Марија Петровска живее во Словенија: „Земјата е зелен рај, Словенците се дисциплинирани и се чудат на македонските свадби“

Омилено место во Словенија?

Ги имам повеќе. На врвот на листата е дефинитивно Блед и Бледското езеро. Знам дека многумина го сметаат за клише и премногу туристичен, но за мене е магичен.

На второ место е Цеље со грандиозниот Стар замок и Шмартинското езеро. Логарска долина е една од најубавите алпски долини во Европа и место кое секогаш ме остава без здив. Да не ја заборавам и Постојнска јама, која важи за една од најатрактивните пештери на светот.

Меѓу најдрагите места ми е и Јеленов гребен, дом на стотина елени и срни, кои слободно се шетаат меѓу туристите и толку се навикнати на нив што без проблем им се приближуваат и им јадат од рака.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-02.jpg

Словенија ја има и првата фонтана на пиво во светот, која не би рекла дека ми е омилена, но дефинитивно е туристичка атракција која вреди да се посети. Се наоѓа на само 12 километри од Цеље, во Жалец.

За крај би ја споменала и Патеката меѓу крошните на Рогла, која нуди мир и спокој меѓу крошните на похорските смреки.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-21.jpg

Каков е стандардот на живот?

Просечната плата во Словенија е околу 1.100 евра. Цените и стандардот на живот во голема мера зависат од тоа во кој град живеете.

Стан во центарот на Љубљана на пример чини околу 3.000 евра за квадратен метар, во Марибор 1.500 евра, во Цеље пак 1.100 евра.

Литар млеко чини едно евро, векна леб е од 1.60, па до 4 евра, салата марула е 2.40 евра за килограм … Во Цеље кафе во кафуле е околу 2 евра, пиво 2.50 евра, ручек (1 порција без пијачки и мезиња) во просечен ресторан чини околу 10 евра.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-04.jpg

Каде одат Словенците на одмор?

Во Хрватска. За Словенците е Хрватска, тоа што за Македонците е Грција. Со таа разлика што тие се навистина емотивно врзани за Јадранското Море и хрватското крајбрежје.

Повеќето Словенци кои ги познавам летуваат во Хрватска целиот свој живот и тоа не само на истиот остров, туку и во истиот апартман. Не се некои авантуристи во тој поглед. Мислам дека статистично повеќе од половината жители на Словенија секое лето одат на одмор во Хрватска.

Иако во последно време сè повеќе се популаризираат и егзотичните дестинации како Маврициус, Тајланд и Малдиви, мислам дека уште долго ќе биде Хрватска прва на листата омилени дестинации на Словенците.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-15.jpg

Дали навистина Словенија е еко земја?

Во секоја смисла на зборот. Во 2016-тата година Словенија стана првата земја во светот, која беше прогласена за „зелена дестинација“ од страна на холандската организација Green destinations, што и не е така необично земајќи го предвид фактот дека речиси 60% од територијата на Словенија е покриена со шума.

Но она што се разликува од кај нас, е тоа што тука во тие шуми и зелени површини редовно инвестираат, ги средуваат и одржуваат. Со тоа не мислам само на надлежните, туку општо на луѓето. Повеќе од 60 проценти од населението рециклира, никој не фрла отпадоци каде ќе му текне.

Кога моите родители прв пат дојдоа да ме посетат, татко ми не можеше да поверува дека во десет дена не виде едно ѓубренце фрлено на земја. Едноставно многу се еколошки совесни и дисциплинирани.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-13.jpg

Што би донела од таму во Македонија и од Македонија би однела таму?

Мислам дека на Македонија добро би ѝ дошол редот и дисциплираноста на Словенците, од друга страна Словенците дефинитивно би уживале во македонската спонтаност и нашиот омилен ритуал – мезењето.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-22.jpg

Повеќе фотки од Марија:

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Симона Симионова | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Бев на одмор во Бари: Пиво ќе најдете и за 1,5 евра, но и комплет лежалки за 42 евра Постојат неколку начини од Скопје да се стигне до Бари - еден од нив е со авион ...
Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Моделот Павле Николовски го посети Исланд: „Ручек во ресторан не е под 150 евра, најевтин бургер е 2... „Исланд е третата најскапа земја во светот, а цените се скоро 10 пати повисоки о...
Нина (25) од Скопје за животот во Унгарија: „Дојдов сама на 18 години, но би се вратила да живеам во... „На прашањето „Дали би се вратила ли да живеам во Македонија некогаш? искрено ќе...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg