Даница од Кавадарци за планинарска тура во Турција: „Дневно одев по 20 километри, спиев во дрвени бунгалови на плажа“
- Детали
- недела, 05 декември 2021
Авантурите на Даница Стојановска од Кавадарци секогаш се интересни и возбудливи. Социолог по професија и со секогаш спакуван ранец за откривање на нови дестинации, неодамна таа замина да изоди дел од планинската трек патека – Lycian way во Турција. Како и секогаш, на својот Инстаграм профил, @stojanovskaaa редовно ги споделуваше најинтересните моменти од самото патување.
Поразговаравме со Даница, која за CRNOBELO.com открива интересни детали за себе и својата патувачка авантура...
„Уште летото знаев дека штом ќе дојдат првите есенски денови морам да одам во Турција, на море да си го продолжам летото за уште некој ден. Знаев и дека така ќе биде, без никаква претстава што ме очекува таму. Само ја имав сликата во главата како би сакала да изгледа тоа“, раскажува Даница.
Таа случајно налетала на една тура организирана од АЗОТ – клуб за планинарски спортови и веднаш знаела дека тоа е тоа што ѝ треба, комбинација од нејзиното долгогодишно хоби и начин на живот, планинарењето.
„Турата беше комбинација од планинарење, селски туризам, посета на најубавите плажи во тој дел, за на крај да завршиме на интернационален параглајдинг фестивал и целодневна тура со брод на некои од најубавите острови и плажи“, додава Даница.
Турата, како што вели Даница, била организирана со цел да се помине дел од патеката Lycian way – планинарска трек патека, една од топ 5 во светот.
Изобилува со своја уникатна комбинација на медитерански погледи, прекрасна борова шума, планинска заднина, турска култура и антички урнатини и е долга 540 километри за кои е потребно околу 29 дена за да се изоди целата.
„Патеката е поделена е на сектори, го следи Теке полуостровот помеѓу туристичките градови Фетије и Анталија. Изобилува со мешавина од зачудувачко крајбрежје, рустични села, вртоглави морски карпи, маслинови градини и планини кои надвиснуваат над медитеранот. Планот беше да се помине околу 70 километри од целата тура.
Секој ден одев од место до место при што дневно пешачев околу 15 до 20 километри.
Секој ден спиев на различно место, од хотел, до турска автентична куќа во село, преубави дрвени бунгалови на плажа, буквално секој момент и поглед беше различен од претходниот, сето тоа проследено со планина, море, сонце, и супер енергија“, се присетува Даница.
После цел ден поминат во Фетије, турата започнала од Фетије до Овачик каде од градот се исклучиле и започнале со пешачење низ преубава борова шума со делови со поглед на море, и речиси цел тој дел од патеката изобилувал со стари антички гробници и рушевини од Античката Ликија (Федерација на градови наречена Ликиска Лига, прва позната демократска унија во историјата) или Земја на сонцето и светлината.
Таму Даница била фасцинирана од напуштениот православен град Каракој, кој личел на град на духови, со неколку цркви како сведок, дека некогаш таму живеело православно население.
„После целодневната тура, завршив на една од најубавите и најголеми плажи во тој дел и преубаво зајдисонце во Олудениз, каде што во тек беа подготовките за еден од најголемите параглајдинг фестивали во светот, место што годишно го посетуваат околу 150.000 параглајдеристи во светот.
Вториот ден патеката продолжи од Олудениз до Фаралија во подножјето на планината Бабадаг (1969 мнв), и централно место кај што полетуваат параглајдеристите.
Целата патека оди долж крајбрежјето, и целото искачување нуди преубав поглед на долги медитерански плажи, бескрајно сино море од една страна и преубава планина од другата.
Крајната точка беше селото Фаралија каде вечерта завршивме со забава со локалците кои беа многу гостопримливи, а целата дневна тура беше 15 километри“, раскажува Даница.
Наредниот ден на Даница ѝ започнал со фасцинантен поглед на Долината на пеперутките, тоа е позната долина богата со флора и фауна, а го добила името по огромниот број на пеперутки, вкупно 105 видови од 15 различни фамилии.
По 5 часа пешачење завршиле во Кабак Бау, преубаво место за кое Турците велат дека е едно од најдобро чуваните туристички тајни во Турција.
Така и изгледало, со оглед на тоа што со друго име тоа го нарекуваат Шамбала – место на мир, спокој и среќа. Тоа е мал залив, опкружен со прекрасна планина, водопади, неколку дрвени куќи.
Дотаму нема инфраструктура, асфалтен пат, нема продавници, нема сигнал, само бескрајно тиркизно море со преубава песочна плажа и чисто небо.
Тука завршува поврзувањето со светот и почнува поврзувањето со себеси, како што вели Даница.
„Наредниот ден беше една веќе сосема друга авантура, и планинарењето продолжи до Бел, село до коешто ме чекаше долг пат.
Стара патека за мазги, покрај крајбрежјето на Седумте пештери, османлиски камени цистерни за вода, пасишта и безброј маслинови насади.
Крајната цел за денот беше Пансионот на Фатма – локалка што живее од селски туризам, којашто нѐ пречека во буквално автентична традиционална турска куќа и ни готвеше традиционална турска вечера, на оган. Селото беше олицетворение на мир, село со 5 куќи.
Следниот ден ме чекаше долг пат до Патара, антички главен град на Ликија, познат по историски урнатини, за којшто се споменува дека постои од 5 век. п.н е., главен град на Ликија бил 600 години и е многу значаен, а христијаните гледале како градот расте и се развива под Византиска власт, исто така е познат и како родното место на Свети Никола, а познат е како една од универзалните вредности на Турција, при што до него се протега огромна песочна плажа на којашто не е дозволено целодневен престој поради тоа што во тој дел живеат морски желки.
После денови на долго пешачење, се вратив пак во Олудениз каде што следуваа денови за плажа, параглајдинг фестивал и тура со брод по најубавите плажи и острови во тој регион“, се присетува Даница.
Од многуте случки, додека седела на плажа, случајно еден од параглајдеристите што слетувале во моментот, буквално ѝ слетал на глава и ја покрил со едното крило, па како знак на извинување ја поканил на неколку локални забави и концерти што се одржувале за време на фестивалот на кои имало луѓе од целиот свет.
„Ова патување ќе го паметам дефинитивно по прекрасните пејзажи, преубавите планини и шуми, фасцинантните антички градови, тиркизно море и преубави плажи.
Со задоволство би го препорачала на сите планинари или вљубеници во авантурата, и неоткриеното“, споделува Даница и за промена сака да оди на различни острови, а помалку на планини. Дури веќе има и идеја за следната авантура.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело