Тамара Мартиновска: „Живеам во приватен ресорт со 5* на Малдиви – тропски рај е, но и реално шоу“
Те забележуваат ли дека си дојденец?
Да, тоа се забележува веднаш по целата појава. Генерално, локалците се пријателски настроени кон дојденци и сакаат да се дружат доколку ги почитуваш, но сепак постои и доза на љубомора и завидливост во однос на способностите кои ние дојденците ги имаме и благодатите кои ги уживаме тука поради тоа.
За нив доста работи се забранети, од типот на консумирање алкохол, за жените е забрането носење на бикини и слично (ова се однесува само за локално население на локални острови).
Ти се додворуваат ли?
Хахах… добро прашање. Високи бели девојки се прва опција на секој локален маж, така што да.
Висок ли е стандардот на живот? Некоја цена оттаму кафе/ пиво…
Поради тоа што е островска држава и најчесто сè е увезено, цените не се ниски, но варираат во однос на тоа дали сте на локален остров или приватен (ресорт).
Платите за локалното население се пониски од оние за дојденците. На локален остров Кока Кола е околу 2 долари, нормална вечера за двајца 50тина долари, кутија добри цигари 7 долари, кафе 3 долари, кокос 2 долари.
На приватен сè е многу поскапо и зависи која категорија е ресортот. Мојот сегашен ресорт е со 5*, но не е од највисоката категорија на 5*, така што пиво е 10 долари, коктел 20тина, пица е 30 долари, кафе 10тина долари, водни спортови од 100 долари нагоре (зависи што), вечера за двајца во ресторан од 150 долари нагоре…
На што се навикна најтешко?
Набавка на потребни лични работи и живеење на место без ноќен живот. Работење во приватен ресорт е убаво, но не е лесно бидејќи работиш и живееш на исто место кое е многу мало, со истите луѓе и 24/7 си под опсервација на менаџментот, мора да пазиш како се однесуваш цело време.
Едноставно мора да се навикнеш на островски живот бидејќи тука животот е како едно вистинско реално шоу, но барем е во тропски рај.
Пред да одиме на Малдиви што треба да знаеме?
Дека ќе уживате и насекаде околу вас ќе имате океан, дека е многу топло и влажно денски и навечер, ќе добиете одлична услуга каде и да одите и помош за сè што ќе прашате.
Овде одморите се прилично лежечки, освен ако сакате да се размрдате со водени активности или играње тенис, претежно туристите се фамилии или парови.
Топло препорачувам комбинација од одмор на локален и приватен остров, локален природен и авантуристички, па потоа малку релакс и уживање на приватен.
Доколку не сакате вода и водени активности, не доаѓајте на Малдиви. Од нашиот регион најчесто се патува преку агенции, но можна е и организација на патувањето во сопствена режија, доколку имате отприлика ориентација што и како се случува на Малдиви.
Би се вратила ли да живееш во Македонија некогаш?
Во Македонија се враќам после 9 месеци островски живот, потребно ми е малку градски живот и време со моите пријатели и фамилија.
Ќе се вратам повторно на работа на Малдиви, но не би останала да живеам засекогаш.
Повеќе фотографии на следната страна...
Би можело да ве интересира:


