Мартин Данчев живее во главниот град на Велс: „Секаде може да се стигне пешки, а возовите се поскапи од авион“
Што оттаму посакуваш да имаме во Македонија?
Тоа што би посакал во Македонија е можеби самодовербата од луѓето тука. Не мислам дека во Македонија е драстично полошо ама поради Х причини, што се сами по себе цела тема за друго интервју, во Македонија сум сретнал честопати талентирани луѓе, со ниска самодоверба без доволно да се ценат самите себеси.
Скромноста и приземноста се најубавите особини што треба човек да ги задржи, но и тоа треба да има начин како, зошто за жал многупати луѓето наместо тие луѓе да ги наградуваат за нивниот квалитет, искреност и труд, тие го прават спротивното.
Сепак, верувам дека и на тоа поле сме многу напреднати во споредба со годините наназад. Доволно е самото тоа што сме живи и здрави, сè друго е плус, секој заслужува да е среќен.
Каква е природата? Што те има воодушевено најмногу?
Не сум горд на ова што ќе го кажам ама сè уште мислам дека немам видено доволно од природата тука, некако се случи поголем дел од времето да го поминувам или во Кардиф или во Лондон од кога сум тука.
Меѓутоа доаѓа лето и времето се стоплува (генерално беше врнежливо и облачно без многу сонце), така што нема простор за изговори. Во план ми се неколку планински тури и седум до десет дена патување со пријателите по крајбрежјето на Велс на одлични места за сурфање летово.
Најмногу ме имаат воодушевено досега, предобро сочуваните замоци (некои од нив илјадници години стари) кои се значајни историски знаменитости. Успеале голем дел од националното богатство и историја да ја сочуваат и да ја преточат во туристички атракции.
Какво темпо на живот водат локалците?
Генерално е опуштена атмосфера во градот, без премногу метеж и стрес, а сепак имаат доволно случувања и настани постојано. Скопје е похаотичен во овој однос на тензија низ градот при движење од еден до друг крај, но сепак до некаде е нормално ззатоа што Кардиф е двојно помал град од Скопје.
За викенди не ги прашувајте да работат немаш шанси! Го ценат слободното време и викендите што е многу убаво да се види, спонтани се и опуштени.
Имаат ли интересни навики во секојдневието?
Еве ќе почнам од митот за дали навистина пијат толку многу чај. Генерално пијат повеќе кафе отколку чај во текот на денот, иако и пиењето чај го практикуваат почесто во споредба со ситуацијата кај нас во Македонија.
Навечер секако, точено пиво им е првиот избор. Имаат и интересна фамилијарна традиција еднаш неделно, се собираат и имаат „Sunday Roast“, тоа е специфично јадење со јагнешко или свинско месо, и е ручек со најблиските во недела попладне.
Кои нивни карактеристики те воодушевуваат?
Самодовербата, отвореноста, и тоа што прифаќаат шега на своја сметка. Имаат специфичен сатиричен/саркастичен хумор, што по мој вкус е еден од најдобрите.
Исто така сакаат да помагаат на странци.
Што те нервира најмногу таму?
Би рекол времето, зошто поголем дел од месециве што сум тука е или облачно или врнежливо, со надеж дека летово ќе биде поинаку.