Никола Станчески за авантурата во Колумбија: „Налетав на црква со име Македонија среде пустина“
„Архипелагот Сан Бернардо се наоѓа среде Карипско море на 80 километри од Картахена и е збир од 10 корални острови меѓу кои и еден вештачки остров Санта Круз дел Ислоте каде живеат локалните Карипци – африкански потомци.
Посетителите можат да се сместат на четири од островите бидејќи другите се состојат само од мангруви – вегетација карактеристична за солени води во тропски подрачја. Сите сместувања се во еко стил со цел да се зачува што е можно повеќе невиноста на природата.
За овој архипелаг ретко кој од луѓето од Колумбија знае бидејќи не е ни комерцијализиран ни финансиски пристапен“, раскажува Никола.
Како што додава тој, главната активност е да се ужива привилегираната позиција среде коралниот гребен опкружен со тиркизни води за кој морските биолози велат дека е еден од најубавите во светот.
Таму тиркизната вода е задоволство за пливачите, мирна и со умерена температура, а залезот на сонцето виолетов и импресивен.
„Меѓу островите има и четири куќи на вода од кои две се хостели, а две се приватни. Локалците се посетуваат и по неколкупати на ден од место на место бидејќи се познаваат меѓу себе и соработуваат. Движењето се одвива со чамец, кајак или со пливање.
Навечер дува толку силен ветер што не може да се слушне прегласната музика од соседната куќа во водата, но затоа, пак, заспивањето е симфониско.
Живеењето среде море си има уникатна убавина која е условена со потребата од постојана соработка и слога меѓу жителите. Генералната атмосфера на овие островчиња одушевува со опуштеност и гостопримливост“, се надоврзува Никола.
За карипската кујна вели дека главно е сочинета од риби и морски плодови од кои се прават коктели.
Споделува дека таму сè е свежо затоа што се лови секојдневно, а храната се подготвува на различен начин со најразлични сосови и најчесто се служат со ориз готвен во млеко од кокос, каде се додава шеќер од шеќерна трска кој му дава карактеристична боја.
Секој специјалитет со умешност и голема љубов го подготвуваат мештаните што придонесува за егзотичниот вкус на храната што е присутен таму.
„Од тука се вратив на копно и се движев по Андите кон центарот на државата минувајќи низ живописни места меѓу кои студентскиот град Манисалес, селото Саленто и долината Карбонера со восочни палми ендемични за Колумбија високи по 40-50 метри“, завршува Никола со раскажување за своето патување во Колумбија.
Од неодамна тој повторно се наоѓа во Мексико и е подготвен да ја испише својата приказна онаква каква што самиот сака да биде.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело