Соња Златановска живее во Египет: „Жените се разгалени, а од Нил и Црвеното Море не можам да се наситам“
Колку е различен Египет за доживување како турист и како граѓанин таму?
Многу, нема споредба. Како турист со уплатен аранжман уживаш само во ресортите претежно во Хургада. Доколку е организирана екскурзија до Каиро, посетата е сведена на пирамидите секако, Националниот музеј и Цитадел или палатата на Саладин.
Апсолутно не може да се доживее ниту Каиро, а уште помалку Египет во толку кратко време. Генерално туристите го сакаат Египет затоа што уживаат во луксузните ресорти и посетуваат неколку од најзначајните историски објекти.
Како граѓанин си соочен со секоја позитивна и негативна работа во оваа земја, откриваш нови работи секојдневно, посетуваш многу нови места, учиш постојано и на крај или ќе го засакаш Египет или апсолутно ќе го мразиш, нема средина.
Најдобра и најлоша карактеристика на локалците?
Гостопримливи и позитивни, сакаат да помогнат, многу се среќни доколку им се обратиш на арапски, доколку ја сакаш нивната храна или заиграш на арапска музика.
Од друга страна полни се со предрасуди, а со текот на времето научив дека повеќето водат двоен живот, живеат за мислењето на другите, најбитен им е јавниот имиџ и се премногу љубопитни.
Како те прифаќаат како дојденец? Има ли многу странци што живеат таму?
Да, има многу странци, од сите континенти коишто живеат и работат тука, дури има и цели населби најчесто населени од странци. Одлично сум прифатена, не сум имала никаков проблем во однос на тоа, напротив овдешните пријатели најчесто го користат тоа што сум странец за подобра маса во ресторан или посета на некој бар без претходна резервација.
Омилено место во Египет?
Хммм… многу има, меѓутоа ќе ги издвојам Ел Гуна (El Gouna) модерно туристичко гратче на Црвеното море во близина на Хургада и северното крајбрежје до Александрија на Средоземно море.
Во Каиро омилено место ми е населбата Замалек на островот Гезира кој се наоѓа на самиот Нил. Со душа чекам да го посетам градот на фараоните и храмовите, Луксор, меѓутоа решив тоа да биде со пријателите кога ќе ме посетат за да го истражиме заедно.
Дали е безбедно да се движиш слободно насекаде?
Во Каиро можеш да, меѓутоа има делови кои не се препорачуваат како странец сам да се движиш иако ми се случило да се изгубам и во такви делови, освен тахикардија ништо друго страшно. Во делот на старо Каиро на пример само се препорачува да бидеш со пристојна гардероба.
Што се однесува до Египет деловите кои не се безбедни се обезбедени со војска и не можеш ни да се приближиш, а тоа е на границите со Израел и Либија, каде и онака е само пустина и буквално на голема дистанца од туристичките места.
Какви се цените?
Има огромна разлика на цените од пред неколку години и сега, Каиро а и Египет стануваат сѐ поскапи. Цена на кафе се движи од 2,5 евра, па нагоре, локално пиво е 4 евра, пица маргарита 9 евра. Ноќниот живот е доста скап и претставува еден вид на луксуз. Коктел или пијачка е помеѓу 13 и 15 евра.
Каде одат Египќаните на одмор? Во кои земји?
Сите летуваат на своја територија, меѓутоа не во туристичките места кои ни се нас познати. Од јуни до септември северното крајбрежје на Средоземното море е најпосетената дестинација, потоа од октомври се отвора сезоната на Црвеното море, најчесто одат на полуостровот Синаи и Ел Гуна.
Од земјите во нивна близина најмногу патуваат во Либан, Јордан и Емиратите. Ја обожаваат Европа, особено Грција и Италија, и сакаат да ги посетуваат тие земји. И секако неизбежен е САД каде исто така често патуваат.
Што би донела од таму во Македонија и од Македонија би однела таму?
Во Македонија би донела многу работи меѓутоа издвојувам манго дефинитивно, палми со урми и позитивната енергија на овдешниот народ. Од Македонија иако знам дека е клише одговор ама ајвар, бело сирење и смоки, плус малку географско познавање и секако семејството и пријателите.
Можеш ли да замислиш таму да дочекаш пензија?
Секако, во мала куќичка на Црвено море, со чаша вино до мене, палми над мене и Amr Diab со Habibi во позадина.
Уште фотки од Египет:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело