Наташа Епеле, скопјанка мажена во САД: „Маж ми обожава мусака и сака да се преселиме во Македонија“

Какви се цените на намирниците, колку чини пиво во бар, пица, коктели, кафе, вечера?

Тоа е една од добрите страни на Америка. Цените зависат каде си и каков ресторан одбираш. Ако одлучиш да седнеш во поексклузивен ресторан, вечера за двајца чини најмалку 60-тина долари, околу 3.000 денари.

Ако решиш да нарачаш пица од ресторан би чинело до 25 долари или 1.300 денари. И ако решиш да јадеш во McDonalds или Taco Bells ќе поминеш со 15-тина долари за двајца, односно 800 денари.

natasha-epele-za-zivotot-na-florida-I-severna-karolina-rabotev-kako-trener-na-roboti-vo-amazon-hranata-e-losha-a-soobrakajot-uzasen -17.jpg

Исто така зависи и каде си. На пример тука во Санта Роса, туристичко место, пивото е 6-7 долари поскапо од Роли. Коктел чини 20 долари или 1.000 денари. Намирниците се скоро истата сума секаде. Овошјето и зеленчукот се најскапи.

Пазариме еднаш неделно во поголеми количини за да заштедиме на време и на бензин. Јас и Џејсон обожаваме да готвиме дома и во секое време би смениле ресторан за домашно приготвен оброк.

Какви се Американците како пријатели, но и како партнери?

За партнери не би знаела да ти кажам. Џејсон е еден. Најдобар на свет.

А, како пријатели, повеќе резервирани, секој со своите обврски. Дружењето е со закажување. Не е како кај нас. Нема „ајде на кафе попладне“, туку „што правите на 23-ти месецов за да се собереме“.

Но, тоа е тука разумно, затоа што нашите најблиски пријатели живеат на 45 минути возење до нашата куќа. Па, планирањето однапред е прифатливо бидејќи треба да се ослободиш од сите други обврски и да одвоиш поголем дел од денот. На почетокот тоа ми изгледаше неприфатливо, но сега и јас сум една од тие што им треба најава.

natasha-epele-za-zivotot-na-florida-I-severna-karolina-rabotev-kako-trener-na-roboti-vo-amazon-hranata-e-losha-a-soobrakajot-uzasen-04.jpg

Како беше прифатена од страна на семејството на сопругот, но и од локалците? Дали се гостопримливи кон странци?

Да, Роли е познат по тоа што сите доаѓаат да работат таму. Многу ретко да најдеш некој што е по потекло од Роли, но без разлика колку долго се тука, сите за заинтригирани кога ќе го чујат мојот акцент. Многумина од нив никогаш не чуле за Македонија. Семејството на мојот сопруг ме прифати најнормално.

natasha-epele-za-zivotot-na-florida-I-severna-karolina-rabotev-kako-trener-na-roboti-vo-amazon-hranata-e-losha-a-soobrakajot-uzasen -10.jpg

Колку локалците знаат за Македонија?

Дури и оние кои се дојдени од Германија или Русија или каде било од Европа имаат тешкотии да кажат каде се наоѓа Македонија на мапа, а не пак Американците.

natasha-epele-za-zivotot-na-florida-I-severna-karolina-rabotev-kako-trener-na-roboti-vo-amazon-hranata-e-losha-a-soobrakajot-uzasen -18.jpg

Кое е твоето омилено место во Америка?

Немам омилено место. Обожавам да патувам и да откривам нови места, затоа е тешко да се најде омилено место кога сè е толку различно. Но, имам препорака за какво било место да посакаш да посетиш.

На пример, за изолирана плажа би било Роданте во Северна Каролина, но ако сакаш плажа со луѓе и неограничени ресторани и занимации би било Дестин, Флорида.

Дали има многу иселеници, дали имаш пријатели од Македонија каде што живееш сега?

Да, има многу иселеници, но не од Македонија. Моите најблиски пријателки се од Мексико, Никарагва и Филипините. Живеат во САД целиот свој живот.

А за Македонци, не сум сигурна. Сосем случајно во една група прашав за испраќање пратки во Македонија и ми пиша една девојка која рече дека нема одговор за мене, но сопругот нејзин е од Битола. Потоа се сретнавме со нив. Слична приказна како нас. Но, не живееме баш блиску, па одвреме навреме ќе си пишеме порака или коментар на интернет, но не сме блиски.

natasha-epele-za-zivotot-na-florida-I-severna-karolina-rabotev-kako-trener-na-roboti-vo-amazon-hranata-e-losha-a-soobrakajot-uzasen -19.jpg

Што ти беше најчудно кога се пресели таму?

Храната. До ден денес не можам да се навикнам. Овошјето не е вкусно како нашето. Месото е различно. Колку и да се придржуваме до рецептите на мајка ми, ништо не е толку вкусно.

Дали би се вратила да живееш во Македонија?

Да. Тоа и ни е планот. И тоа во текот на следната година ако сите наши планови се остварат. Како што кажав и претходно. Џејсон ја обожава Македонија, тој е и најголем иницијатор за нашето селење назад. А, секако, и јас не се жалам.

natasha-epele-za-zivotot-na-florida-I-severna-karolina-rabotev-kako-trener-na-roboti-vo-amazon-hranata-e-losha-a-soobrakajot-uzasen -20.jpg

Денот на независноста, Ноќ на вештерките, Божиќ… Дали празниците се празнуваат баш како на филмовите и дали тоа тебе лично ти се допаѓа или не?

Да. Украси на куќите и внатре во нив, често и пренатрупано или преукрасено. Славиме еден ден со пријатели и играње игри и споделување подароци, и еден ден со семејството. Возиме наоколу да гледаме украси. Големите фарми дури и наплаќаат влез по автомобил да возиш низ нивниот двор и да сликаш како украсиле.

Сосема е различно од кај нас. Но, се трае еден ден. Следниот само украсите се надвор и сите се назад на работа и продолжуваат со секојдневниот живот.

natasha-epele-za-zivotot-na-florida-I-severna-karolina-rabotev-kako-trener-na-roboti-vo-amazon-hranata-e-losha-a-soobrakajot-uzasen -12.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови  и фотографии е казниво со закон.

И. Ј.| Црнобело / фото: приватна архива



Би можело да ве интересира:

Никола од Скопје живее во Кина: „Жените сакаат мажи од белата раса, а богатите не се фалат со парите... „Девојките сè уште ја негуваат „белата убавина“ и многу се заинте...
Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Нина (25) од Скопје за животот во Унгарија: „Дојдов сама на 18 години, но би се вратила да живеам во... „На прашањето „Дали би се вратила ли да живеам во Македонија некогаш? искрено ќе...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Моделот Павле Николовски го посети Исланд: „Ручек во ресторан не е под 150 евра, најевтин бургер е 2... „Исланд е третата најскапа земја во светот, а цените се скоро 10 пати повисоки о...
Бев на одмор во Бари: Пиво ќе најдете и за 1,5 евра, но и комплет лежалки за 42 евра Постојат неколку начини од Скопје да се стигне до Бари - еден од нив е со авион ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg