Македонка што живее во Бразил: „Моето омилено место е островот Ilha Grande, див рај со 15-метарски водопади“
- Детали
- четврток, 06 јануари 2022
„По неколку години живот во Бразил точно знам кое е моето омилено место... Станува збор за островот Ilha Grande. Го сакам бидејќи е совршен за прошетки и планинарење, нуди фантастични патеки низ бамбусовите шуми до водопадите и малите природни базени. Островот е дом и на 13 одлични планинарски патеки.“
Самба, карневал, капуера, кафе, Копакабана… ова е Бразил за повеќето од нас, а тоа беше и за мене пред да почнам да го нарекувам мој дом. Втор дом, бидејќи Скопје секогаш ќе биде мојот роден град.
И иако ова е вистина, оваа јужноамериканска земја е многу повеќе од само домот на сензуалната и енергична самба, моќната капуера и неодоливото црно, ароматично, бразилско кафе. Заедно со Рио, и сета негова магија и енергија, величествената Копакабана, спектакуларната статуа на Христос Спасителот, Амазонија, белите дробови на нашата земја, Сао Пауло, градот кој никогаш не спие и живописните ранчови и плантажи со кафе го прават Бразил една од најимпресивните земји во светот вредни да се посетат.
И секако, во февруари, животот како да застанува и сите се заразуваат со карневалското лудило, експлозија од ритам и бои, самба и ладно пиво, музика и танц, и милиони и милиони насмеани лица, сите со иста цел, да бидат дел од бразилскиот карневал, најголемата забава во светот.
Бразил е сето ова, и многу, многу повеќе, моќен микс на култури, традиции, вкусови и ароми со специјални тропски и егзотични зачини и чуда и дарови од природата кои го одземаат здивот, па затоа Бразил треба не само да се види, туку вкуси и доживее, а јас го откривам повеќе од шест години, како фотограф на брод, но и како професорка по англиски јазик и домаќинка во Сао Пауло.
Секој ден откривам по нешто ново, нешта што ги сакам, но и нешта кои тотално не можам да ги поднесам, интересни луѓе и места, нови вкусови, но и нови причини да ми недостига моето Скопје, едно и единствено.
Овој остров е совршено бегство од бетонските џунгли и градската врева, бидејќи тука, едноставно ги заборавате сите грижи и проблеми додека ја впивате сета таа тропска убавина и недопрена природа, уживајќи на белиот песок со песната на тропските птици или играјќи си со љубопитните мајмунчиња. Тука едноставно бев маѓепсана од природата!
Никогаш досега немам видено таков рај, див рај, без асфалт, без згради, без сообраќај, само нежна, чиста, совршена природа и сите нејзини богатства, долгите плажи, разиграните водопади, шумите со бамбус, кокоси и многу морски свет.
Егзотични прошетки и студени водопади
Го сакам овој остров бидејќи е совршен за прошетки и планинарење, нудејќи фантастични патеки низ бамбусовите шуми до водопадите, спремни да ве освежат со ледена вода и мали природни базени. Островот е дом на 13 одлични планинарски патеки, а најпозната е Dois Rios, Две Реки.
По двочасовно пешачење низ магичниот остров се стигнува на истоимената плажа, каде сè уште постојат остатоци од некогашниот затвор. Поради овој затвор островот не бил атрактивен за хотелиерите, па затоа тука времето како да застанало и раката на модернизацијата го нема допрено овој крај, оставајќи го толку мирен и чист, едноставно божествен. Долгите плажи се пусти, но прекрасни, со бел песок и дебели сенки од палмите, а единствената врева се разиграните морски бранови.
Мојата омилена е патеката до Cachoira de Feticeira или Водопадот на Вештерката. По околу час и половина пешачење на топлото бразилско сонце водопадот и неговата студена вода се добредојдени.
Водениот млаз од 15-метарскиот водопад е вистинско освежување и моќна природна масажа. Тука прв пат во животот се бањав во водопад! Феноменално чувство! По краткото релаксирање во малите базени околу водопадот тргнавме кој Плажата на Вештерката, скриена меѓу карпите и бујната вегетација. Кристално чиста морска вода и ситен песок со многу разнобојни школки и мал, шармантен шанк кој нуди традиционална каипириња и студена кокосова вода.
Од таму, со глисер се враќаме во центарот на островот.
За вистинските авантуристи со малку побогато планинарско искуство предизвик е Bico de Papagaio, Клунот на папагалот, карпа со висина од 980 метри која со својата форма докажува од каде го носи името. Од таму, велат, е најубавиот поглед на островот и морската шир, а вистинската магија е на зајдисонце, кога сонцето се влева во бескрајното морско синило, чиниш и небото и морето горат.
Но, за да бидете сведок на оваа убавина која ќе ве маѓепса, бидете подготвени за тричасовно пешачење и искачување. Ова си го оставив на списокот за посетување по пандемијата!
А за љубителите на морскиот свет, нуркањето и снорклинг, Lagoa Azul или Синото Езеро е полн погодок. Кристална вода со богат подводен свет и разнобојни риби, подготвен за истражување, но и уживање.
До таму се стига само со брод, вистинско доживување кое трае околу еден час. Верувам дека, истото како и јас, ќе се заљубите во тиркизната вода каде се отсликуваат високите ридови и бујните дрва, совршена рефлексија на уметноста на природата. Јас тука прв пат пробав снорклинг и уживав во откривањето на шарениот морски свет и малите и големи разиграни риби.
Не смеам да ја заборавам плажата Lopes Mendes, каде отсуството на цивилизација ја прави уште поегзотична и понеодолива, толку едноставна, а совршена.
Дивиот шарм на островот
Целиот шарм на островот е неговата дива и нескротена природа, со лавиринт од мали и неасфалтирани улици, без згради, со само еден маркет и аптека, но многу мали продавнички кои нудат рачно направени сувенири и украси со морски мотиви и многу школки.
Срцето на островот е Vila do Abraao, вгнездено на самото пристаниште, единствениот начин да се дојде до островот. Мал број на ресторани и барови, сите со богата понуда на морски специјалитети и риба. Деновите на островот ќе ги поминете во истражување на сите негови убавини и диви катчиња, нуркање или одморање на плажите, додека во топлите ноќи ќе ве заведе ритамот на самбата, и нема да можете да одолеете на поканата за танц со гостољубивите локалци во малите барови на крајбрежјето.
Кампери и авантуристи, многу Аргентинци, хипици и вљубеници во природата се чести посетители на осторвот каде вистински хит се мали дрвени куќи, pousadas, хостели, каде можете да си изнајмите кревет или хамак, на самиот брег и да се будите со првите сончеви зраци.
Убавината во работењето на брод што во текот на бразилската сезона секоја недела имаш можност да го посетам мојот мал рај и да уживам во неговите природни убавини. Некогаш, ако станев порано, одев на водопадите, а во мрзеливите денови, со ладно пиво и една лежалка одев на Црната плажа која е блиску до пристаништето.
Големиот остров е вистински рај за сите вљубеници во природата, на кои не им се потребни луксуз и раскош за вистинско уживање, туку само она што Мајка природа го нуди, мир, море и сонце.
Едвај чекам повторно да можам да се вратам во мојот рај во Бразил. Да изнајмам мала соба на самиот брег, да се будам со првите зраци и шумот на брановите, да талкам низ шумите, а навечер да седам до оганот на плажа, слушајќи приказни од локациите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело / фото: И. Ј. | Црнобело