Јасмина Цветковска 9 години живее во Сиднеј: „Како инженер лесно најдов работа, но проблем се скапите кирии и станбените кредити“
Работите во Институт за истражување на срцеви заболувања? Можете ли да ни објасните во кратки црти што опфаќа вашата работа?
Работам научно-истражувачка работа во еден од најпознатите институти за кардиоваскуларни заболувања во Австралија, и еден од најдобро рангираните во светов во таа област.
Професорката која ја води лабораторијата е една од најдобрите генетичари во кардиоваскуларната област во светот и е еден од пионерите во откривањето на најчестите мутации кај срцевите протеини, кои предизвикуваат кардиомиопатија и атријална фибрилација.
Нашиот тим се занимава со генетски скрининг на фамилии кај кои има членови кои се дијагностицирани со овие две напоменати болести погоре.
Им се зема ДНК, се секвенционира геномот и се утврдува која мутација ја поседува пациентот. После тоа се утврдува дали и некои други членови на потесното семејство се носители на таа мутација и ако одговорот е потврден, тогаш резултатот се дискутира со нивниот кардиолог и се препишува соодветна терапија или се предложува соодветен животен стил како би се одложила болеста за подоцнежните години, т.е. се бара начин како би се продолжил нивниот животен век.
Исто така, овие утврдени мутации од пациентите потоа со генетски инженеринг ги префрламе во животински модел, во нашиот случај тоа е еден вид на тропска риба, Zebrafish.
Оваа риба има солидно конзервиран геном, со повеќе од 60% сличност со човечкиот геном, сличен срцев ритам како и човечкиот и нивните ларви се транспарентни што ни овозможува да го набљудуваме срцето подобро.
Ние сме првата лабораторија во светот што воспоставивме протокол за ЕКГ кај овој животински модел, што нè прави особено горди затоа што тоа овозможи огромен напредок во науката во оваа област.
Моја специјалност се сите техники од молекуларната биологија, култура на ткива, имунохистологија, конфокална микроскопија и многу други научно-истражувачки техники. Моментално покрај научната дејност, исто така имам позиција менаџер на лабораторија, што секако е многу одговорна, но во исто време и предизвикувачка и интересна работа.
Добрата работа во западните општества е што ти го ценат трудот, знаењето, лојалноста кон фирмата и посветеноста кон работата, и сето тоа придонесува за неминовен успех и напредок во кариерата.
Лесно ли се навикнавте на животот во Австралија?
Животот надвор од сопствената земја не е лесен, особено не на почетокот. Се соочувате со ново општество, нова култура, систем на вредности. Буквално започнувате од нула, што би се рекло.
Исто така за многумина јазикот е голема бариера затоа што многу е поразлично кога треба да се соочите со разговорен англиски. Австралискиот акцент е уште потежок за разбирање, но со тек на време увото се навикнува. Во принцип, во Австралија многу работи се поразлични од Македонија.
Тргнувајќи од фактот дека Австралија се наоѓа на јужната хемисфера, годишните времиња се спротивни од тие во Македонија, што ми беше едно од најтешките нешта да се навикнам.
Искрено големите верски празници го немаат тој блесок како во Македонија, една од причините е климата. За Божиќ пример се оди на плажа, мене тоа воопшто не ми е симпатично, јас повеќе преферирам зимска атмосфера.
Исто така храната, вкусот на зеленчукот не е како во Македонија, што верувам ќе се согласат сите што живеат надвор. Овошје, месо имаат баш добро.
Односите помеѓу луѓето, ние сме посрдечни, луѓето на запад се позатворени и поодмерени во начинот на комуникација, но се тоа се учи со тек на време. Имаат поразличен начин на хумор, но сето тоа во принцип е интересно да се доживее.
Кои македонски навики лесно ги отфрливте и постои ли нешто од кое не можете да се откажете?
Хах, интересно прашање. Прво нешто што ми текнува е дека лесно се одвикнав од помислата да вклучам бојлер затоа што во Австралија топлата вода се добива од греење на гас и секогаш има топла вода, што е огромно олеснување, искрено.
Исто така, потребата секогаш да бидеш премногу внимателен на пешачки премин…
Овде возачите намалуваат и застануваат на пешачки премин независно дали има пешак или не.
Дефинитивно не можам да се откажам од многу македонски, па и балкански брендови за храна, но за среќа во Австралија има увоз на доста продукти од Македонија и поранешните југословенски републики, има неколку добри ресторани со автентична македонска кујна, така што се снаоѓаме.
Што е она што најмногу ви се допаѓа од животот во Сиднеј?
Сиднеј е град кој изобилува со природни убавини, кога првпат го видов во живо си реков, ако постои рај на земјата, тоа дефинитивно е ова.
Град со над 100 плажи по должината на брегот, со најпознатата плажа Bondi Beach, со невидена магија на Пацификот така што во лето секој викенд може да ви биде како различна авантура од одмор, а сепак сте дома.
Исто така тоа е град кој изобилува со зелени површини и прекрасни, огромни паркови каде Австралијанците поминуваат многу од своето слободно време, едноставно уживаат да бидат во природа и да се забавуваат надвор.
Во секоја населба мора да има парк, ако не и два.
Сиднеј не може да се споредува со европските метрополи во однос на историски атракции со оглед на тоа што е релативно нов град, зборувам после колонизацискиот период, но сепак има историски локалитети околу центарот на градот кои се интересни да се посетат.
Во последните години се придава големо значење на Абориџините и нивната култура која е најстара жива култура во светот, над 60.000 години, така што неретко може да се забележат настани и манифестации кои ја доловуваат нивната историја.
Покрај природните убавини, Сиднеј е познат и по најголемото пристаниште, Circular Quay, заедно со мостот Harbor Bridge, како и иконата на Сиднеј, Opera House.
Сето тоа е поврзано во една прекрасна целина и е главна атракција за многу туристи во текот на целата година. Исто така околу Сиднеј има неколку големи национални паркови, кои пленат со нивната убавина и уникатност во однос на флората и фауната.
Тука може да видите коали и кенгури и огромни еукалиптуси, кои се типични само за Австралија и никаде на друго место на светот.
Во непосредна близина на Сиднеј се наоѓаат Blue Mountains, или Сините Планини, кои името го добиле точно поради огромните еукалиптусови шуми од кои испарува маслото и во допир со влагата од воздухот се добива сина рефлексија по која планините го добиле името и се навистина магични да се видат во живо.
Точно поради таа магија, Абориџините ги сметаат за свето место.
Сиднеј го сакам исто и поради изобилството на различни кујни од буквално целиот свет.
Тука може да се пробаат автентични јадења од сите меридијани на земјата.
Градот е инфраструктурно многу среден, со одличен јавен превоз и сè уште многу се инвестира и се гради, нормално со зачувување на постоечкото зеленило.
За разлика од кај нас во Македонија, тука пред да се гради некој објект, прво се заштитуваат дрвата околу па потоа се почнува со градба. Исто така, еве девет години сум тука, незамисливо е да видите улични кучиња или мачки, ѓубре по улиците…