Ана Арсевска е докторка на Малдиви: „Тешко ми беше да се навикнам да пливам со облека, работам во болница во главниот град“
- Детали
- вторник, 28 декември 2021
Ана работи во најголемата приватна болница во главниот град Мале „Tree Top Hospital“, грижејќи се за пациенти од цела држава Малдиви. Таа за CRNOBELO.com вели: „Би рекла дека тешко ми беше да се навикнам да пливам со облека. Во главниот град и на локалните острови има прекрасни градски плажи меѓутоа носење бикини не е дозволено. Бикини се дозволени само на ресортите.“
Ана Арсевска (35) од Скопје е доктор по општа медицина, а веќе три години работи и живее на Малдиви.
Таа вели дека најпрво бев вработена во Amilla Fushi, Anantara Kihava и Jumeirah Vittaveli како единствен ресорт доктор, грижејќи се за здравјето на вработените и туристите, а сега веќе година и половина работи во најголемата приватна болница во главниот град Мале „Tree Top Hospital“, грижејќи се за пациенти од цела држава Малдиви.
Таа за CRNOBELO.com открива како изгледа животот на Малдиви:
Зошто Малдиви како дестинација за живеење? Од каде оваа идеја?
Јас работев како доктор во ПЗУ во Македонија 7 години. Меѓутоа сакав подобри услови и плата за својата работа, затоа почнав да разгледувам понуди во странство и за среќа мојата колешка веќе почнала со работа во Малдиви. Таа ми ги објасни условите кои беа многу привлечни, морам да признаам, а и самото место Малдиви е прекрасно, како мал рај на Земјата.
Следно што направив е аплицирав, бев интервјуирана и вработена како доктор во луксузен ресорт во првата година.
Зошто ти се допадна Малдиви уште на првото стапнување таму?
Ах, Малдиви уште кога ќе ги погледнеш островите од авион ти предизвикуваат воздишки. Едноставно не можеш да останеш рамнодушен на бојата на океанот, белите песочни плажи и кокосовите дрва.
Како реагираше твоето семејство кога донесе одлука за преселба таму?
Моите ми рекоа Малдиви баш убаво место, малку далеку но… Како и да е секогаш ме испраќаат со: „Епа уживај и за нас, избањај се и за нас.“
Колку време се патува од Македонија до Малдиви? Ја посетуваш ли Македонија често? Колку чини авионски билет?
Летот е скоро 10 часа плус транзит. Цена на лет е 1.200 – 1.700 долари. Досега еднаш годишно се враќав во Македонија за време на годишниот одмор.
Зошто оваа островска држава е уникатна?
Малдиви е уникатна групација од 1.200 мали острови, од кои 200 се населени и функционираат како градови и околу 130 ресорти/хотели.
Од остров до остров се патува со брод, „speed boat“, „sea plane“ или авион. Главниот град се вика Мале и е составен од две мали островчиња 1.5 – 2 километри во дијаметар поврзани со 2 километри мост.
Долови ни ја атмосферата од главниот град… Што оттаму би си посакале во Македонија?
Главниот град Мале е еден од најгусто населените градови во светот со популација од 150.000 на површина од 8.3 километри квадратни.
Некои улици се толку тесни што пристап со автомобил не е возможен. Затоа луѓето користат мотоцикли за превоз.
Регистрирани се 15.000 мотоцикли (тоа е еден мотоцикл на 6 резиденти). Мале е практично џунгла од згради, мотоцикли и тесни улички на еден мал остров.
Јас живеам во новиот дел Хулхумале кој е со подобра инфраструктура, а воедно тука се наоѓа и болницата во која јас работам.
Јавниот превоз во главниот град е автобус, такси (автомобил или мотоцикл) и брод (ferry).
Што те иритира најмногу во главниот град?
Не би рекла дека ме иритира, би рекла дека е комплицирано работното време на продавниците и локалите.
Малдиви е муслиманска земја и сериозно се почитува времето за молитва. Во главниот град сè е затворено од 12-13/14; па 15-16; 18-19/20 и 00-7/8, така што мора да си добро организиран.
Исто така во време на големи празници со пост сè е затворено до 18 часот.
Што те воодушевува најмногу секојдневно?
Најмногу воодушевува подводниот свет. Тука туристите доаѓаат за нуркање и доколку сте храбри за пливање со ајкули.
Може да видите сè, од прекрасни шарени корали, немо риби (ocellaris clownfish), делфини, sting ray, manta ray, eagle ray, октопод, ракчиња и најубавата ајкула whale shark. И ова е достапно за секој и секојдневно има тури и крстарења од главниот град.