Сандра Кирков за одморот на албанската ривиера: „Борш е поубав и поевтин од Саранда, сообраќајот е хаотичен секаде“
- Детали
- вторник, 07 септември 2021
„Бевме сместени на две места – во Саранда и Химара, но шетавме по целата албанска ривиера … Од ресторани до плажа – што ми се допадна најмногу?“, споделува Сандра Киров за CRNOBELO.com.
Сандра Кирков, 31-годишна девојка од Скопје, дипломиран економист со завршен факултет во Дубровник, Хрватска, инфлуенсер и ко-сопственик на кафуле во Скопје.
Taa e вљубеник во патувања, откривање нови култури и дестинации, a во 2012 заминала за Дубаи и работела 7 години како стјуардеса за водечката компанија Fly Emirates.
Вели дека покрај сите убавини што ги видела низ светот, Балканот ѝ останал најмалку истражен.
Ова лето планот ѝ бил да летува во Грција, но во последен момент заедно со нејзиниот свршеник Јасмин одлучиле да направат мини тура по Албанската ривиера.
Таа го споделува своето искуство за CRNOBELO.com:
„Сигурно сте слушнале или некој ви раскажал за прекрасните плажи во Албанија. Ова лето планот беше да се летува во Грција, меѓутоа во последен момент одлучивме да направиме мини тура по Албанската ривиера.
Крајбрежјето е долго околу 427 километри и излегува на две мориња, Јадранско и Јонско. Ги разгледавме сите места и одлучивме да престојуваме во два града, а бидејќи патувавме автомобил имавме можност да посетиме повеќе локални места коишто не се премногу оддалечени.
Рано наутро околу 7 часот веќе бевме на Ќафасан, не чекавме повеќе од 15-20 минути на граница и продолживме кон Елбасан. Кривините би биле понапорни доколку тргневме подоцна и би имало повеќе гужва, меѓутоа имавме среќа околу 13 часот да стигнеме во Саранда, нашата прва дестинација.
Сместувањето го резервиравме преку AirBnb, единствено на самото место се договаравме за паркинг бидејќи апартманот немаше свој, и некако се убедивме да добиеме место веднаш до зградата.
Локациски бевме сместени веднаш над шеталиштето Хасан каде што има безброј таверни, кафулиња и ресторани и на кое што гужвата почнуваше околу 17:30 часот. Тука постојано има бродови коишто нудат тури на околните плажи, а доколку сте расположени за авантура постои опција и за еднодневен излет на островот Крф, Грција. Бродовите возат 4 пати на ден, а цените на повратна карта беа од 40-50 евра, зависи од компанијата.
Ресторанот Лимани ни беше омилен во Саранда. После плажа одевме да уживаме во свежите морски плодови, а навечер се враќавме на кафе и трилече. Ова е нешто што не смеете да го пропуштите доколку ја посетите Саранда.
Повеќето од локалците освен албански зборуваат грчки, англиски или италијански така што не би требало да имате проблем со комуникацијата.
Планот беше секое утро да возиме до Ксамил, мало селце на 20-тина минути од Саранда кое има повеќе од 300 сончеви денови во годината. Според тоа што го имав истражено знаев приближно што да очекувам, единствено не бев свесна дека ако дојдете после 8 часот големи се шансите да паркирате на платен паркинг и веројатно да добиете одговор дека сите лежалки се зафатени и треба да се резервира еден ден однапред.
Ние бевме меѓу првите и за среќа најдовме две слободни лежалки за кои плативме 2.000 леќи односно 1.000 денари.