Ирена Димоска, жртва на семејно насилство: „Првпат ме удри по свршувачката, ме напаѓаше и кога плачеше нашиот син“
Дали некогаш сте биле во засолниште за жртви на семејно насилство?
Не сум била во засолниште, за среќа, моето семејство ми пружи голема поддршка.
Каков живот живеете сега? Има ли разрешница? Колку стравот уште го носите во себе?
Откако го напуштив уште долго време продолжи постсепарациона злоупотреба. Често добивав закани и притисоци.
Финансиски бев доведена до исцрпување. Тој одбиваше да ја напушти семејната куќа за која јас плаќав кредит. Дури и започна таму да живее со нова партнерка.
Имаше со месеци неплатени сметки. На крај пријавив да се исклучи струјата за да ја напуштат куќата и да можам да ја ставам на продажба.
Потоа, следуваше една голгота од уцени од негова страна за да стави потпис, а притоа и ја испразни куќата, вадеше дури и вградени радијатори.
Дури кога конечно се продаде таа куќа можам да кажам дека конечно почувствував олеснување и како дури тогаш конечно да се разведов.
Стравот постепено се намали. Првите месеци доживував стрес на секое ѕвонење на телефонот. Кога бев надвор од дома се чувствував како на игли, како да морам што побрзо да се вратам.
Сега, ми остана само некое чувство на недоверба кога првично запознавам нови лица.
Можам да кажам дека сега се чувствувам безбедно. Имав и среќа што бившиот партнер замина во странство.
И покрај тоа што тоа значи дека не добивам издршка и плус сè уште плаќам негови долгови, сепак слободата е незаменлива.
Колку е важна поддршката? Семејство, пријатели… Кој ви помогна најмногу во оваа ситуација?
Најголема поддршка добив од родителите, ме примија со отворена прегратка, без осудување.
Психолошки ретко кој е спремен да даде совет на оваа тема, дури и стручните лица не се толку информирани за вакви случаи, но кога ја имаме поддршката од околината лесно ќе се избориме.
Доста пријатели изгубив додека бев со насилникот, но сега повторно имам одбран круг на пријатели од кои добивам огромна поддршка.
Комуницирате ли со други жени – жртви на семејно насилство? Имате ли средби, колку ова ве охрабрува?
Уште кога излегов од насилната врска бев со идеја да направам нешто што ќе биде од помош за други жени кои се наоѓаат во слична ситуација.
Заедно со уште една жена водиме група на Фејсбук во која членуваат околу 1.000 жени. Кој сака може да ја најде како „Група за поддршка на жени жртви на физичко и емоционално насилство“.
Во почетоците жените не се осмелуваа дури ни да лајкуваат. Постепено успеваме да ги охрабриме да бидат поактивни, па макар и анонимно да се трудат да се информираат.
Споделувањето на искуствата за мене делува баш терапевтски, па имам создадено и Инстаграм профил на кој споделувам информации од едукативна природа.
Може да се најде како „Прекини ја тишината“ или @hearmetoo_stopthesilence.