Елена од Скопје за посетата на Виетнам: „Локалците се пријателски настроени, никој не застанува на пешачки, а јадат пржени бубачки“
Дали можеш да ни ја доловиш атмосферата таму?
Социјалистичка Република Виетнам е пријателски настроена држава и безбедно место за патување, без проблеми. Туристите најчесто се соочуваат со здодевни и нападни продавачи и несигурно возење.
Мислам дека сообраќајот таму е најоткаченото нешто што сум го видела досега. Никогаш во животов немам видено толку многу моторчиња по улиците, особено што ние не сме научени да ги управуваат и постари луѓе, како и повеќе луѓе наеднаш седнати еден зад друг, со деца, кеси од покупки итн.
Особено ми беа чудни на почетокот возачите, кои буквално беа забарикадирани со облека, марами, маски, покрај стандардните кациги и наочари, за кои потоа дознав дека тоа го прават заради УВ зраците.
Загадувањето во големите градови како Сајгон е ужасно, и мислам дека најмногу за тоа е заслужен и густиот сообраќај. Многу од луѓето си носеа и маски по улиците или во продавниците, нешто што за нас беше чудно и ново, сè додека не се појави короната.
А тие таму во Азија одамна се соочуваат со епидемии на респираторни заболувања и превентивно си носат маски. Насекаде имаше свежо овошје, се продаваше на улица, за многу евтини пари.
Особено ми беа интересни тие што првпат во животот ги пробав, кaкo маракуја, карамбола, дуринско овошје, питаја, лонган, мангостан, рамбутан, џекфрут…
За Виетнам многу и не знаеме, освен што сме чуле за виетнамската војна. Локалните власти сакаат и општо да знаеш многу како турист за периодот околу војната, и ред туристички атракции се врзани токму со тоа.
Интересно беше што таму сите патувања и атракции ги посетив во своја режија, а не организирано преку групи и туристички агенции. Си купив интересни сувенири, типични за Виетнам, а најдраги ми се сламени виетнамски капи.
Од толку многу луѓе што сретнав и запознав, сите ме прашуваа од кај сум. Скоро никој не знаеше каде е Македонија, освен еден сосед во зградата кој беше професор по географија во средно школо и беше соодветно информиран за Балканот, па и за целата политичка ситуација тука.
Просто се воодушевив. Најчудното од сè ми беше што постарото население имаа слушнато за Југославија и Тито, Србија и Ѓоковиќ!
Каква е природата? Што те воодушеви најмногу?
Климата е тропска со сите ефекти на монсуни и дождлива сезона. Бујна тропска вегетација, џунглести предели, но и шуми на повисоките делови.
Превентивно, не шетав многу по џунглестите предели, бидејќи има комарци, а и болести што ги пренесуваат.
Во Виетнам преовладуваат две годишни времиња: сув период-или т.н. лето и влажен монсунски период лето со дождови. Дење е 35-40 степени, ноќе е 25 степени, а влажноста е околу 85%.
Во периодот додека престојував таму, скоро секој ден врнеше дожд, што ми оневозможуваше да посетам ред од познатите туристички атракции, бидејќи монсунската сезона е проследена и со силен ветер и бури.
Какви се локалците, како комунициравте со оглед на непознавањето на јазикот?
Локалците се мирољубив и насмеан народ, пријателски настроени кои слабо зборуваат англиски, особено постарите луѓе. Најчесто ги прашував на англиски, а тие ми одговараа на виетнамски.
Потоа со пантомима или цртање на хартија се разбиравме што било прашањето/одговорот.
Младите зборуваат англиски, но сепак само како основно познавање на јазикот и недоволно за подолга комуникација. На официјалните локалитети/атракции сè е обележано и напишано и на англиски или француски јазик.
Кои навики на локалците ти беа најинтересни и највпечатливи?
Kокосова вода за добро утро! Ученици кои во 6 часот наутро прво вежбаат физичко надвор, а потоа одат на часови, и имаат настава до 21 часот навечер.
Има 24 часа достава на храна како било каде во светот. Живот во 20 милионски град без метро, гужви по улици и заглавување во сообраќај со часови, долги колони со возила.
Храна од типот: пржени бубачки, лилјаци, глувци, салама од змија, јадат месо од кучиња и мачки и некои такви нивни специјалитети кои ги сретнував како улична храна.