Марија Петровска живее во Словенија: „Земјата е зелен рај, Словенците се дисциплинирани и се чудат на македонските свадби“
Какви се во љубовните врски? Ја ценат ли институцијата брак?
Во љубовните врски би рекла дека се доста поангажирани отколку кај нас. Многу повеќе време поминуваат со саканата личност, со семејството, можеби заради тоа што тука нема кафеани, не знам.
Бракот како институција, сметам дека не го ценат доволно. Генерално важи дека Словенците не се мажат/женат, а живеат заедно и создаваат семејство. Се разбира, има исклучоци…
Да бидам искрена во овие пет години колку што живеам тука не сум била на ниту една словенечка свадба. Мислам дека една од главните причини за тоа е тоа што свадбите тука се доста поскапи.
Ако кај нас можеш за 10.000 евра да направиш свадба за 150-200 луѓе, во Словенија за таа цена не верувам дека би можел да организираш свадбена веселба ниту за 50 луѓе.
Интересно е што секогаш кога на пријателите тука им раскажувам за свадбите кај нас, ме прашуваат од каде ги наоѓате 150 – 200 луѓе, за да ги поканите на свадба. За нив е тоа огромна бројка, а не знаат на која мака се младите кај нас, колку луѓе мора да избришат за да дојдат до „само“ 200 гости.
Што ти е најомилено во оваа земја?
Природата и храната. Покрај природни убавини кои го одземаат здивот, Словенија има и неверојатно вкусна храна.
Мојот омилен словенски производ е маслото од тиква, кое не се употребува за готвење, туку само за салати. Во некои ресторани можеш да најдеш и сладолед од масло од тиква, кој иако не звучи особено вкусно е навистина одличен.
Што те нервира најмногу во оваа земја?
Тоа што тешко може да најдеш љубезен келнер и продавач. Не е важно дали купуваш домати, кауч или куќа, едноставно не се трудат да те воодушеват. Што би рекле ние во Македонија, не знаат да ти ги земат парите.
Уште една работа, која не би рекла дека ме нервира, но ја забележувам, е тоа што не ги ценат успесите на своите спортисти доволно. Мислам, не дека не им се радуваат, ама ако не е злато или сребро не се брои.
На шега знам да кажам дека причината за тоа е што се премногу навикнати на успеси.
Какви пријатели се Словенците?
Искрени, лојални, забавни и изненадувачки опуштени. Најчесто се дружат по дома или во природа, често организираат и пикници, кои обично бројат по 20-30 гости и траат до рано наутро.
Тоа што сè уште ми е фасцинантно, можеби затоа што не сум го искусила во Македонија, е тоа што на нивните забави заедно се забавуваат и родителите и децата и внуците и бабите и дедовците и нивните пријатели.
Кога се работи за забава, не постои тој генерациски јаз. Во тој поглед се многу понепосредни од нас.
Најдобра и најлоша карактеристика на локалците?
Најдобра карактеристика би рекла дека е еко совеста и тоа што сите од најмлади до најстари се физички активни. Најлоша … хм … не знам дали има нешто што не ми се допаѓа … Можеби недостатокот на спонтаност во секојдневнието.
Тука го нема оној момент, кога случајно ќе сретнете некого и ќе седнете на кафе, кое потоа ќе прерасне во ручек или целодневна седенка, додека келнерот не ве замоли да си одите бидејќи мора да затвори.
Како те прифаќаат како дојденец? Има ли многу странци што живеат таму?
Тоа е веројатно индивидуално и секој има различно искуство. Познавам луѓе кои имале потешкотии затоа што биле дојденци, но моето искуство е позитивно.
Јас се преселив во земја, во која буквално познавав само еден човек. Не го знаев нивниот јазик, нивните обичаи или менталитетот, но во ниту еден момент не се почувствував дискриминирано. Можеби сум имала среќа да налетам на добри луѓе, но верувам дека игра улога и тоа што од самиот почеток бев свесна дека јас сум таа која до некоја мера мора да се приспособи на новата средина, затоа што сум јас таа која избрала да се пресели во Словенија.
Мене ми беше логично, дека морам да го научам јазикот, да го разберам менталитетот на луѓето … Јас на тоа гледам како на некој вид изразување на почит кон Словенија.