Али Вишам, локалец на Малдиви: „Македонците се одлични туристи, но им недостига алкохол кога се на островот“
- Детали
- четврток, 17 февруари 2022
Али Вишам од Малдиви е водич за екскурзии и веќе 15 години работи во секторот за туризам. Потекнува од еден мал остров, оддалечен 3 часа со брз брод од Мафуши, каде што живее веќе 24 години. Во слободно време сака да игра фудбал и да го истражува подводниот свет.
За CRNOBELO.com Али споделува како е да се работи со македонски туристи и како изгледа животот на локален остров на Малдиви.
Кога го запозна првиот Македонец?
Хм, првиот Македонец што го запознав беше туристички водич на македонските групи од една агенција, а потоа ги запознав сите 15 патници кои беа дојдени. Пред тоа немав запознаено никого од Македонија. За мене тоа беше ново искуство и уште од првиот миг сфатив дека станува збор за пријателски настроени луѓе, таа претпоставка ми се потврди и со следните групи.
Исто така, секоја група мора да има барем една „откачена“ личност што дополнително ѝ дава живост на групата.
Како е да се работи со македонски туристи?
Да бидам искрен многу е лесно да се работи со македонски туристи. Посебно кога има водич што добро си ја работи работата, а патниците ги следат неговите инструкции.
Кога сите работи однапред се договорени, после тоа е лесно. Сите се препуштаме на уживање и забава.
Научи ли некој збор на македонски јазик?
Да, „ајде!“. Сите го викаат тоа кога треба да побрзаме некаде. Ајде, ајде!
Што најмногу им недостига на македонските туристи кога ќе дојдат на островот?
Алкохол. Многу едноставно. На Мафуши како и на другите острови каде што живеат локалците алкохолот е забранет.
Конкретно на Мафуши постои само една опција каде може да се купи алкохол, а тоа е брод во океанот, закотвен во близина на пристаништето. Само таму може да се купи алкохол и затоа тој брод, кој истовремено функционира и како бар е полн со туристи од странство.