Лаура за CRNOBELO.com: „Живеам во комбе во Австралија – ја сакам слободата, и покрај тоа што немам тоалет и се плашев да спијам“
- Детали
- понеделник, 28 февруари 2022
„На почетокот ми беше страв и не спиев многу добро ноќе, туширањето не е лесно, во најлошо сценарио се заменува со пливање, но обожавам што секој ден се будам на различно место, и покрај непријатностите – слободата е бесценета, пробајте...“ – раскажува за CRNOBELO.com Лаура од Аргентина која има посетено 50 земји, а живее во комбе во Австралија.
Аргентинката Лаура Миранда е вистински модерен номад и хипик во душа која патува по австралијанското крајбрежје во своето старо комбе носејќи со себе даска за сурфање, укулеле, фотоапарат и четки за сликање.
Родена е во планинскиот град Хухуј, а досега има посетено над педесет држави. Живеела во фавела во Рио де Жанеиро каде научила самба и португалски, работела на брод како фотограф, ја посетила Амазонија и пустините во Мароко, ја обожава Фрида Кало и вели дека ужива во прекрасните плажи во Австралија.
За животот во комбе открива дека на почетокот ѝ било страв да спие сама и најтешко е да не најде добро место за паркирање и преноќување, но вреди да живее како номад поради слободата и магичните зајдисонца секој нов ден.
Денот и почнува рано со јога и медитација, се тушира во јавни тоалети и ужива да се буди секој ден со нов двор на својот дом. Родена е да патува и да го открива светот, а најтешки за неа се разделбите со саканите.
За CRNOBELO.com таа раскажува за животот во комбе и сите предизвици кои тој ги носи додека патува низ земјата на кенгурите...
Од Аргентина до плажите во Австралија - како заврши таму?
Уште од мала знаев дека сакам да патувам. Сонував за пловидби, патувања и авантури. Навистина бев гладна за светот.
Откривав начини како да патувам со мал буџет, прво само патувања со ранец (backpacking) и автостоперство, потоа добив стипендија да студирам и живеам во Бразил и на крај добив работа на брод.
По неколку години поминати на море се изморив и сакав да пробам нешто друго. Па, така визата за работа и одмор ми се виде како добра идеја.
Тогаш имав 29 години, а визата беше за личности до 30 години. Бидејќи ми беше единствена шанса знаев дека морам да изберам одлична држава.
Со прекрасни плажи, одлична клима и најголемиот корален брег во светот, Австралија ми изгледаше како одлична можност. Јас бев на брод кога ми ја одобрија визата, па дадов отказ и купив карта во еден правец до Сиднеј.
Каков е животот во Австралија?
Со еден збор, лесен. Безбеден, стабилна економија, висок квалитет на живот, комуникативни луѓе, прекрасни пејзажи и див живот.
Во поглед на моменталната светска состојба со пандемијата, јас имав среќа што пристигнав две недели пред Австралија да ги затвори границите.
Државата е изолирана и во споредба со другите држави последиците од вирусот не беа толку страшни.
Бидејќи е држава која не е многу населена имаат потреба од работници. Во некои индустрии како фармерство и туризам, авантуристите (backpackers) се навистина барани и добрдојдени.
Јас сменив десет работни места за една година. Знам дека секогаш можам да почнам одново без проблеми. Но, работните позиции кои ги имам со мојата виза се причилно лимитирани.
Кој беше најголемиот предизвик со кој се соочи во земјата на кенгурите?
Кога стигнав во Австралија најпредизвикувачки ми беше да го разберам нивниот акцент. За жал, морам да споменам дека почувствував расизам и дискриминација.
Но, и покрај овие немили факти, во Австралија има силна и голема латинска заедница во која се чувствував прифатено.
Од неодамна живееш во комбе. Раскажи ми повеќе за идејата и за првите чекори од животот во комбе?
Го купив моето комбе пред неколку месеци. Возилото е од ‘89 година. Старомодно, но сигурно. Отсекогаш сакав да го пробам овој начин на живот бидејќи сум во постојано движење и секогаш носам сè со себе, без куќа, но не без дом.
Животот во комбе е едноставен и минималистички. Бидејќи немам многу простор не можам да акумулирам предмети. А многуте години поминати на брод каде делев мала кабина со цимерка ме подготвија за животот во комбе.
Возам бавно, не бидејќи комбето е старо, туку бидејќи имам многу работи внатре, па кога се движам брзо сè се мрда и поместува.
Со мене се моите растенија, укулеле, даска за сурфање и мојот фотоапарат, па не сакам да бидат оштетени при возењето. Сменив многу од моите стари навики. Се будам рано, со изгрејсонцето, во спротивно е многу топло внатре.
Сè уште немам фрижидер, па не купувам многу храна одеднаш. Морам да бидам претпазлива колку јадам и што купувам за да не се расипат продуктите.
Но, бидејќи сум веган ми е лесно. Смешно е колку многу нови луѓе запознав откако живеам во комбе. Интересно им е кога кажувам дека мојот дом е комбе, па од љубопитство сите сакаат да ѕирнат.
Ти си жена која сама живее во комбе. Колку е безбедно?
На почетокот ми беше страв и не спиев многу добро ноќе, но веќе се навикнав. Има многу луѓе кои живеат во комбиња, и повеќе од нив се жени.
Морам да прашам, како изгледа туширањето кога се живее во комбе?
Тоалетот најверотно е најнеромантичната работа од живеењето во комбе. Имам преносен соларен туш кој го користам додека патувам. Австралија е навистина подготвена за овој начин на живот, со чисти јавни тоалети насекаде.
Туширањето е покомплицирано во градовите. На пример, се туширав на работа првиот месец, потоа кај пријатели, во теретана или во јавните тоалети во близина на плажите.
Во најлошо сценарио, туширањето го заменуваш со пливање во езеро или океан.
Слободата е најголемата придобивка од живеењето во комбе, но кои се недостатоците?
Од моето кратко искуство најголемите недостатоци се тоалетите и дождот. Влажното време знае да биде тешко за издржување.
Нема многу што да се прави во комбето кога врне, а исто така е тешко да се одржат работите суви, а друг проблем е влажноста на воздухот.