Сандра Кирков за одморот на албанската ривиера: „Борш е поубав и поевтин од Саранда, сообраќајот е хаотичен секаде“
Водата е прекрасна! Просто бев запрепастена дека постојат вакви песочни плажи и кристално чисто море не многу далеку од нас. Јули и август се месеците со најголеми турканици, па од досегашното искуство нареден пат би одела или во мај или почеток на септември. Тогаш сигурно сè би било порелаксирано и не би биле толкави турканици за лежалка.
Плажите се сите една до друга, барем повеќето, така што изборот е навистина огромен. Скоро секаде може да изнајмите педалинка и да уживате во тиркизното Јонско море, а секако тука се и рестораните коишто се за нијанса поскапи од Саранда, но веќе кога сте тука сигурно ќе сакате да посетите некој од нив.
Моја препорака е ресторанот Гуват кој има одлична храна, прекрасен поглед на островите и љубезен персонал. Ксамил е добар избор и за фамилии со деца бидејќи тие најмногу уживаат и му се радуваат на белиот песок.
Сообраќајот општо низ цела Албанија е многу хаотичен, сите возат пребрзо, свират, се буткаат преку ред. Внимавајте многу доколку имате мали деца, навистина никогаш не се знае од која страна ќе излета некој нервозен возач.
Од Саранда се упативме накај Химара, нашата следна дестинација. Овде сместување најдовме на Booking и апартманот ни беше на самото шеталиште со поглед на градската плажа.
Тргнавме околу 9 часот наутро, па додека возевме одлучивме да направиме пауза во Борш, најубавиот дел од целата ривиера, барем за мене. Огромни долги, чисти плажи, морето се прелива во сто бои!
Одлучивме денот да го поминеме на „Vamos Republic“ плажата којашто е одлично уредена и како и на повеќето места кај што бевме нуди одлична храна и услуга.
Цените се многу пониски од Саранда и Ксамил, за две лежалки тука плативме 500 денари. Шише 0.5 л негазирана вода околу 40 денари, а ручекот за двајца чинеше 600 денари. За разлика од метежот во Ксамил тука беше многу поопуштено, плажите се толку долги што не се ни забележува колку луѓе има, сепак имате некој мир.