Пар од Скопје за одморот во Ксамил: „Плажите се преубави, но во 9:30 наутро веќе нема слободна лежалка“
- Детали
- недела, 15 август 2021
„Најмногу истражувавме како да пристигнеме до крајната дестинација Ксамил, но притоа да се одбере најсоодветниот пат. По долгото размислување наместо преку граничниот премин Ќафасан, заминавме преку границата со Косово „Блаце“...“, ја почнуваат својата приказна Дарко и Верче од Скопје.
Дарко Андоновски (28) новинар и Верче Додевска (26) агроном, инженер, годинава за летен одмор го избраа местото Ксамил, Албанија.
Од тоа како изгледало патувањето дотаму до цените на лежалките, тие ги споделуваат своите впечатоци оттаму.
Верче и Дарко за CRNOBELO.com го споделуваат искуството од Ксамил:
„За разлика од многу луѓе кои се размислуваат каде да отидат на одмор оваа година со оглед на коронавирусот и мерките, ние веќе одамна знаевме дека Албанија е нашиот избор за оваа година со оглед на тоа дека бевме договорени со нашето друштво на пријатели.
Олеснителна околност за Албанија на сите нам ни беше и тоа што немавме дополнителни трошоци за тестови, а позитивна работа за сите оние кои не примиле вакцина е тоа што државата не бара ниту вакцинален пасош.
Изборот за Ксамил мора да признаеме дека не беше лесен, но со тоа што нè привлече ова мало селце за разлика од другите кои беа во „тесната конкуренција“ беше тиркизната боја на Јонското море.
Па да почнеме со ред од најмачната дилема и наша одлука.
Најмногу истражувавме како да пристигнеме до крајната дестинација, но притоа да се одбере најсоодветниот пат. По долгото размислување (иако го одбравме подолгиот пат за само неколку километри) наместо преку граничниот премин Ќафасан, заминавме преку границата со Косово „Блаце“, од каде започнува автопат низ целата земја, а истото нè очекуваше и во Албанија (само автопат) народски кажан „писта“.
Иако сите нè подготвуваа за „најстрашната“ планина која требаше да се искачи и да се спушти како услов за влез во Саранда и Ксамил, ние би ја споредиле истата со патот за Галичник на пример или патот за Попова Шапка и истиот е опколен со пасишта и карпести врвови.
По 600-те извозени километри и девет часовното патување време е за одмор.
Ксамил е селцето кое ни порача топло добредојде уште на самиот влез, откако ги видовме регистарските таблици на автомобилите кои беа само македонски и српски.