Со Моника Потер за патување во време на пандемија: „Авионот до Кападокија беше исполнет до последно место“
Како блогер за храна сигурно си уживала во нивната кујна. Моника, која храна ти остави најголем впечаток? Кој вкус ќе го паметиш долго? Проба ли нешто за првпат?
Појадокот кога ме запроси Драган! Хахаха се зезам, ништо не пробав од возбуда, се сеќавам само дека испивме цел шампањ, во 7 наутро – на гладно! Па сега видете!
Шала на страна, мене турската кујна многу ми се допаѓа! Зачинета, предобро спремаат месо. Бевме во еден steak house, по препорака бевме и во еден ресторан само за пиде, одлични! Исто така јас многу сакам манти, а посебно место во моето срце има нивната баклава, мммм.
Од храна која ми остави впечаток, а првпат ја пробав е pottery kebab. Кападокија е позната по грнчарството и ова е специјалитет во тој регион. Се подготвува во глинен сад. Се прави со месо, јас избрав јагнешко, а може да биде со говедско или пилешко.
Дополнително се става зеленчук, моркови, целер, кромид, лук и компири. Садот се затвора со тесто за леб и се пече во глинена рерна минимум 45 минути. Превкусно!
Социјалните мрежи во октомври беа преплавени со фотографии од Кападокија со балони разлетани наоколу. Не треба да нè чуди, тоа е една од главните карактеристики на местото. Какво чувство те обзеде кога се качи во балонот и се кренавте нагоре?
Волшебно, како да лебдиш! Буквално така. Летот е безбеден, смирен, без нагли движења. Безгрижен. Сосема е безбеден.
Целиот лет трае минимум еден час. Висината на летање ја приспособува пилотот, а најмногу може да се движи до 800 метри. Вистинската магија настанува на изгрејсонце. Кога сите шарени балони се веќе горе, а сонцето изгрева. Глетка која никогаш нема да ја заборавам!
Посочи три работи што секој треба да ги искуси во Кападокија?
Во Кападокија има 10-тина факултативи кои може да ги реализирате додека сте таму. Задолжително препорачувам да издвоите еден ден за зелената тура и еден ден за црвената тура со добар водич. Со нив се посетуваат премногу интересни места, а целиот предел Кападокија има многу убава историја и природа.
Освен летањето со балон:
1. Обавезно да посетите еден од подземните градови! (дел од црвената тура)
2. Да возите ATV на зајдисонце
3. Да ја посетите долината на монасите или Пашабег.
Мислам дека е посебно и единствено чувството да се биде сместен во некој од хотелите кои се како пештери! Буквално собата ви е во пештера, камена вдлабнатина. И секако да уживате во еден од рестораните во Гореме во локална храна.
Со ова прашање ќе го завршиме разговорот, по што го паметиш ова патување?
По тоа што го прецртав од bucket list летањето со балон и рипнав во тавче, хахах.
Запросувањето дефинитивно ми го одбележа патувањето, па и неделите после тоа. Ме зезаа другарките кога се вратив: „Тууу, ние мислевме на балонот ќе те запроси, а тој те изненади во 90-та минута хахаха!“.
Искрено повеќе ме изненади со гестот, организацијата, отколку со одлуката. Сепак сме 11 години заедно, а од неодамна почнавме и заедно да живееме. Дефинитивно еднаш се кажува ДА (се надевам хахаха), а во Кападокија би се вратиле пак.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело