Мартин Данчев живее во главниот град на Велс: „Секаде може да се стигне пешки, а возовите се поскапи од авион“
- Детали
- вторник, 10 мај 2022
„Локалците во Велс за викенди не ги прашувајте да работат - нема шанси! Го ценат слободното време и викендите што е многу убаво да се види, спонтани се и опуштени. Заливот на Кардиф ми е омилен за прошетки, но постојано мора да носите чадор и навистина ми недостига сонце...“, раскажува Мартин Данчев (27) за CRNOBELO.com.
Мартин Данчев (27) од Скопје, кој работи како музички продуцент и композитор, повеќе од половина година живее во Кардиф, главниот град на Велс.
Тој вели дека честопати прави музика/звучен дизајн/аудио продукција за реклами/кратки филмови и моментално соработува со англиска продукциска куќа од Лондон за Lo Fi амбиентална музика.
Мартин завршил додипломски студии на ФМУ – УКИМ во Скопје, отсек соло пеење, а моментално е на мастер студии, една година за музичка продукција во Кардиф на „Универзитетот на Јужен Велс“ во Велика Британија.
За искуството од животот таму, Мартин открива за CRNOBELO.com:
Зошто токму Велс и кое место поточно? Како испадна тоа?
Приказната започна од кога се решив да аплицирам за една од најпознатите светски стипендии „Чевенинг стипендијата“ од Британската Амбасада во Скопје, минатата година за втор циклус на студии.
При самата апликација требаше да издвоиме 3 факултети на коишто планираме да аплицираме. На крајот се одлучив финална одлука да биде факултетот во Кардиф зошто ми имаше најдобар баланс помеѓу научен истражувачки пристап и практичен дел во однос на изучување на музичка продукција и секако заклучив дека Кардиф е убав град за да би живеел година дена.
Претходно искрено никогаш не сум размислувал за посета на овој дел од Велика Британија.
Ти се допадна ли Велс уште на првото стапнување таму?
Првиот впечаток беше чуден затоа што сè уште имаше задолжителен карантин од 10 дена при самото пристигнување во Велс поради ковид и нормално секој нов почеток си носи своја тежина, но многу набрзо после тој период, и еве како поминувам повеќе време тука од октомври минатата година, па наваму, уживам сè повеќе и повеќе, дознавам за нивната култура и начин на живот и запознавам многу луѓе од буквално сите страни од светот.
Колку време се патува од Македонија до Велс? Ја посетуваш ли Македонија тогаш? Колку чини авионски билет?
За Македонија патувам преку линијата Лондон – Скопје, цената на авионскиот билет е сосема нормална, обично повратен билет е помеѓу 6.000 и 12.000 денари.
Интересно е што тука возовите се генерално прилично скапи (во зависност од тоа во кој дел од денот патувате) и минатиот пат картата од Кардиф за Лондон ме чинеше повеќе од цената на авионскиот повратен билет за Скопје и назад во Англија.
Зошто Велс е уникатна земја?
Оваа земја е позната е по природните убавини – националните паркови (што сè уште не сум стигнал да ги истражам доволно), специфичната велшка музика и култура, како и јазик (литература, митологија и легенди), безброј историски значајни замоци кои се достапни за посета. Меѓу другото од Велс доаѓа и најдолгото име на град во светот! Сумирано, земја со богата историја.
Долови ни ја атмосферата од местото каде што живееш… Што оттаму би си посакале во Македонија?
Кардиф како главен град на Велс, е град со многу интернационални и домашни студенти и си има своја специфична живост во него.
По големина, буквално е достапен скоро секаде да се стигне со пешачење што за мене е идеално, бидејќи често практикувам да посетувам нови места, да се движам помеѓу локалците и да ја запознавам нивната култура.
Градот генерално е поделен на 3 различни дела, едниот е по центарскиот и комерцијалниот дел, ако може да го наречам така, а другиот дел е по артистичкиот и алтернативниот и третиот најубавиот (според мене) е заливот на Кардиф каде што има преубаво шеталиште и многу ресторани, кафе барови со убава мирна глетка.
Градот има преубави мали и затскриени кафе барови, и секакви продавнички и мали бизниси што си носат своја приказна сами по себе и вреди да се искусат за тие што се љубопитни.
Јас сум сместен во првиот дел, меѓутоа можете да ме најдете често и во останатите 2 дела од градот, секој си има своја убавина.