Бојан Велевски, стенд-ап комичар: „Сопругата не можам да ја ‘омекнам' со шега кога ми е лута, во Кочани ме фати смеа среде настап“
- Детали
- четврток, 19 октомври 2023
„Тие генерации што израснавме во тоа време, со 'Наше маало', 'Големи и мали', знаеме колку беа популарни. Посебно 'Наше маало'. Уживавме во снимањето. Популарноста знаеше на моменти да биде голем залак, бидејќи бевме деца, но сепак носам само убави спомени од тие времиња“, се сеќава Бојан Велевски во интервју за CRNOBELO.com.
Актерот и комичар Бојан Велевски (35), кого многумина ќе го препознаат по улогата на Ице во детската серија „Наше маало“, веќе неколку месеци е на турнеја низ земјава со својот стенд-ап „Све ли ја да мислам“.
Ова е забавна „претстава“ која не ја остава публиката рамнодушна.
А нивното смеење понекогаш може да е до толку „заразно“, што Бојан признава дека неодамна и него го понела нивната смеа, па, и тој им се придружил и слатко се насмеал.
Реакциите се секаде одлични, а Бојан е во исчекување на големото финале, последните две претстави од турнејата, кои се закажани за 18 и 19 ноември во Скопје.
За сè што му се случува на турнејата, тој често дебатира со својот 5 и пол годишен син, Војдан.
„Сѐ му е јасно околу турнејата и секогаш ми вели ‘Ајде да одиме на сладолед да ми кажеш како си помина’. Демек го интересира... до сладоледот му е“, вели на шега Бојан.
Во меѓувреме комичарот не се откажува ни од своето хоби, фитнесот и фудбалот, но и од читањето книги, кои му се страст.
Најчесто чита политички трилери, стручна литература за психологија, маркетинг и бренд менаџмент.
Освен актерството и стенд-ап, работи и copyright, маркетинг стратегии, креативни и оперативни решенија за разни брендови.
За љубовта кон актерството и како е да се биде комичар во Македонија, тој ни раскажа во интервју за CRNOBELO.com:
Во моментов „растураш“ низ Македонија со стенд-ап турнејата „Све ли ја да мислам“. Претставите се распродадени, се чека големото финале во Скопје. Очекуваше ли ваква реакција од публиката?
Ова е проект на кој работиме три години во Lollipop entertainment group, каде има тим кој гради стратегија на краток, среден и долг рок за секој артист поединечно.
Внимателно го биравме тајмингот за оваа турнеја, па така и очекувањата беа во рамките на она што сега го гледаме „на терен“, а тоа се полните сали.
Дали луѓето секаде реагираат исто? Кој „муабет“ најмногу ги засмева?
Имам големо искуство кога се настапите низ Македонија во прашање. Па, така, настапот ми е прилагоден за секој град.
Точно знам во град на што да внимавам, а што да потенцирам.
Инаку, редовно уживаат кога имам комуникација со публиката. Има луѓе кои доаѓаат на моите настапи пред сѐ заради оваа моја карактеристика.
Сам ли го пишуваше сценариото? Импровизираш на сцена или се држиш до напишаното?
Овојпат, по десет години активно пишување за себе, решив да направам исчекор од она што ми е познато, па тој сегмент му го доверив на Божидар Божиновски (Моџо Килингтон).
Напиша одличен текст. Се разбира, дека внатре во текстот сум и јас, но изборот на темите е негов.
Текстот е следно ниво на нашата сцена. Драго ми е што го добива заслуженото внимание.
Ти се случува ли поради смеењето на публиката да се засмееш и ти, до толку што не можеш да продолжиш?
Ми се случи сега во Кочани да ме фати смеа среде настап. Одамна ми се немаше случено и баш уживав во тие десетина секунди.
Инаку, професионалноста ми е многу важна и тука нема отстапки, макар тоа било и забавно за мене на сцена.