„Бев во селото Светорача, кичевско, во кое живее само едно семејство, донесов највкусни домати и мед“
Сепак, постои надеж за раздвиженост во оваа област поради интересот на планинарите и љубителите на возење крос мотори кои откриле предизвик во патеките кон селото Патец.
Пресретнав една група на моторџии кои го освојуваа патот кон селото. Мештаните од селото ми кажаа дека горе, на планината, се собираат планинари, моторџии кои си прават камп исполнет со дружба, музика и скара. Се надевам наредно лето ќе бидеме дел и од тоа уживање.
Со овие посети на селото во кое растевме, си вративме спомени од детството и уживавме во разговори со мештаните, вкусивме домашни традиционални јадења, се релаксиравме во природата и сликата од старите градби кои ни останаа навек во нашите мисли.
Се вратив дома обновена, нахранета со селски воздух, исполнета со енергијата на моите предци и секако со гајба највкусни домашни домати, вреќи компири, тегли планински мед, диви капини кои си ги беревме во планината.
Потребно е да целиме во насока на одржување на интересот за потеклото, традицијата и можностите за селски туризам во нашата земја кој се разбуди кај нас како последица на пандемијата и можеби позитивно нѐ насочи кон повторно откривање на убавините на македонските села.
Да не заборавиме, селата ни дадоа сигурност, заштита, убави летни мигови на одмор и спокој во оваа тешка година.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело