Македонка Палифрова: „Ми дијагностицираа рак на 34 години, откако го родив третото дете во Тексас, но најтешките битки се за најсилните“
- Детали
- вторник, 18 април 2023
„Со сопругот се запознавме во Струмица. Тој беше дојден да игра кошарка и така ја започнавме нашата врска, која подоцна премина во брак. По една година живеење во Струмица заминавме во неговото родно место Далас. Најголем предизвик ни беше кога ја добив дијагнозата рак, но тој ми е неверојатна поддршка...“, вели Македонка Палифрова Брукс (35), која е сопственичка на 7 градинки во САД и е пример како треба да изгледа борбата со оваа тешка болест.
Македонка Палифрова Брукс (35), по потекло од Струмица, веќе 8 години живее во Далас, Тексас, родното место на нејзиниот сопруг.
Мајка е на 3 дечиња, едно девојче (5) и две момчиња (на возраст од 4 и 2 години).
Со сопругот се запознала во Струмица, кога тој играл кошарка таму, а потоа заедно се преселиле во Далас. Тие поседуваат 7 градинки во САД.
Но, за жал Македонка добила дијагноза рак на дојка и сега ја води најтешката животна битка, но насмеана и со позитивен став кон животот.
Македонка за CRNOBELO.com ja споделува својата приказна:
На колку години ја доби дијагнозата рак на дојка? Како се справи со шокот?
Дијагнозата рак на дојка ја добив на 34 години. Откако се породив со најмалото дете, по неколку месеци, решив да ставам IUD Mirena, како контрацептивна превентива. Имав нормални симптоми, но еден необичен симптом започна да ме загрижува сè повеќе.
Секој месец, пред да добијам месечен циклус почнав да чувствувам горење на десната града, правев проверки често, немав никакво топче или нешто необично на градата, но сепак се плашев дека нешто не е нормално.
Правев проверки и кај мојот матичен лекар и кај гинекологот, и двата лекари ми кажаа ист одговор, да не се грижам поради горењето што го чувствувам пред месечен циклус затоа што тоа е „side effect“ (нус ефект) од контрацепцијата и е хормонска реакција, дека немам генетска историја во фамилијата и слободно можам да чекам до 40 години за да направам мамограм.
Чувството на горење не ми даваше мир, посебно откако дознав дека татко ми беше дијагностициран со рак на дебелото црево и почина два месеци откако дознав.
Многу луѓе ми велеа да не мислам негативно, дека мислите како нешто да не е во ред со мојата града се дел од процесот што дознав за болеста на татко ми и брзо потоа почина, а јас не бев таму со него во Македонија, па дури и ми препорачаа да посетам психолог да си ги смирам мислите.
Стравот порасна уште повеќе и решив сама на приватна клиника да закажам термин за мамограм и да проверам за секој случај.
Отидов, ми направија мамограм, ми рекоа да почекам и за ехо. По неколку минути чекање, ме прегледаа и на сонограм и лекарот ми соопшти дека за жал, на местото каде што го чувствувам горењето, имам мала маса што тој мисли дека е 90% канцерогена.
Веднаш закажавме термин за биопсија.
Не сакав да верувам, почнав да плачам и сакав веднаш да одам дома кај децата.
Ме фати преголема паника, му се јавив на сопругот и не знам како возев до дома. Му ги соопштив вестите и тој не сакаше да поверува, се надеваше на различни резултати од биопсијата.
За два дена добивме резултат и беше потврдено дека имам „Инвазивен дуктален карцином“ на десната града.
Што направи прво? Како изгледаше процесот на планирање на лекувањето?
Истиот ден итно закажавме термин со еден од најдобрите хирурзи за рак на дојка во Далас и процесот и план на лечење започнаа веднаш.
Првично беше да се направи операција и да се отстрани масата или да се отстрани цела града. Јас одлучив да ги отстранам и двете гради како превентива.
Потоа, тимот од лекари, по резултатот од патологија одлучија дека треба да примам хемотерапија, радијација и терапија за блокирање на хормоните бидејќи типот на рак беше ЕR +, PR +, HER2 -.
Кој ти беше најголема поддршка и без кого не би го издржала целиот овој процес?
Најголема подршка во целиот процес секако беше сопругот, мајка ми и сестра ми.
Мајка ми помина 4 месеци со мене тука во Америка додека закрепнам од операцијата, ми помагаше со децата и со домашните обврски.
Зошто сопругот е клучна фигура? Накратко сподели ни како започна и како изгледа вашата љубовна приказна?
Со сопругот се запознавме во Струмица. Тој беше дојден да игра кошарка за струмичката Аба и така ја започнавме нашата врска, која подоцна премина во брак.
По една година живеење во Струмица, откако стапивме во брак, заминавме во неговото родно место Далас.
Како реагираа децата кога им ја кажа дијагнозата? Како им пристапи за ситуацијата?
Децата ни се многу мали да ја разберат дијагнозата, за Ариел и Адриел, кои се 5 и 4 години, рак претставува ќелавост.
Кога се подготвував да одам на операција, Адриел ме праша дали ќе се вратам дома без коса, што за мене беше смешно.
Се обидувам да им објаснам на наједноставен начин зошто и како се чувствувам после хемотерапија и иако се мали, многу се осетливи и разбираат.