Ана Јаневска: „Мојата домашна библиотека брои 418 книги, а ги обожавам крвавите трилери на Крис Картер“
- Детали
- петок, 25 август 2023
„Сите книги ми се многу драги и честопати знам да си застанам пред полиците и да им се восхитувам. Но, најдрага книга ми е потпишаниот примерок од романот „Genesis“ од Крис Картер, книга што тој ми ја испрати од Лондон“, раскажува Ана Јаневска за CRNOBELO.com.
Ана Јаневска од Скопје е студент на факултетот за Музичка уметност, работи како преведувач од англиски на македонски јазик и дизајнира постови за социјални мрежи.
Во слободно време сака да пешачи, да игра тенис, да оди во кино. Но, нејзиното најголемо хоби е читањето книги.
За CRNOBELO.com таа говори за ова нејзино хоби:
Како започна твојата љубов кон собирање на книги и создавање на своја библиотека? Имаше ли некоја одредена книга или момент што ја разгоре оваа страст во тебе?
Уште од мали нозе сум сакала да читам. Белетристика почнав да читам од тринаесетгодишна возраст.
Првиот роман што го прочитав беше „Раскажи ми ги соништата“ од Сидни Шелдон и таа книга дефинитивно ми ја побуди љубовта кон книгите.
Од љубовта кон книгите се роди и желбата да имам своја библиотека, а домашната библиотека ми е омиленото катче во домот, нешто што ми ја исполнува и топли душата.
По кои критериуми се водиш кога на полиците од библиотеката треба да сместиш нова книга?
Во домашната библиотека си имам создадено некој свој „систем“ и секоја книга си има свое место на полиците. Новите книги најпрво ги сместувам според издавачка куќа, потоа по жанр и на крај по боја.
Колку книги брои твојата домашна библиотека? Колку од нив имаш прочитано?
Во моментов мојата библиотека брои 418 книги, а прочитани ми се повеќе од половина (некои и по 2-3 пати).
Ана, како со текот на годините еволуираше твојот читателски вкус?
На почетокот ми се случуваше да не оставам книга недочитана, дури и ако не ми се допаѓала и читав само трилери.
Со текот на времето почнав да експериментирам и со други жанрови (драми, романси, историски), и можам да кажам дека сега точно знам што ми се допаѓа и што ме привлекува, а што не.
Од каде најчесто ги набавуваш книгите? Постојат ли одредени книжарници или антикварници што ги посетуваш секој месец?
Книгите на македонски јазик ги набавувам од нашите книжарници, најчесто ја посетувам книжарницата на Сакам Книги, таму можам да останам буквално со часови.
Но, во последно време почнав да купувам книги само на англиски јазик и во моментов Академска Книга ми е омилена книжарница.
Можеш ли да ни кажеш кои ти се најдрагите изданија што ги имаш дома?
Сите книги ми се многу драги и честопати знам да си застанам пред полиците и да им се восхитувам.
Но, најдрага книга ми е потпишаниот примерок од романот „Genesis“ од Крис Картер, книга што тој ми ја испрати од Лондон.