Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за тоа како е зачната“
Дали кариерата дојде во втор план откако станавте мајка?
Апсолутно не. Напротив мотивот повеќе да творам и создавам нови модуларни програми и да верифицирам нови наставни програми, се зголеми токму поради неа.
Сега имам уште поголем мотив да ги следам европските трендови низ стручните училишта и едукативните центри: што се бара и што е актуелно на пазарот на труд, кои профили на кадар се најбарани за работа во странство.
Па, во иднина, доколку одлучи да ја преземе фирмата, ќе има голем избор на наставни програми.
Јас лично сега се вложувам себеси, моето искуство, моите соработници, со цел да ѝ биде сè достапно во иднина ако се одлучи да го продолжи ова што го градам. Можеби ќе реши да замине во странство, но јас и тогаш ќе бидам покрај неа.
Јас мојот сон го реализирав и би сакала и таа да ги следи своите соништа, бидејќи само на тој начин би била успешна.
Јазот во годините помеѓу мене и Анна ме наведува не само повеќе да работам на работа, туку повеќе да работам и на себе - прво да се грижам многу повеќе од кога било за сопственото здравје, да посетувам стручни курсеви и обуки за личен развој, и следење и изучување на сите новини кои ни престојат со модерната технологија и вештачката интелигенција.
Ова го почувствував посебно кога се роди Анна.
Како расте, има потреба да ѝ помагам, сака потврда од мене дали одредени работи се исправни или погрешни.
Колку повеќе сум информирана, толку ќе можам полесно да ја следам и да ја разберам, да нема меѓу нас голем јаз.
Работите толку многу брзо се менуваат и се движат, а таа впива сè и бара многу одговори.
Ќерката ја родивте на 48 години. Дали одлуката да станете мајка ја донесовте спонтано или отсекогаш сакавте да имате дете?
Јас отсекогаш сакав да бидам мајка и длабоко во себе верував дека тоа ќе биде на некој начин, но проблемот беше во тоа што јас бев заробена со мојот младешки дух и си го пролонгирав тој момент.
Мислев дека сум млада, здрава и има време за тој чекор.
А и на овој чекор што се решив, исто така не беше преку ноќ, туку целата таа постапка се одвиваше долг период.
Морам да бидам искрена - јас не се чувствувам како класична мајка. Не знам како да го опишам тоа точно, но сè правиме како другарки.
Двете во еден простор бараме права за себе и свое место: јас барам место за седење, таа бара место каде што ќе има повеќе играчки, иако мене ми треба простор за класери за работа.
Таа мене ме потсетува да не заборавам да ги понесам очилата, телефонот, во кујната секогаш гори нешто и таа ми кажува дека мириса нешто на изгорено, води грижа да не јадам многу, сака да ослабам, ја сака мајка си од фотографиите и сака да бидам иста како пред да дојде таа на свет.
Во многу ситуации е многу зрела, но во суштина е дете.
Односот ни е како на две пријателки, како цел живот да била со мене во домот.
Се расправа, бара права, изјавува свои ставови и мора на крај да има компромисно помирување.
Различно во однос на периодот кога не сум била мајка е што сега станав поодговорна за времето за себе поради неа.
Претходно немав чувство за време од работа, не ми пречеше да седам на работа по цели денови од 7 наутро до 11 навечер.
Останував заробена во канцеларија со документи, измислував некои проекти само да не одам порано дома.
Едноставно домот не го сакав. Таму најубаво ми беше само во периодот кога многу цртав, плетев, обработував накит, креирав рачни чанти и модни додатоци за коса, кога организирав журки и забави.
Кога и сето тоа ми здодеа, прекинав да ги правам, гледав што повеќе да бидам на работа и пишував многу проекти.
Сега се трудам да научам да готвам. Не ми оди од рака, но давам сè од себе да биде добро приготвено.
Сега имам време за себе, за Анна, за работата, а посебно да се грижам за сопственото здравје за кое никогаш досега не сум водела грижа.
Имавте ли поддршка од блиските – и кога решивте да родите дете сама, без партнер и во растењето и подигањето на ќерката?
Имав поддршка од сите, почнувајќи од семејството, целиот тим на вработени, блиски пријателки, другарки, долгогодишните клиенти, а сегашни веќе и пријателки.
Секој помагаше на различен начин, со различни совети, споделуваа нивно искуство. Сите ме охрабрија на еден посебен начин.
Но, се разбира, имаше и такви кои не го делеа моето мислење од сам почеток.
Ама, и нив ги сослушував, иако не ми влијаеја нивните мислења и коментари.
Сите ги слушав, но на крај секогаш сама носев одлука.
На почетокот мислеа дека е уште еден од моите многу хирови, нова ‘играчка’ и дека ова задоволство брзо ќе ми помине, знаејќи дека сум љубител на работата и колку сум посветена.
Никој не веруваше дека можам паралелно да ги прилагодам и двете обврски и со иста страст да им се посветам.
Но, никој не можеше да претпостави дека ова мене ми требало многу.
Најголемата поддршка и помош ја имам од сестра ми, тета Марија. Таа е борец, посебна сестра.
И иако ние двете сме многу различни, како од два света, таа го посвети целиот свој живот на семејството, се грижеше за мене како мајка, водеше грижа за брат ми, им се посвети на нашите родители, а сега подеднакво се грижи и за Анна.
Таа ѝ е како втора мајка, и не само што ја чува, туку е вклучена и во воспитувањето, па заедно се договараме како да ѝ говориме, на кој начин да ѝ се обраќаме и на ист начин ги пренесуваме сите информации кои треба да ги прими.
Сите празници ги поминуваме заедно, шетаме, планинараме, за сè што е потребно, тука е за неа.