Антонио Ѓорѓиев, јутјубер: „Криптовалутите се иднината, може да се заработи, но потребна е добра едукација“
- Детали
- вторник, 28 ноември 2023
„Инвестирањето во крипто сферата, на пример во биткоин, надминува каква било друга инвестиција во која било друга капитална сфера во светот (хартии од вредност, обврзници, ресурси...) “, вели велешанецот Антонио Ѓорѓиев, кој е магистер по финансии и финансово право. Тој живее на Малта, а на својот Јутјуб канал споделува едукативни видеа за криптовалутите, и тоа на македонски јазик.
Антонио Ѓоргиев (35) од Велес веќе пет години живее во Малта со својата сопруга и синот. Иако е магистер по финансии и финасово право, на медитеранскиот остров работи како менаџер за операции на мал хотел со поглед на преубавата Валета и медитеранското море, во центарот на најмонденскиот дел на Малта – Слиема.
Во неговото професионално искуство се вбројува и работа на брод, и тоа како златар, одговорен за најскапата и најголемата продавница на крузерите на MSC и Princess Cruises со искуство на повеќе од 9 различни крузери.
Но, она што е интересно за овој млад и успешен велешанец е неговиот Јутјуб канал – Крипто Гемиџија, на кој тој редовно споделува едукативни содржини и совети за сите Македонци кои сакаат да влезат во светот на криптовалутите.
За CRNOBELO.com Антонио раскажува дека неговиот живот добил сосема друг правец, па иако планирал да биде успешен адвокат, тој завршил на Малта, и вели дека го одбрал овој остров бидејќи е блиску до родната Македонија. Вели иако пред пет години, како и секој почеток, и неговиот бил тежок, веќе се навикнал на живот на остров и е задоволен од сè што тој му нуди.
Од дома, на Крипто Гемиџијата најмногу му недостасуваат велешката пастрмајлија, ајварот и сирењето.
Неговиот канал е првиот канал за крипто техничка анализа во Македонија и тој го работи доброволно, со цел да ги едуцира сите оние што имаат слични интереси како и тој. Неговата приказна со крипто валутите започнува во 2017 година, а во 2022 го почнува и својот канал.
Прочитајте го интервјуто со Антонио Ѓорѓиев:
Од Велес до Малта, како се реши да се преселиш на малиот медитерански остров?
Процесот не беше едноставен, некој да ми кажеше пред 15 години дека наместо адвокат ќе имам 5 години активен бродски живот низ целиот свет со можност да бирам каде ќе сакам да живеам – ќе му се изнасмеав.
Сепак, имаше многу потенцијални места каде сериозно размислував да живеам после моите екстензивни патувања – Сингапур, Аруба, Фуншал и Малта.
Но, Малта финално, затоа што е најблиску до Македонија (само 2 часа директен лет), место каде можам да ја донесам целата своја фамилија и најблиските од Македонија со најмал напор, што е веќе реализирано.
Колку долго си на Малта и колку си задоволен од животот на островот?
Ова моментално ми е петта година на Малта и искрено на почетокот беше малку комплицирано да се стационираш овде, но многу полесно од останатите дестинации во Европа.
Секако, во овие пет години многу промени настанаа на малиот остров, меѓу кои и олеснување на процесот со кој можеш да пристигнеш како турист, а да останеш како резидент. Сè повеќе и повеќе се подобрува овој процес.
Што најмногу ти се допаѓа на Малта, а што не?
Реално, стандардот не е толку висок како во северните европски земји, но има вистински шанси за успех на подолг рок.
Процесот да донесеш член на својата фамилија или пријател е многу полесен од каде било во Европа – што е и една од главните причини поради кои се одлучив за Малта.
Следна причина на списокот нормално е 0% данок за инвеститори во крипто технологија и криптовалути, како и тропската клима каде летото е добри 9 месеца од годината со многу благи зими.
Последна, но доста битна причина за мојата фамилија и блиски, е англискиот јазик како официјален јазик на Малта покрај нивниот локален – арапски дијалект.
Дали ти беше тешко да се приспособиш на живот на Малта? Како течеше барањето работа, како те прифатија локалците и се одвиваше целата процедура за вадење документи?
Искрено, почетни позиции на Малта има во многу голем број, дури и за лица кои не говорат англиски. Потребни ми беа 2 месеца од дозволени 3 за да најдам соодветна работа како ноќен менаџер во хотел, но тоа е само затоа што барав повисока позиција и можев да си дозволам да останам подолго на островот без да морам веднаш да најдам работа.
Почетни позиции можат да се најдат буквално за неколку дена, додека секој работодавец овде е многу добро запознаен со процедурата за вработување странци (или како овде во демократската Европа нè нарекуваат Third world country citizens или „жители од Третиот свет“) затоа што 99% од работната сила е составена од странци, а добри 80% од нив се од Балканот и надвор од Европа.
Лесно е да се подготви документација затоа што скоро целиот процес веќе е усовршен и се завршува од страна на работодавецот. Само договор за закуп на стан и основни документи за идентификација се потребни од страна на работникот, па дури и ако е Third world country citizen – име што не можам да им го простам.
Би се изненадиле колку Македонци и Срби има во Малта – има места како малиот град Буџиба каде е поголема веројатноста да бидете услужени на нашиот македонски јазик отколку на англиски.
Локалните жители – скоро и да немате допир со нив. Поголемиот дел од нив се сопственици на сè што е дел од туристичката индустрија и работната сила на островот е сè освен Малтежани.
Истите тие имаат обичај да живеат во најчесто затворени заедници и се иселени од градовите во кои живееме ние, да не се повторувам – Third world country citizens.
Што најмногу ти недостига од дома?
Велешка пита пастрмајлија, ајвар и македонско сирење (на запад мислат дека кашкавалот е сирење, за жал).
Покрај твоите работни обврски, имаш канал на кој споделуваш информации и совети за криптовалути. Колку време го имаш каналот, како почна со објавување на содржини за криптовалути и на која публика ѝ се обраќаш?
Искрено, на почетокот на 2022 година многу од моите пријатели во Македонија сакаа да знаат повеќе за криптовалутите, блокчејн технологијата и техничката анализа која ја правев за себе затоа што долго време инвестирам во овој капитален сектор.
На почетокот, на барање на моите пријатели, објавував мои технички цртежи со пишана содржина на неколку Фејсбук групи, со цел да помогнам во едукација на Македонците кои беа дел од групата и да разменам идеи со други инвеститори и трговци кои користат техничка анализа.
За жал, ова беше моментот кога увидов дека во Македонија не постои скоро никаква едукација или знаење за оваа технологија која има потенцијал да стане една од најголемите капитални сектори за инвестирање во светот, како и за техничка анализа на пазари (со исклучок на поединци кои се самоедуцирани).
На барање на Македонците од овие две групи, одвоив време и направив неколку видеа со почетнички курс за техничка анализа кој имаше многу голем интерес и тоа се преточи во денешниот Јутјуб канал „Крипто Гемиџија“ – првиот канал за крипто техничка анализа во Македонија.
Да не заборавиме дека јазичната бариера е еден од главните проблеми за оваа неинформарианост околу криптовалутите – има премногу едукација, но не и на Македонски јазик за жал. Тоа се обидувам да го исправам преку мојот Јутјуб канал.
Како почна твојата заинтересираност за криптовалутите?
Мојата работа со криптовалути започна уште во 2017 година кога за првпат бев запознаен со најголемите две валути етереум и биткоин (од мој многу близок другар кој работеше на активен „мајнинг“ или „копање“ на етереум). Но, за жал бев во бродскиот дел од мојот живот, па немав доволно време да научам нешто повеќе за оваа крипто блокчејн технологија, и Bull маркетот (период на енормен раст на цените на криптовалутите) во 2017-2018 година го следев активно од брод, со мали инвестиции во оваа капитална сфера.
Крипто Гемиџија – како се роди тоа име? Раскажи ни малку за твојот канал, почетоците, инспирацијата...
Каналот „Крипто Гемиџија“ е целосно бесплатен медиум за едукација во сферите на економијата, инвестирањето и криптовалутите исклучиво на македонски јазик.
Како што веќе читателите имаат претстава, по потекло сум од Велес – градот на легендарните гемиџии и солунски атентатори. Целиот мој живот сум воден од примерите на нашите херојски предци, Поп Јорданов, Кирков, Мечев, Пингов, да ја сакам нашата Македонија и да се борам за неа.
Но, откако ваквата борба се претвори во гола борба за егзистенција, каде интелектуалците се осудени да трпат поради неправдите во Македонија кои сите ги знаеме, што доведе до моето напуштање на државата – ова име одлучив да го ставам на мојот канал како порака до сите Македонци кои ја следат мојата содржина.
Примерот кој се обидувам да го пренесам на Македонците ширум светот е дека само како заедница, со меѓусебна размена на едукација, идеи и информации можеме повеќе и подобро – што е пример кој гемиџиите го дале за нашиот народ и држава со своите саможртви. Кога ќе погледнете што една рака гемиџии направила на тогашната моќна турска империја, замислете што глобална заедница од финансиски независни (нешто што го овозможува блокчејн технологијата), интелектуални и способни за критичко размислување Македонци можат да направат…