Ленин Јовановски: „Ја видов и бедата во блескавиот Париз, велеград со навистина лоша страна“
- Детали
- недела, 27 декември 2020
„Париз е град на уметноста, прибежиште и гнездо за секој специфичен уметнички дух, но она што ме изненади е ѓубрето по улиците и тоа што многу се краде очигледно, затоа што сопствениците откако ќе ги заклучат своите велосипеди превентивно го вадат седиштето или предното тркало и го носат со себе“, вели Ленин Јовановски.
Ленин Јовановски, моторџија и директор на Слобода Превоз, сопруг и татко на 4 деца, роден на 07.07.1967 во 7 часот наутро, е инспиративен човек кој обожава да патува низ светот, а овојпат ни ја доловува атмосферата од неговото неодамнешно патување во Париз.
Тој постојано го посетува овој велеград и преку фотографиите оттаму ни ја доловува неговата блескавост, но и неговата мрачна страна.
Ленин веќе 30 години го крстосува светот на мотор. Ја има извозено цела Европа, Америка и дел од Австралија.
Тој е дипломиран инженер по патен транспорт, магистер по бизнис и менаџмент, а во тек докторанд на катедрата Финансии при Факултетот „Економика и управување“ на ВУАРР во Пловдив.
За CRNOBELO тој ги споделува своите искуства од патувањата во Париз, а особено од последното од кое се врати неодамна:
„Причината за моите повеќекратни патување во Париз беа учества на конференции, семинари и експертски работилници, па покрај нив успеав да „украдам“ некој ден повеќе за да прошетам низ градот на светлината.
Најдопадливото нешто од Париз е неговата едноставност, барем јас така го доживувам. Има посебен шарм, свои убавини, знаменитости, историја … и сè е некако така добро распоредено како да е блиску, речиси сè, вредно за видување, може да видиш со прошетка од едно до друго место.
Неслучајно Наполеон ги оставил широките улици, како да имал визија дека некогаш низ градот, каде за него е изградена Триумфалната порта, ќе се возат многу автомобили, наместо кочии со коњи.
Париз е град на уметноста, прибежиште и гнездо за секој специфичен уметнички дух. Го доживувам како мал и едноставен, сè е некако на свое место и од сè има по нешто.
Оваа година, моето прво патување во јануари и последното во декември, беа во Париз.
Она што ме изненади е ѓубрето по улиците кое го забележав враќајќи се од зградата (CONFÉDÉRATION GÉNÉRALE DU TRAVAIL), каде бев учесник во работилница за улогата на менаџерите, работничките права и општествената одговорност на компаниите, до хотелот каде бевме сместени сите учесници, а сето тоа го фотографирав гледајќи ја и онаа страна на градот, покрај блескавоста и бедата, невообичаено грда слика.
Сепак, мора да напоменам дека следното утро кога го минував истиот пат во обратна насока, веќе сè беше совршено исчистено. Исто така ја видов грдата слика (сметав дека е непристојно да фотографирам) со бездомници, алкохоличари, просјаци и сл. кои ги имаше речиси секаде низ улиците. Додека кај нас за храната строго мора да се применува Хасап системот, тука се продаваа месо и риба надвор на тезга, на отворено, нешто што го има и во европската престолнина Брисел, во самиот центар крај кафеаните.
Она што остава впечаток се и „заборавените“ велосипеди, или само по некој дел од нив кој останал заклучен на некој столб, затоа што не можел да биде украден. Веројатно многу се краде, штом сопствениците откако ќе ги заклучат своите велосипеди превентивно го вадат седиштето или предното тркало и го носат со себе. Мудрината на Итар Пејо во блескавиот Париз.