„За 2 месеца стигнав до 1 милион следбеници“ – Марија Мешкова стана најследена Македонка на Инстаграм со видеата за учење англиски
- Детали
- понеделник, 24 јули 2023
„Пред повеќе од 1 година одлучив да создадам бренд како ментор за течно говорење англиски јазик. Работев деноноќно и посветено за да создадам креативни содржини. Сето тоа беше со минимален резултат, но многу уживање во процесот. Во 8-иот месец, едно од моите видеа достигна неколку милиони прегледи“, раскажува Марија Мешкова за своите почетоци кога скоро „преку ноќ“ стана најследена Македонка на Инстаграм.
Марија Мешкова (28) со своите преку 1.1 милиони следбеници на Инстаграм е најследената Македонка на ова социјална мрежа. Својата публика ја привлече со едукативните, но и интересни видеа за течно говорење англиски јазик.
Taa е и претприемач и дигитален креатор, па освен импресивната бројка на Инстаграм, има многу следбеници и на Јутјуб и ТикТок. А, следбениците ја препознаваат по името Zenfluent Maria.
Марија за CRNOBELO.com вели дека и денес ѝ е неверојатно како за малку повеќе од една година успеа да привлече толкаво внимание со содржините што ги креира на дигиталните платформи.
Но, таа не престанува да креира, напротив, ова ѝ е дополнителен мотив да работи напорно, да создава нови содржини, но пред сè да им помогне на своите следбеници да научат да зборуваат течно англиски јазик, што и беше причината за да почне со својата работа.
За сите предизвици, но и позитивни страни на нејзината работа и какво е чувството да си најследената Македонка на Инстаграм, дознајте во интервјуто:
Ти си најследената Македонка на Инстаграм со повеќе од 1.1 милиони следбеници. Како стигна до оваа импресивна бројка?
Приказната за Zenfluent Мaria почна пред една година и неколку месеци, кога се одлучив да создадам персонален бренд, а со тоа и го започнав мојот онлајн бизнис како ментор за течно говорење англиски јазик.
Околу 7-8 месеци траеше процесот на деноноќна работа и посветеност за да создадам креативни содржини, како на Инстаграм, така и на Тикток и Јутјуб. Сето тоа беше со минимален резултат, но многу уживање во процесот.
Веќе 8-иот месец, едно од моите видеа достигна неколку милиони прегледи. И потоа во рок од само 2 месеца од 1.000 следбеници на Инстаграм стигнав до 1 милион, повеќе од 600.000 на ТикТок и над 130.000 на Јутјуб.
Од каде тргна идејата за zenfluentmaria? Како дојде до името, но и како реши што ќе објавуваш на твојот профил?
Идејата за да создадам свој бренд се роди во периодот на Ковид пандемијата, кога имав доста слободно време да размислувам што понатаму во однос на кариерата.
Сфатив дека работата што дотогаш ја работев не ме исполнува целосно. Имав чувство дека можам многу повеќе да направам, па одлучив да најдам нешто што ќе биде спој на дигитален маркетинг и конверзациски англиски, и така дојдов до оваа идеја.
Името всушност ја претставува мојата визија за брендот, а тоа е во превод „учење течно говорење англиски“ (fluent), „без стрес“ (zen) и целта е сите што учат со мене да станат и zenfluent.
Во однос на содржината што ја објавувам, ги следам трендовите во оваа област и креирам содржини според тоа што е актуелно.
Но, фокусот секогаш е на ултра ефективни совети кои не се учат на училиште, туку можеме да ги сретнеме исклучиво преку конверзација и се потребни, како во секојдневниот живот, така и на работа, на доктор, на патување и слично.
Очекуваше ли толку голема посета, луѓе што те следат и ја чекаат твојата следна објава?
Апсолутно не. Не поставував очекувања, а мојата единствена цел, којашто ја имав запишано во еден планер, беше да достигнам 10 илјади следбеници до крај на 2022, и да започнам со групни онлајн часови.
Од каде ти е најголемиот дел од публиката? Колку те следат Македонците?
Најголем дел од публиката е од Америка, Бразил, Мексико, Индија и Европа.
Сепак, најмногу пријавени за курсевите се студенти кои се преселени во Америка, а кои имаат проблем да зборуваат течно англиски и покрај тоа што живеат таму.
Немам статистика за Македонци, ме следат доста, но сепак сметам дека тоа е мала бројка во однос на другите земји.
На твојот профил има видеа на кои со следбениците споделуваш совети и трикови за полесно и подобро да го научат јазикот, и не само во секојдневната комуникација, туку и формалниот јазик, во бизнис средини, кога одат во банка и слично. Тешко ли е да се направат овие видеа, а да бидат истовремено и едукативни, но и забавни за гледање?
Процесот воопшто не е едноставен. Едно видео од 30-40 секунди одзема 3 до 4 часа работа. Доколку е видео со повеќе карактери, тогаш можеби и 5-6 часа.
Процесот започнува со истражување на содржина за видеото и добар наслов.
Потоа следи создавање скрипта, односно материјал за она што ќе зборувам или изглумам во видеото.
На крајот следи снимање, едитирање и закажување на истото.
Освен Инстаграм, имаш свој канал на Јутјуб и на ТикТок. Колку се гледани твоите видеа таму? Тешко ли е да бидеш активна на трите платформи?
Генерално, гледаноста на Инстаграм и ТикТок е слична, бидејќи тие две мрежи беа главен фокус на мојата стратегија за објавување.
Оваа година се посветувам повеќе на Јутјуб и го активирам каналот повеќе.
Можам да кажам дека одлично расте засега и очекувам наскоро успех и поголема гледаност и таму.
Кој ги осмислува содржините? Дали правиш сè самата, или некој ти помага?
Смислувањето на содржини е моја силна страна па тоа го правев сама. И сè уште го правам.
Знам што функционира и што е она што им е најпотребно на луѓето кои сакаат да зборуваат англиски подобро.
Во првата година правев сè сама за сите три социјални мрежи. Сега сме тим од тројца, односно имам видео едитор и наставник-асистент, и во моментов сум во процес на проширување на тимот.
Колку пораки добиваш дневно на Инстаграм? Ги отвораш или немаш време за сите?
На почетокот, добивав по 150-200 пораки на ден и враќав на 80% од пораките, но ги отворав сите.
Морав да правам селекција бидејќи секакви луѓе пишуваат секакви работи. Сега добивам по околу 100 пораки неделно, а кога имам курсеви во тек, и многу повеќе. Се трудам да вратам на сите.