„Бев со Сара во сала кога се породуваше, ми дадоа да ја пресечам папочната врвца на Кирил“ – Димитар Атанасовски за татковството
- Детали
- петок, 07 април 2023
„Еден ден го заборавивме дома Кирил. Сара излегла до продавница и ни кажала на мене и Илина, ама не сме ја чуле. Во меѓувреме, ние се договараме да одиме до друга продавница и возејќи натаму ја гледаме Сара како се враќа со ќесите накај дома и сфаќаме дека Кирил е сам. Со 300 на саат се вративме, а тој лабав, си се заиграл со играчка, не ни приметил дека е сам дома“, раскажува Димитар Атанасовски за CRNOBELO.com за најголемиот гаф што го направил како татко.
Водителот Димитар Атанасовски и неговата сопруга, пејачката и харфистка Сара Мејс, имаат две деца, ќерката Илина (4 и пол години) и синот Кирил (8 месеци).
Димитар со тон емоции зборува за своите две деца. Вели, без нив животот не би му бил целосен, а тој со нетрпение чека да види кои нови предизвици ќе му ги донесе татковството.
Од приказните за тоа како бил двапати покрај Сара во породилната сала и карактерот на децата, до тоа како поради недоразбирање го заборавиле Кирил дома, ама и за Илина која „им се потпиша“ на автомобилите, Диме раскажа во интервју за CRNOBELO.com.
Се сеќаваш ли на моментот кога првпат ги виде децата? Какво беше чувството?
Не само што се сеќавам, туку ми е како да ми се случило пред пет минути. И за Кирил и за Илина присуствував во сала и ги видов уште пред Сара да ги види (ама буквално).
Инаку, за Илина почувствував нешто што првпат ми се случи, да имам страв и во исто време да ме обземе среќа, затоа што реално чинот на раѓање како таков никогаш го немав видено.
За Кирил беше многу поопуштено, дури ми дадоа да ја пресечам и папочната врвца.
Кога беа бебиња, колку ѝ помагаше на Сара во обврските со децата, да се избањаат, преоблечат? Си станувал ли ноќе за да ги заспиеш, нахраниш?
Прво, Сара кога ќе го прочита ова, реакцијата гарант ќе ѝ биде „татковците не помагаат, татковците активно учествуваат бидејќи се и нивни децата“. И искрен да бидам, овој концепт на растење никогаш не сум го замислувал така пред да имам деца.
Бар кај нас дома, секогаш мајка ми била таа што се грижела за нас, а татко ми немал баш толку обврски.
И на почетокот имаше многу кршење копје кога ја добивме Илина, затоа што јас никогаш не сум бил научен да седам дома и да имам обврски, особено не обврски со деца и околу деца.
Но, како поминуваат годиниве, искрено сум благодарен што сум бил присутен во сите фази на раст (досега, а дај Боже и така да остане) на нашите деца и многу ми е убаво што слободно можам да кажам дека сум бил дома за сите работи поврзани со нив.
Е сега, тоа бара многу откажувања, ама затоа благодетот и конекцијата со детето не може никој да ти ја подари, туку мора да си ја заслужиш.
Дали си од оние татковци што читале или раскажувале приказни или некако си немал време за тоа?
Читањето приказни е неизбежен ритуал од делот со заспивање секоја вечер пред легнување.
Илина не легнува без да ѝ се прочита приказна (или приказни ако се кратки, зошто обично се ценка за повеќе ако брзо завршиме), а од ново кога имаме можност и Кирил го вклучуваме во активноста.
Можам слободно да кажам дека тоа ми е и еден од поубавите делови од денот, затоа што тогаш добивам прашања што и да седам да ги мислам, нема да ги смислам како што детско главче може да ги каже.
Дури и кога одиме на патување, без разлика дали е одмор или неколку дена надвор од дома, без книга не се трга.