Елена од Скопје за посетата на Виетнам: „Локалците се пријателски настроени, никој не застанува на пешачки, а јадат пржени бубачки“
- Детали
- четврток, 21 април 2022
„Социјалистичка Република Виетнам е пријателски настроена држава и безбедно место за патување, без проблеми. Туристите најчесто се соочуваат со здодевни и нападни продавачи и несигурно возење“ - вели Елена Караџовска која во 2018-та година имала можност да оди во посета на оваа азиска земја и во интервју за CRNOBELO.com открива повеќе детали за тоа што имала можност да го види таму.
Додека многу мал број Македонци воопшто знаат нешто повеќе за Виетнам како земја, Елена Караџовска од Скопје во 2018-та година имала прилика да ја посети оваа земја и да се запознае со неа.
Таа ни открива каков е животот во оваа азиска земја, што е она што најмногу ѝ се допаднало, а што ѝ оставило негативен впечаток. Како изгледа Виетнам низ очите на туристите и што е она што за нас е незамисливо, а е сосема нормално за локалното население.
Кои се најинтересните и највпечатливите туристички места во земјата и што треба задолжително да ги посетите доколку имате прилика да отидете таму.
Во интервју за CRNOBELO.com таа открива зошто ова е уникатна земја, сосема поразлична од другите.
Колку време се патува до Виетнам? Колку чини патот до таму и дали е потребна виза?
Се патува многу часови и зависи од конекцијата. Јас летав преку Доха (Катар), до таму летот трае 5,5 часа, а Доха - Хо Ши Мин е 7,5 часа. Вториот лет е напорен и долг, со турбуленции и менувањето на часовни зони отпосле лошо ти се одразува.
Ако однапред извадиш карта, околу 4-5 месеци можеш да начекаш и за околу 800 евра (барем така беше во 2018-та), визата ти ја одобруваат на лице место и тоа е најчесто туристичка, откога ќе поминеш долги разговори на царина и ќе поднесеш однапред соодветни документи, покана од локалец и ќе пополниш документи за влез во државата.
Визата во 2018-та година траеше 3 месеци, и можеше да се продолжи или преку туристички агент или самостојно да направиш излез влез во државата, за да ти одобрат нова. Јас тоа го направив во Камбоџа. Сега, со новите правила за ковид, туристичката виза трае 1 месец.
Бидејќи пасошот сè уште ми важи, сега кога патувам на други места на одмор, ми ги гледаат чудно визите и печатите од азиските држави, но не ми коментираат ништо.
Зошто Виетнам е уникатна земја?
Досега сум прошетала многу држави во Европа и сум била во Северна Африка. Никогаш не сум била во Азија, а отсекогаш сум сакала да го посетам Далечниот Исток, особено Кина, Јапонија, Виетнам, Камбоџа, Тајланд.
Ми се пружи шанса да го посетам Виетнам на 4 месеци и да ја доживеам државата како локалец. Виетнам е навистина интересна, фасцинирачка земја на контрасти.
Да речеме дека ми ги задоволи очекувањата. Да имав повеќе време, убедливо би го посетила секое место во државата, од северот до југот.
Хо ши мин или Сајгон е идеален начин да се открие и доживее Виетнам, доколку немате можност да прошетате на други места.
Тој е популарна светска туристичка дестинација, но тотално непозната за нас Македонците. Важи за најголемиот и најразвиениот град во цел Виетнам, иако Ханој е главен.
Дваесет милионски град, со 12 милиони моторчиња.
Тој е вибрирачки, мултикултурен, чуден, со шик прекрасни ресторани, француски, италијански, кинески, корејски, турски, американски.
Добиваш впечаток и дека е град на размената (expats city), луѓе од цел свет, што најчесто доаѓаат да бараат работа како професори по англиски јазик, малку шетаат и потоа или се враќаат во матичната држава или продолжуваат во други соседни држави.
Познат е по преполни улици, гужви, брз живот, а исторемено спонтан, лабав, спокоен град, полн со контасти, забава, барови, локалитети, активности за секого.
Скоро сите знаменитости се лоцирани во центарот на градот, Дистрикт 1, каде што и јас живеев, во облакодер, на 21 спрат.
Дистрикт 2 е познат како кварт на странците. Ноќнот живот е одличен, многу барови, на врвот на зградите, клубови на Bùi Viện улицата, гласна музика, караоке шоу во секој локал, многу странци од секакви националности.
Нормално за нас Македoнците ретко кој и чул, дури многумина и нe знаеја каде се наоѓаме на картата на светот.
Како најбитни атракции би ги издвоила катедралите, пагодите, паркови, ботанички градини, центри за разубавување и традиционална масажа (ритуал кој не би сакале да го пропуштите), шопинг центри, молови, пазарот Bến Thành Market за облека и сувенири.
Задолжително треба да се посетат: Операта, Општинската зграда, Централната пошта, Катедралата Нoтр Дам, розевата готска катедрала, Палата на независноста.
Тао Дан Парк е најубавиот парк кој се користи за џогирање, таи-чи, одмор и рекреација. The Bitexco Financial Tower, облакодер од 68 ката, моментално највисоката зграда во Виетнам, каде туристите можат да стигнат само до 52, и кaде што има бар со поглед на целиот град.
Архитектурата е од француски колонијализам, до модерни челични и стаклени споменици, до традиционални куќи кои се тесни, а одат во висина по 3-4 ката.
Улиците се модерни авении, преполни со скапи бутици и познати светски марки, до малечки, тесни и начичкани улички во China town, каде што лесно можеш се изгубиш, густо населено, со мали продавници.
Сајгон е град на храмовите. Католичките цркви доминираат, но и будистички и хинду храмови кои буквално ги има на секое ќоше, а има и џамии. Како и во сите верски објекти, задолжително е покривање на телото, тивко зборување и почитување на религиски обреди.