Лилјана од Скопје: „Египет е уникатно искуство, Кипар има огромна влажност, а Бодрум нуди динамичен одмор“
Во што се крие совршеноста на Виена?
Од каде да започнам... Виена, градот кој со секоја нова посета ми приредува ново изненадување.
Како лулка на класичната музика и најмоќната Хабсбуршка монархија, Виена ќе ве маѓепса со вкусното парче Sacher торта, голтка кафе во Cafe Central Vienna, како и вечната дилема кој музеј е следен на списокот за посета.
Искрена препорака: Испланирајте целодневна прошетка во палатата и градините на Schonbrunn, и посeтете го музејот Kunsthistorisches Museum Vienna патувајќи низ историјата на овој град.
Уживајте и завршете го денот со неверојатните погледи на зајдисонце, како и кон најпознатата St. Stephen’s Cathedral благодарение на многубројните rooftop барови, кои се лоцирани во срцето на Виена.
Купуваш ли сувенири од патувањата?
Секако, тоа претставува една од моите омилени активности при секое патување. Секогаш носам нешто автентично од секоја земја во мојот дом, започнувајќи со стаклени фигури од Мурано, маски од Венеција, рачно цртани папируси од Каиро до омилените разгледници од Густав Климт и La Sagrada Familia.
Зошто Бодрум, Турција, ти е едно од омилените места за одмор?
На само еден час патување со авион е турскиот Сен Тропе, Бодрум. Бисерот на Егејското тиркизно море има преку 60 плажи и лагуни означени со сино знаме (синото знаме е ,,ознака’’ на одобрување само за најчистите води), мека медитеранска клима и неверојатни зелени брегови.
Плажите во Бодрум се песочни, каменести или комбинација на двете во зависност од областа на истите. Идеалната географска положба, како и високоразвиената инфраструктура на Бодрум за љубителите на динамични одмори нуди посета на прекрасниот Ефес, Памуккале како и соседниот грчки остров Кос.
Овој град плени со пријателска атмосфера и ултрамодерни хотелски ресорти кои овозможуваат вистински одмор за сите сетила. Иако Бодрум со себе го носи епитетот на поскапа дестинација, сепак, според моето минатогодишно искуство можам да споделам дека локалниот превоз, сувенирите, како и цената на билетите за најпознатите знаменитости беше изненадувачки прифатлива.
Од 8 турски лири (30 денари) за влез во Античкиот театар, до 15 турски лири (60 денари) по магнет.
Какви впечатоци ти остави Кипар? Кое е најубавото место таму? Какво е морето?
Островот на мачките - Кипар, е навистина посебна приказна. Би го издвоила како дестинација со висока влажност на воздухот во текот на целиот ден.
Во 2019-та година имав можност да го посетам грчкиот дел на овој остров. Голем дел од тамошното население, но и туристите денот го започнуваа во посебно одредени часовни интервали.
Плажите вообичаено во доцните попладневни часови беа најпосетени, температурата на морето е еднаква на надворешната (постојано топло), додека најдинамичниот дел од еден ден се ноќите во Кипар. Сепак и покрај топлата медитеранска клима, пристапноста на цените на локалниот превоз, како и изнајмувањето на возило, но и големата понуда на организираните групни патувања до околните градови претставуваат одлична можност за комбиниран одмор.
Би започнала со Аја Напа, градот во кој ќе ги најдете најубавите плажи како Konnos Bay и Nissi Beach. Прошетката и предлогот за посета на следниот град ја продолжувам со Лимасол, вториот град по големина во Кипар и главниот туристички центар. Овој град е со една од најубавите пешачки зони покрај Егејското море, како и симпатичен микс од традиционални градби и тесни улички до ултра модерни трговски центри.
Но, најдоброто го оставам за крај. Пафос. Град кој би го посетила повторно и повторно. Широко и пространо шеталиште, историја која ја имате на секој чекор (препорака: посетeте го Археолошкиот парк), плажи со тиркизна боја на морето, и скромно и мирно локално население.
Совет: На патот од Лимасол кон Пафос посетете го Petra tou Romiou (Aphrodite’s Rock). Се смета за местото на раѓањето на божицата на убавината Афродита. Карпесто каменеста плажа со кристално чиста, но брановита вода, многу локални приказни и легенди и неверојатен панорамски поглед.
Зошто Египет ти се допаѓа како дестинација за одмор?
Бидејќи можеш да откриеш нешто во себе, што досега не си знаел дека постои. Дестинација за која ниту една, ниту две седмици не ви се доволни да видите и доживеете сè она што оваа земја ви нуди.
Бедуински вечери во пустина, јавање на камили, адреналинско патување на песочните пустински дини, нуркање во Црвеното море, крстарење по величествениот Нил, посета на музејот на парфеми, како и целодневно патување низ историјата на најстарата светска цивилизација во фасцинантниот музеј во центарот на Каиро кој би го издвоила како место кое што заслужува задолжителна посета, се само дел од листата на работи кои треба и може да ги направите.
Гостопримливоста на овој народ е уште една од причините кои ми оставија прекрасен впечаток, иако понекогаш истата ги надминува сите граници, но понудата на секој од хотелите во комбинација со услугите кои ги нудат се полн погодок како дестинација за совршен одмор.
Што од Дрезден, Германија, би посакала да имаме кај нас во Македонија?
Иако мојата посета на овој град беше кратка, без двоумење би ја издвоила организираноста, дисциплината и културата на градот и неговите жители, нешто кое за жал е само далечна иднина за нашата земја.
Fun fact: Во Дрезен пристигнав со еден куфер, но по неверојатниот шопинг се вратив со 3 куфери. Посетете го и откријте зошто.