Милош од Куманово, стјуард: „Во Нигерија луѓе бараат пари на секој чекор, секогаш би се враќал во Занзибар и Сејшели“
Во кои земји повторно би се вратил?
Ги има многу, има огромен дел од земјите кои никогаш не можат да ти здодеат и без разлика колку пати да отидеш, секогаш имаш чувство дека уште немаш ни пола видено.
Мене лично најмногу ме интересираат тропските места, така да Сејшели, Занзибар, Индонезија, Тајланд се секогаш први на списокот.
А, места во кои не би сакал да припариш пак?
Па искрено уште немам искусено некое екстремно негативно искуство во некоја конкретна земја, али кога би бирал, немам огромна желба да се вратам во земји како на пример Нигерија или некоја друга не толку туристичка и помалку развиена земја.
Поголем дел од луѓето се гостопримливи и љубопитни, но има дел од луѓето кои бараат пари на секој чекор само затоа што си странец.
Не знам дали си размислувал за ова, но сепак ќе те прашам. Постои ли место каде би можел да живееш до крајот на животот?
На ова прашање уште не е време да дадам одговор затоа што ни самиот сè уште не знам. Имам уште многу дестинации кои би сакал да ги посетам и истражам, па тогаш кога ќе резимирам сè можам да дадам многу поконкретен одговор.
Како се справуваш со џет-лег?
Со тоа не можеш никако да се справиш 100%, туку учиш да се адаптираш и тоа да стане дел од тебе како рутина. Секогаш кога ќе отидам на некоја дестинација пробувам да си легнам навечер по нивно локално време за да сум свеж кога ќе станам тоа утро и да го почнам денот „нормално“ како локалците, а тоа некогаш значи да не спијам над 30 саати.
Кои дестинации планираш да ги посетиш во 2023?
Во следната година планирам да посетам некои градови во САД, некои туристички места во Африка како што е Мозамбик, Намибија и Јужна Африка, а исто така и дел од Азија како на пример Јужна Кореја, Кина и Сингапур.
Што ќе им пренесеш на патниците кои сакаат да го пропатуваат светот?
Патувањето никогаш не е потрошено време или изгубени пари. Парите се печалат, трошат, губат, но во патувањето се вложуваат.
Со патување вложувате во искуство, авантура и проширување на вашите видици и збогатување на вашиот личен карактер, а таа работа ќе биде дел од вас до крајот на животот и никој тоа не може да ви го одземе.
Искористете ја секоја можна прилика да отидете некаде и ставете го патувањето погоре во вашата листа на желби во животот, нема да се покаете.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело