју со Вероника:
Кажи ни кој беше моментот кога одлучи дека сакаш да се занимаваш со оперско пеење и што значи да се биде драмски сопран? Како се вљуби во оваа професија?
Уште од мали нозе кај мене се појави огромна љубов кон музиката, така што на 6-годишна возраст станав ученичка во Музичкото училиште, денешно ООМУ „Стефан Гајдов“ во Велес.
Тука започнав да го изучувам инструментот виолина.
По завршувањето на основното училиште, го продолжив музичкото образование во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје, во отсек - музичар теоретичар, со изборен предмет – соло пеење, во класата на проф. Светлана Донковска.
Со изучувањето на музиката, кај мене се роди љубовта кон класичното пеење, па така почнаа да се развиваат и пејачките способности.
Со текот на моето развивање во оваа професија, мојот глас се насочи кон драмскиот репертоар и се до денес тој се движи во истиот правец.
Под драмски сопран се подразбира оперски сопран со моќен, богат и емотивен глас со драмски содржини во репертоарот.
Дали постоеле моменти во време на твоето образование кога си помислувала да се откажеш и да почнеш да се занимаваш со друга професија? Кога ти било најтешко?
Оваа професија како што е специфична, така и си има свој тешкотии.
Но, тоа го правам со љубов кон оваа професија и навистина не сум помислила да ја заменам или да се откажам од истата.
Ако не беше оперска пејачка, со која професија би се занимавала?
Мислам дека таа опција за мене не постои.
Толку ми е силна љубовта кон музиката, што не можам да се замислам ниту еден ден без неа. Дури имаше една ситуација на самиот приемен испит за во средното музичко образование, бидејќи бројката беше ограничена за прием, мојата мајка во еден момент ме праша што би ми било план Б, во случај да не ме примат.
Мојот одговор беше: „Не размислувам воопшто на тоа, јас го сакам само ова и ќе ме примат“.
Кои се позитивните, а кои негативните страни на оваа професија?
Негативни како негативни, ги нема. Но, голем труд, внимание и пожртвуваност има многу.
Сепак, на крајот, целата таа работа и труд се исплаќа со едно незаменливо и неописливо чувство.
Запознавањето со нови луѓе, нови диригенти, врвни музичари за мене е нешто многу убаво.
Или, пак, оној аплауз на самиот крај и не само тоа, туку и јас како уметник да може да го дадам она најдоброто од себе, тогаш самите ние сме исполнети.
Колку време вообичаено ти е потребно за да се подготвиш физички и ментално за една улога?
Првенствено морам да кажам дека досега сè уште не сум имала шанса за улога во опера, се надевам во скоро време.
Но, самите арии што ги пеам на концертите, дали било тоа заедно со пијанист или оркестар, бараат подготовки.
Сепак, се влегува многу длабоко во самата улога на аријата. Од сам старт прво се започнува со текстот, самата приказна: која сум, што сум во таа улога, музичко поставување и потоа за да изгледа сè како целокупен производ.
Дали и во операта може да се случи да ти бараат да направиш одредени промени во физичкиот изглед за одредена улога? Раскажи ни која е најдрастичната промена што си морала да ја направиш.
Мислам дека тоа ми е најубавата работа. Кога се работи до самата изведба, додека не излезам на сцена, да бидам сосема друг човек.
Нели, не сум јас Вероника Караколева, туку сосем некоја друга улога, во којашто навистина треба толку длабоко да се навлезе за да се внесеш во целата приказна.
Кој си? Што си? Како си? Зошто си?…
И мислам дека тоа е за мене барем најубавиот и најтешкиот дел бидејќи тоа публиката го чувствува, ако тие тоа го почувствуваат, тогаш знаеш дека мисијата си ја изработил како треба.