Милош од Куманово, стјуард: „Во Нигерија луѓе бараат пари на секој чекор, секогаш би се враќал во Занзибар и Сејшели“
- Детали
- петок, 06 јануари 2023
„Со џет-легот не можеш никако да се справиш 100%, туку учиш да се адаптираш и тоа да стане дел од тебе како рутина. Секогаш кога ќе отидам на некоја дестинација пробувам да си легнам по нивно локално време за да сум свеж кога ќе станам тоа утро и да го почнам денот „нормално“ како локалците, а тоа некогаш значи да не спијам над 30 саати“, раскажува за CRNOBELO.com Милош Герасимовски, кој работи како стјуард, живее во Катар, а само во последните 6 месеци посетил 20-тина земји.
Милош Герасимовски од Куманово работи како стјуард за светско позната авиокомпанија и во моментот живее во Катар.
Неговиот животен стил и постојаното менување на дестинации е она што му прави посебно задоволство.
Во продолжение следува разговор со Милош кој ни раскажува за дел од своите патувања низ светот...
Милош, постојано се наоѓаш на различни страни од светот. Колку земји посети во последниот период?
Во последни 6 месеци имам посетено 20 земји. Од Англија, Шведска, Полска па сè до Тајланд, Бали, Занзибар, Сејшели, Австралија, Нов Зеланд…
Во моментот живееш во Катар, како ти е испланирано секојдневието и што е она што најмногу сакаш да го правиш таму?
Катар е микс од традиционална арапска култура и модерниот свет, така да посетителите можат да уживаат од пустини, до шиша барови, арапска храна или посетување на музеи и објекти кои се симбол на катарската култура па сè до посета на облакодери, модерни згради и ноќни клубови.
Јас лично, зависно од расположението сакам да комбинирам од сè по нешто.
Покрај тоа, изминатиот период ми го обележа посета на неколку натпревари од Светското првенство, дружба во фан зоните и интеракција со навивачи од целиот свет.
Кога постои јазична бариера, како успеваш да се разбереш со луѓето?
Најчесто пробувам да најдам некој локалец што зборува англиски и со негова помош пробувам да се разберам и со другите, некогаш користам и Google Translate или универзалниот „јазик“ со раце, мимики, звуци, фацијални експресии.
Го посети островот Пукет на Тајланд, со какви спомени се врати од таму?
Островот Пукет е феноменален избор за секој авантурист што ужива во тропските дестинации, локалците се многу гостопримливи, храната е превкусна, и најбитно плажите и забавите во клубовите се полн погодок.
Покрај тоа, ме воодушеви и комплексот во кој престојував Angsana Laguna Repost, едно од најубавите одморалишта на кои сум некогаш бил.
Во твоето патувачко портфолио се вбројуваат и Сејшелите. По тебе зошто ова дестинација ги фасцинира луѓето?
Па според мене број 1 фактор е самата популарност на островот, и тие што патуваат и тие што не, бар еднаш имаат слушнато за Сејшели.
Покрај тоа, островот нуди право тропско искуство со огромен број на плажи, шуми во високи планини, пештери, и секако тиркизната боја на Индискиот Океан.
Мене лично многу ме привлекува и самата историја на островот, кој претходно во 17 век бил како една база каде што пиратите го складирале целото свое богатство од своите грабежи и пљачкосувања, за потоа да биде во сопственост на колонијалните сили како Англија и Франција.
Денес, Сејшелите се мешавина на модерно време и остатоци од минатото кои се како нераскинлива врска со неизбежната богата историја.
Што ти беше најинтересно од патувањето на Бали?
Бали е дефинитивно посебно место по многу нешта. Тој се разликува многу и од самата држава во која е лоциран, Индонезија.
Во исламска држава, каде што во некои делови религискиот конзерватизам е сè уште присутен, Бали е единствена провинција каде што Хинду религијата е во мнозина и тоа околу 87%.
Вибрантен, тропски, либерален остров кој по многумина е прав рај на Земјата. Јас имав прилика да го посетам и соседниот остров Нуса Пенида, и најинтересен дел беше тоа што цел ден имав водич кој ми ги покажа скоро сите најбитни и најубави места на самиот остров.