Александра од Скопје: „Непал е земја каде луѓето си ги посетуваат роднините од претходните животи, а Непалците се скромен народ“
- Детали
- недела, 13 ноември 2022
„Спиев во ашрамот на светски познатиот индиски гуру Ошо, каде има густа шума како џунгла, мајмунчиња, инсекти, змии, во Непал исто така запознав и една моја сродна душа (со која од претходниот живот се имаме договорено да се сретнеме и во овој, тоа го дознав пред 2 месеца), медитиравме секој ден во 5 часот сабајле и имавме длабоки разговори со гуруата“ - раскажува Александра Лучанок од Скопје за CRNOBELO.com за нејзиното духовно патување во Непал.
Александра Лучанок од Скопје е професорка по англиски јазик, италијански и македонски јазик и, сега за сега, зборува 8 јазици. Обожава да ги учи децата, а и возрасните. Од неодамна почна да работи како спиритуален фасилитатор, истовремено е и член и ученик на Академијата за човечка универзална енергија и духовност.
Сака авантури, читање книги, патувања – во и вон себе. Исто така таа е Кундалини јогин, планинар, редовно практикува медитација и ја сака природата, тишината и вистината.
Колекционер е на уникатни камчиња, особено во форма на срце, од секаде каде што патува.
Во тек е издавањето на нејзиното првенче – збирка поезија „Интергалактички дијалози“, што едвај чека да ја сподели со читателите.
Во продолжение Александра за CRNOBELO.com раскажува за нејзиното патување во Непал, за посетата на статуата на гуруто Римпоче, за ретритот за подигнување на свесноста и медитирање, како и на што ја имаат научено патувањата...
Пред да заминеш во Канада си ја немала таа навика и потреба да патуваш, да истражуваш нови места и различни култури. Но, што се случи во моментот кога стапна во Канада и пред тебе се отвори сосема нов свет?
Доаѓам од просечно семејство, каде патувањата никогаш не ни биле претставени како нешто посебно на сестра ми и мене, а уште помалку пак како приоритет.
Првиот лет ми беше на 22 години, со крајна дестинација во Торонто, каде живеев 2 месеци и не сакав да се вратам дома, зашто таму сѐ ми беше магично, па дури и небото ми изгледаше поразлично.
Ми се отворија нови хоризонти што посакав да ги достигнам, а се отворив и јас кон светот, почна да ми се менува гледиштето за многу ствари, и научив дека всушност најголемото богатство, во овој повторлив циклус на настани што го живееме, е во искуствата што ги доживува нашата душа преку кои постојано учиме за себе и се надоградуваме.
Од толку многу посетени земји во светот која ти е најблиску до срцето?
Ако треба да изберам една што ми е најблиска до срце, тоа дефинитивно е Непал. Кога си таму имаш чувство дека си на друга планета...
Непал, на тоа и ќе се задржиме во разговорот. Со сето срце си посакувала да го посетиш местото каде што медитирал гуру Ринпоче и да ја видиш неговата статуа во Катманду, па како желбата да ти стане реалност?
Додека се случуваше манифестацијата на оваа моја желба, не бев ни свесна од возбуда... беше тоа изненадување од другарката на другарка ми - Куну, која пред да заминам во еден манастир, каде впрочем ја посетив и пештерата каде гуру Ринпоче медитирал, ми рече ако се вратам порано од таму, дека ќе нѐ носи со Sану на едно посебно место во Катманду, кое ни самата Sану никогаш го немаше посетено.
Ова се случи откако низ прошетка јас им раскажав каков силен впечаток ми остави „Тибетската книга на животот и смртта”, прочитана неколку месеци претходно.
Инаку, јас не се изјаснив за големата желба, зашто искрено ја имав и заборавено, но водството на енергијата си го направи своето, а Куну само беше медиумот.
Мојата љубопитност не издржа, зашто имав уште 2 дена до повратниот лет, па експресно брзо се вратив во Катманду само за изненадувањето.
Кога влеговме внатре и кога пред очи ми се појави живописната статуа на гуру Ринпоче, се стаписав, ме облеа таква една нежност, емпатија и морници, бев збунета и не ми се веруваше, целото место еманираше неповторлива тишина и спокој.
Се поклонив и се помолив од најдлабокото во моето битие. Бев бескрајно благодарна и на кратко време ми се одзема говорот.
Дури неколку часа откако излеговме од светото место и си ги собрав емоциите, мене ми светна сијаличката дека ова ми беше посакано длабоко од срцето по самото завршување со читање на книгата.
Во случајности не верувам, особено не по самото враќање во Дубаи, каде тогаш живеев, откако при чистење најдов лист хартија со земјите кои сум сакала да ги посетам, а можам да земам виза по самото слетување на аеродром, на кој само Непал беше ставена во огромно зелено срце.
Целото ова патување ми беше како враќање ДОМА, постојано имав déjà vu-a, и се движев полетно, со некоја нејасна леснотија...
Другата причина за посетата на Непал било присуствувањето на ретритот за подигнување на свесноста и медитирање. Што извлече и кои одговори ги доби таму?
Непал е земја каде луѓето одат и си ги посетуваат роднините од претходните животи, се разбира оние што сѐ уште егзистираат во овој.
Научив дека одговорноста за сопствената среќа е единствено во наши раце. Клучот до вистинската Љубов е Благодарноста, таа е мелем за душата, и колку сме поблагодарни, благословите уште повеќе се мултиплицираат...
Блокадите во системот што сме ги насобрале при несвесното однесување и тапо, механичко повторување на обрасците што не ѝ служат на нашата душа, се ослободуваат преку поврзување на нашето електромагнетно битие со Изворот, преку медитација и молитва, и треба само да бидеме верни на нашето срце (интуиција), зашто тоа ги ‘крие’ сите одговори што ни се потребни на патот кон светлината...
Сѐ што бараме надвор од нас, го бараме на погрешно место. Она што го посакуваме на другите, всушност си го посакуваме себеси.
Внатрешната реалност ја креира надворешната форма, затоа е најважно да битисуваме во сегашниот миг. Постои само една борба – борбата со себе, по која нема напредок без поминување низ болка.
Доколку сакаме на сите да угодиме, треба да почнеме најпрво од себе, зашто ако не сме добри за себе, нема да бидеме ни за другите. А кога грешиме, сочувството е најмалку што можеме да си го дадеме и дозволиме себеси.
А јас кои одговори ги добив таму – го добив клучот зошто на мојата душа ѝ беше потребно ова кармичко патување и прочистување, и сфатив дека Слободата е патот до мојата Вистина.
Кои места успеа да ги посетиш во Непал?
Ја прошетав скоро цела Непал, освен Националниот парк Читван, но затоа надоместив со спиење во Нагарџуна Хилс, во ашрамот на светски познатиот индиски гуру Ошо, каде има густа шума како џунгла, мајмунчиња, инсекти, змии.
Во Катманду – познатата Ступа Буданат, околу која кружев 3 пати и си замислив желба, која после самото замислување почна да работи, статуата на гуру Ринпоче, Светилиштето на мајмуните, бев и на церемонија на кремација на мртви тела и ритуали што се изведуваат при тој чин, во стариот град, потоа во градот на езерото Пева под Хималаите, наречен Покара, каде решив ќe доживеам длабока старост, гледав изгрејсонце на Хималаите, бев во пештерата кај Дева водопадите, престојував во манастирот блиску до пештерата каде што медитирал гуру Ринпоче, летав со авионче од најстрашниот аеродром на светот Лукла.
Потоа, голем впечаток ми остави градот каде се родил Буда – Лумбини, неговата куќа, и целата приказна и мистерии што водичот ни ги раскажа баш кај дрвото каде што Буда медитирал и се просветлил. Целото патување беше ЧУДЕСНО!