„Сакав да си го одземам животот по несреќата, но добив втора шанса“: Златко од Виница по ампутацијата на нозете инспирира со храброста
Во еден од твоите први постови на Инстаграм по несреќата, велиш дека за една недела си имал голем напредок. Кога почна со вежби, за каков тип на вежби станува збор, колку ти беше напорно на самиот почеток?
Да, напредував многу брзо.
Откако успешно заврши и третата операција, која се случи истата недела, за една недела почнав со физиотерапии за размрдување на телото.
По природа сум спортски тип, вежбав четири дена во неделата.
Сепак, за мене секој ден беше предизвик. Изгубив многу мускулна маса и тоа морав да го повратам што поскоро, бидејќи од тоа зависи мојот понатамошен напредок.
Во болницата имав само лесен тип на вежби, но овде сега во клиниката за рехабилитација „Беликон“, секој ден, освен за викендите, сум активен од 7 до 16 часот со прегледи, физиотерапии, фитнес…
Некои се групни, но има дел што ги правам самостојно само со мојот терапевт.
Какви ти се секојдневните активности по несреќата и како се снаоѓаш?
Од тој 13-ти март се немам вратено дома.
Две недели бев во болница, па директно, со специјално возило од самата клиника ме префрлија тука каде што сум сега. „Беликон“ го нарекувам втор дом.
За излегување ќе почекаме малку повеќе.
Секојдневните активности морав да научам да ги правам со помош на инвалидската количка и веќе ги имам доста совладано. Човек мора да биде упорен и ќе успее.
Дали имаш повремени кризи кога ќе останеш сам и кога ќе се сетиш на несреќата? Што ти е најтешко во тие моменти, ама и што е она што те води напред и те крева од лошото расположение?
Првите две недели да, имав.
Ми се мешаа мислите кога ќе се присетев на тој момент или кога требаше да разговарам за истиот, се возбудував многу. Но веќе не.
Сега ми е сè нормално, се навикнав на новиот начин на живеење.
Самата помисла дека сум жив, до моето семејство, ме крева од корен и ме води напред.
Која е мотивацијата што си ја кажуваш на самиот себе за да издржиш? И што сакаш да споделиш со другите кои некогаш се нашле во слична ситуација како тебе?
Претходно немав некоја навика да си поставувам цел – што ќе донесеше денот тоа.
Но, сега не е така. Животот понекогаш е тешка битка исполнет со предизвици, но истите тие нè учат да бидеме посилни и поотпорни.
Сега станувам и легнувам со една цел – да успеам.
Го живеам мојот втор живот и немам намера да се откажам. Не сум тип кој лесно се откажува.
Знам дека ова е само почеток и дека ме чекаат поголеми предизвици, но ќе успеам.
Знам дека како мојата има уште многу слични ситуации. Некои веќе живеат сосема нормално и баш ми е мило.
Но, има и такви што се кријат и си мислат дека е до тука животот. Но не е.
Колку и да е тешко, треба да веруваат дека постои излез и да бидат храбри за да можат да успеат.
Денес медицината и технологијата се толку напредни што верувам дека за секој случај има решение.
Бидете упорни и верувајте во сопствените способности.
Кои се следните чекори, како ќе се одвива понатаму твоето лекување?
Продолжувам со терапиите, како и досега.
Раните се сосема заздравени и во скоро време ќе добијам провизорни кратки протези со кои ќе го започнувам вториот процес од лекувањето т.е првите чекори.
Потоа следат вистинските протези кои ќе бидат составен дел од мојот живот, а јас ќе учам добро да ги совладувам во секаква ситуација.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело