Александар Пановски, професор на деца со предизвици во развојот: „Горд сум кога учениците ме пречекуваат со прегратка, Ребека е мајка борец“
Колку е важна соработката со родителите и старателите за да се остварат подобри резултати? Се вклучуваат ли и родителите во образовниот процес? На кој начин?
Соработката со родителите и старателите во воспитно-образовниот процес на учениците е од круцијално значење.
Родителот е тој кој нѐ „храни“ нас наставниците со информации за своето дете. Инфорамции кои се од особена важност при градењето на понатамошна слика за секој ученик одделно.
Тие имаат увид во целокупната наша работа и директно се вклучени во повеќето активности и креативни работилници, организирани од страна на училиштето, кои најчесто се од отворен и јавен карактер.
Голем дел од родителите секојдневно се присутни во училиштето, од една страна поради фактот што секогаш настојуваат да бидат поблиску до своите деца (страв или несигурност да го остават детето само), но има и родители кои се приморани да бидат „врзани“ за своето дете, бидејќи друга алтернатива би била издвојување на дополнителни финансиски средства за придружник, нешто што ретко кој од нив може да си го дозволи во денешно време.
Ова претставува сериозен општествен проблем со кој треба да се позанимаваат оние, кои навистина имаат можности тоа да го решат. Секој заслужува да „купи“ малку време за себе, а замислете колку тоа време би им значело на овие родители, да можат барем за момент да здивнат од реалните тегоби со кои секојдневно се соочуваат.
Во колкава мера децата со посебни потреби подоцна можат да се вклучат во пазарот на трудот и од што зависи нивното вклучување?
Лицата со попреченост неретко знаат да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Имаме ученици (во зависност од степенот на попреченост) кои долги години веќе се инсталирани на повеќе работни позиции во некои од поголемите компании (печатници, месни индустрии, конфекции, фабрики, авто-сервиси и слично).
Покрај тоа што честопати сме сведоци на разни злоупотреби од страна на одредени работодавци, главно поврзани со нивната материјална егзистенција, добар дел веќе имаат оформено свои семејства и воспоставено стабилни работни односи.
Ние како училиште сме секогаш отворени за сите ученици кои завршиле кај нас и истите повеќепати знаат да наминат за некој совет од секојдневниот или професионалниот живот, а знаат и да си дојдат на малку „муабет“, едноставно да искажат некој реален проблем или, пак, да нѐ освежат со одредена новина од нивниот живот.
Не би сакал да влевам песимизам, бидејќи по карактер секогаш сум оптимистички настроен, но морам да истакнам дека добар дел од нив и покрај завршеното соодветно образование, остануваат да бидат доживотен „товар“ на своите најблиски роднини или старатели, институционално заборавени, да се грижат сами за себе.
Во колкава мера образовниот процес во Македонија ги следи светските стандарди? Во кој поглед, според вас, би можеле да се подобриме?
Неблагодарно би било да речам дека во секој поглед треба да се подобруваме, иако за голем дел од работите сум на став дека ни е повеќе пренесена вина.
Сами како индивидуи е многу тешко да постигнеме забележливи резултати. Мора да бидеме максимално поддржани од државата, а таа да има цврсто изградена стратегија како понатаму со оваа категорија лица.
Дотогаш ќе останеме „немо љубоморни“ на некои од поразвиените земји, без посериозно право на мислење и глас.
За мене лично како наставник од угостителско-туристичката струка, следењето на светските стандарди значи отварање производно-услужно одделение во нашето училиште и соработка со некои од поголемите наши компании или, пак, отварање кујна од јавен карактер, во која заедно со моите ученици секојдневно ќе подготвуваме барем по еден оброк за лицата од социјално-ранливите категории.
Од неодамна со мојата ценета колешка Жана Божиновска конкуриравме со проект во Фондот за иновации и технолошки развој (зелени проекти) и добивме финансиска училишна поддршка за купување опрема, која во иднина ќе ни користи за подготовка на наши, домашни зачини.
Сте имале ли досега некоја тешка ситуација со ученик или родител? Ако можете споделете како сте ја надминале.
Не би можел да издвојам некоја особено тешка ситуација која сум ја имал во текот на моето работно искуство. Гледајќи ја само светлата страна на светот, најчесто така и ги доживувам работите, иако понекогаш, гледано од страна, сето тоа можеби изгледа и малку поинаку.
Моето мото како наставник е на родителот да му дадам до знаење дека штом го остави своето дете во училиште, таму ќе наиде на тим од професионалци, специјално обучени, кои несебично ќе му го посветат целото внимание и дека тој тоа време ќе може да биде спокоен и безгрижен.
Во суштина сите ние сме само обични луѓе кои понекогаш знаат и да погрешат, но секоја работа што се работи со љубов и меѓусебно почитување, на крајот од денот ќе резултира со успех.
Ако една насмевка може да разбуди безброј срца, ајде да бидеме несебични и веднаш да ја споделиме...
Кога како професор сте се почувствувале посебно горди? Можете ли да ни опишете некоја таква ситуација?
Како професор посебно горд се чувствувам секој нов работен ден.
Дали можете само да замислите како изгледа кога ќе влезете во училишната зграда и кон вас ќе бидат упатени безброј топли прегратки?
Е, токму тоа е нешто што треба да се доживее, на кое човек не може, а да не биде горд.
Богат човек е оној човек кој има многу пријатели, а овие мои вистински пријатели прават да се чувствувам посебно горд и најбогат на целиот свет.
Работата со лицата со предизвици ја сметам како најблагородна мисија, во која ќе бидеш сакан и почитуван само доколку и ти сакаш и почитуваш.
Вие сте класен раководител на синот на Ребека, Маркијан. Пред извесно време таа јавно ве пофали и ви се заблагодари. Колку ви значат како наставник ваквите јавни пофалби?
Во услови на едно разнишано време и потрага по вистински вредности би рекол дека случајно „украдов“ мало внимание на дел од мојата секојдневна работа, внимание кое широко одекна во повеќе наши домашни портали, вклучувајќи го и вашиот.
Не, јас не сум ништо поразличен од сите други кои навистина си ја сакаат и негуваат својата работа. Тоа што се најдов во „вистинско“ време на „вистинско“ место е причината поради која денес имаме многу заеднички работи јавно да споделиме, со сите вас.
Маркијан е интелигентна личност со исти или слични потреби како и сите други дечиња на овој свет. Да можеме за некого отворено да зборуваме, треба најпрво вистински да го запознаеме.
Тој сака да се шегува, шета, гушка и радува, подеднакво исто како и секое друго дете. Помислете само на онаа лавина од позитивни коментари на социјалните мрежи, колку всушност срца Маркијан стопли со неговата природна насмевка, па за момент покрај него и јас се почувствував голем.
За Ребека покрај тоа што е јавна личност, ќе речам дека таа е жена со широко срце, мајка борец, која покрај сите животни предизвици, несебично го одвојува секој дел од своето драгоцено време да им помогне на сите оние кои ја делат истата нејзина животна судбина. Во мојата долгогодишна работа немам сретнато личност која толку многу се вложува да ги исправи нештата во ова наше мало општество, поврзани со оваа категорија лица со попреченост.
Секако дека многу ми значат сите пофалби од нејзина страна и истите ме охрабруваат и прават нејзин сојузник, и сојузник на сите други родители кои имаат деца со попреченост, во борбата за добивање поголеми права, бидејќи тие тоа навистина го заслужуваат.
Од нас зависи и сосем малку е потребно (ако смеам да ја цитирам) да се даде, за да се добијат многу насмевки, а тоа нам сите на крајот ќе ни ја стопли душата.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело