Кика од Скопје за престојот во Куба: „Локалците се намачени, платите се прениски, но Хавана има душа и ечи музика од секаде“
- Детали
- недела, 22 мај 2022
„Платите се екстремно мали, а и кога имаат малку пари за да си дозволат храна, се чекаат редици за да си купат најосновни намирници. Работевме од 5 часот наутро, за да можеме да го фатиме добриот интернет пред да почнат другите луѓе да се будат“ – раскажува за CRNOBELO.com Кика која престојувала месец и половина во Хавана за да ја искуси Куба како локалец.
Христина Младеновска од Скопје за многумина позната и како Кика Авеиро се занимава со графички дизајн и видеопродукција, а паралелно работи на неколку проекти и иницијативи кои имаат за цел охрабрување на жените во бизнис светот.
Желбата да живее како дигитален номад ѝ се исполни неодамна, откако донесе одлука да се пресели во Куба на одреден период и од таму да работи и да ја осознае кубанската култура и начин на живот.
Во продолжение следува разговор со Кика Авеиро која зборува за своите доживувања во Хавана, за незаборавните моменти и по што се разликува ова патување од претходните.
Неодамна донесе храбра животна одлука и во рок од неколку недели од Скопје се најде во Хавана. Како се случи патот да те одведе во Куба?
Куба отсекогаш ми беше на врвот на bucket list. Вибрантните бои, палмините дрва, автомобилите, топлината, но пред сè енергијата на овие луѓе кои имаат поминато низ толку тешки моменти, а сепак од тоа што го имав видено на телевизија личат дека се толку весели и позитивни.
Патувањето сепак излезе многу спонтано. Долго време сакав да пробам како би било да живеам како дигитален номад, да отпатувам некаде и таму да живеам и работам подолго време.
Помислата звучеше многу возбудувачки, но уште повеќе страшно. Се мислев да почнам со некаде поблиску, да појдам до Грција, Хрватска или можеби Шпанија.
Одлуката падна една вечер во 3 часот по полноќ, си реков „За*би, идеме all in, Куба е местото“ - отворив, купив авионска карта и букирав стан.
Неколку дена подоцна исто доцна во ноќта со Марина на Zoom повик ѝ реков „одам во Куба на месец и пол – сама, имам празна соба во станот, ајде со мене“, во рок од 15 минути веќе купивме уште една авионска карта до Куба.
Кога за првпат ќе се најдеш на некоја локација, буквално сакаш да се претопиш со местото. Што сè успеа да видиш за време на твојот престој во Куба?
Намерата беше да одиме во Хавана и да ја доживееме како локалци, не како туристи, па најголемиот дел од времето го поминавме во Хавана, но изнајмивме кола и водич за до Вињалес и Варадеро.
Во Хавана бевме сместени во стариот дел, одма до Капитол зградата, на чекор до најтуристичкиот дел, но воедно и еден од најсиромашните делови на Хавана.
Пред да одиме не правевме многу детално истражување и планирање, така што таму го откривавме градот малку по малку и секој ден учевме нешто ново, секој ден беше авантура.
Како политичката и економската ситуација влијае врз луѓето во Куба?
Економската состојба во Куба е навистина на ниско ниво, платите се екстремно мали, а и кога имаат малку пари за да си дозволат храна, се чекаат редици за да си купат најосновни намирници.
Често се случуваше и да не можеш да најдеш да купиш леб или зејтин. Најизнанедувачки ни беше што не можевме да најдеме да купиме кафе, бидејќи кубанското кафе е едно од симболите на Куба.
Купувавме кафе на „црниот маркет“ со помош на локалците што ги запознавме, онака под рака од луѓе што продаваа.
Интересно и запрепастувачко искуство беше секое одење во маркет. Маркетите работат само со картичка и покрај тоа што најголемиот дел од Кубанците немаат картички, а цените се навистина високи за нивниот стандард.
Изборот на артикли е ограничен, зависи како ќе ти се погоди денот. А, на излез ги претресуваат сите кеси за да видат според фискалната дали си платил сè што изнесуваш од продавницата.
Знам дека убавите доживувања и искуства тешко се доловуваат со зборови, но што е она што те вдахна со внатрешно освежување и ти остави голем впечаток?
Хавана има душа, нешто што не се опишува со зборови, туку треба да се доживее. Музика ечи од секаде, дали е кафуле, домашна журка или онака некој си слуша по дома гласна музика.
Луѓето се неверојатно пријателски настроени и весели. Плажите се неверојатни, со најситниот песок што некогаш сум го видела.
Ако земеме предвид дека беше ставена во улога на дигитален номад, како ти беше организирано секојдневието во Хавана?
Патувањето не ни беше одмор туку ние практично се имавме преселено таму на некое време, што значи требаше да работиме и да задржиме некаква структура на денот како да сме дома.
Од сабајле работевме, често почнувајќи и во 5 часот наутро, за да можеме да го фатиме добриот интернет пред да почнат другите луѓе да се будат и да ја оптоваруваат мрежата.
Интернетот таму не е баш најбрз па моравме да се адаптираме, но од друга страна работењето рано наутро ни одговараше бидејќи после работа имавме уште голем дел од денот за други работи.
Секојдневието без мохито или рум не поминуваше, а одењето на плажа ни беше последно на списокот, некако поинтересно ни беше лабаво да се шетаме, да седнеме на пијачка и слично.
Какви се Кубанците?
Кубанците се намачени, ама весели. Секој гледа на некој начин да заработи ама чесно.
Запознавме доста локалци кои ни ја раскажаа својата приказна, различни приказни, но во суштина многу слични, приказни за сиромаштија, напорна работа и преживување.
Сепак тие се силни луѓе, некако се навикнале дека тоа е животот, таков е каков што е и треба да извлечат најмногу што можат од ситуацијата во која се нашле.
Ако се издвојуваш од толпата, можат лесно да приметат дека си турист, па ти пристапуваат со различни понуди за бизнис, најчесто ти нудат размена на пари, пури, ти предлагаат некое кафуле, а некогаш и само за да ти кажат дека им се допаѓаш со pickup lines како излезени од шпанска серија од типот: De que fabrica de muñecas saliste?
Се чувствуваше ли безбедна?
Да. На почетокот бевме екстра внимателни бидејќи сепак си за првпат во друга држава, далеку од дома каде сè ти е непознато, но наскоро сфативме дека навистина нема потреба да се плашиме бидејќи Куба е полициска држава, полиција има на секое ќоше и беше таму за да ја осигури безбедноста на туристите.
Тоа од една страна е добро за нас, но од друга страна покажува колку Кубанците се потчинети и под стегите на владата.
Нова средина, нов јазик, култура, луѓе… Се најде ли во некоја непријатна ситуација?
Немаше непријатни моменти, можеби би спомнала едно недоразбирање со кое би се надоврзала на претходното прашање. Во Хавана има официјални таксиња, но и многу „диви“ како и кај нас впрочем.
Тоа се луѓе кои имаат автомобил и одвреме навреме излегуваат да заработат уште некоја пара плус.
Една вечер кога сè уште не знаевме како функционираат работите, сакавме да фатиме такси од кафуле до диско во друг дел од градот и тргнавме да се качиме во едно од овие диви таксиња.
Влеговме во колата, а по нас влезе шоферот и уште еден човек кој седна на совозачкото седиште. Тоа нас ни падна доста чудно, се исплашивме и излеговме.
Подоцна дознавме дека тоа е праксата и сите вакви таксисти возат по двајца за во случај да ги застане полиција да можат полесно да се оправдаат и да не е очигледно дека возат за пари.
Кои интересни моменти први ти паѓаат на памет кога некој ќе те потпраша за Куба?
Имаше доста интересни моменти од кои би го спомнала одењето во салон за нокти. Навистина беше како во филм, еден куп жени на едно место, сите весели и расприкажани, со озборувања и сè по ред.
Како љубител на растенија, за мене Куба беше неверојатно доживување бидејќи сите тропски растенија што едвај преживуваат кај нас, таму виреат и достигнуваат неверојатни големини.
Јавањето коњ низ полињата со тутун во Вињалес беше исто така едно интересно искуство, за мене уште една точка од мојот bucket list.
Што е она што секој што ќе стапне во Куба треба да го посети?
Прошетка со кабриолет низ Хавана е дефинитивно прво на списокот. Чувството е неверојатно, ветерот во коса, латино музика од радиото и палми на сите страни.
Се возевме повеќепати, и најчесто кога ќе изнајмиш кола, доаѓа заедно со тура и објаснување што е каде е и некаква историја за секој дел низ кој поминувате.
Сепак најомилен момент ми беше кога се качивме во кола и му рековме на шоферот „пушти музика до крај и само вози“. Пред да одам имав намера да изнајмам кола и јас да возам, но додека бевме таму не најдовме некој што би ни изнајмил ваква кола, во разговор со возачите ни кажаа дека се екстремно скапи и цените се движат од 70 илјади евра нагоре, па секој си ја пази колата најмногу што може.
Прошетки низ Ведадо и Мирамар – ова се побогатите делови од Хавана, со многу интересни куќи и места.
Куќата на Че Гевара каде живеел и работел Че Гевара е сега музеј во кој има вистински предмети што тој ги користел, вклучувајќи ја и неговата спална соба и масите на кои играл шах.
Освен историското значење, од овде има преубав поглед на цела стара Хавана.
Како ќе го објасниш твојот престој во Куба во неколку реченици?
Клише е да се каже ама навистина се вратив како друг човек. Сфатив дека имало причина што толку многу ме влечела оваа држава, навистина се чувствував жива.
По што се разликува оваа патување од претходните?
Ова беше прво патување каде не бев турист туку можам слободно да кажам дека го доживеав градот како локалец. На крајот на нашиот престој кога фативме боја и се опуштивме со зборувањето шпански, веќе почнаа да нè прашуваат дали сме од таму. Хавана е место каде дефинитивно ќе се вратам.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело