Соња Златановска живее во Египет: „Жените се разгалени, а од Нил и Црвеното Море не можам да се наситам“
- Детали
- среда, 14 октомври 2020
Соња вели дека како граѓанин на Египет или го сакаш или го мразиш, нема златна средина, додава дека сообраќајот е ужасен, луѓето на моменти се полни со предрасуди, но дека убавината на оваа земја е неспорна. Искрено ни раскажува каков е животот таму...
Соња Златановска (35) живее и работи како маркетинг директор во Каиро, Египет.
Таа е една од оние луѓе кои смело ги прифаќаат авантурите во животот и имаат храброст да ги живеат своите соништа.
Со неа проговоривме за начинот на живот во Египет:
Колку време живееш во Египет и како се одлучи на ваков чекор?
Првата средба со Египет ми беше во 2016 година кога преку фирмата за којашто работев бев прелоцирана во Каиро на одредено време. Одреденото време прерасна во година ипол одење и враќање, за конечно да се вратам во 2017 во Македонија.
Во 2019 повторно се појави професионална можност во Каиро која ја прифатив. Сега тука сум повторно од февруари оваа година.
Зошто токму Египет?
Првиот пат Египет ме избра мене, овој пат јас го избрав Египет, поради сето она што го искусив во Египет кога за прв пат дојдов, целиот позитивен хаос, огромниот микс на култури, религии, традиции, фактот дека 102 милиони народ дишат и функционираат во истиот ритам на арапското секојдневие под огромното афричко сонце.
И покрај големата сиромаштија не го имаат изгубено духот, желбата за живот и вербата. Кога секојдневно си соочен со такво опкружување, повеќе го цениш тоа што го имаш и си благодарен за истото секојдневно.
Што ти е најомилено во оваа земја?
Уффф, многу работи … сонцето во текот на скоро целата година, палмите ми се најубавата секојдневна глетка, манго, манго, манго… Tрадиционалната храна, иако се обидувам да не ја консумирам толку често, гостопримливоста, луѓето и хуморот кој е доста сличен на нашиот.
И секако Нил, Црвеното море и Медитеранот. Значи речиси сѐ!
Што те нервира најмногу во оваа земја?
Што се однесува до Каиро, сообраќајот е буквално хорор, начинот на кој возат, иако има правила преферираат да платат казна отколку да ги почитуваат, исто така многу населби се полни со ѓубре и никој не води грижи за тоа.
Жалосно е што не го ценат тоа што земјата го има и нуди и не знаат како да привлечат туристи за разлика од други арапски земји кои нудат многу помалку, а имаат многу поголем број на туристи.
Какви пријатели се Египќаните?
Одлични пријатели, сочувствителни, отворени за дружба, обожаваат да готват за тебе, не смееш да одбиеш и се јаде сѐ дури можеш да дишеш. Весели се и сакаат да уживаат. Доколку ги почитуваш и си свој, бескрајно ќе те почитуваат и они.
Какви се на поле професија?
Од крајност до крајност, како и секаде. Прилично се мрзеливи, не се премногу амбициозни и гледаат сè што прават да го направат на пократок начин. На пример навремено доаѓање на работа е невозможна мисија барем во мојата фирма.
Научени се да функционираат навечер, не преку ден. Самата клима влијае на тоа секако, меѓутоа е и до менталитетот.
Економски поинаку функционираат од кај нас, навиките се поинакви, начинот на живот. На пример, рестораните, кафулињата, баровите, ноќните клубови не се само места за храна и забава, туку и стил на живот и играат огромна улога во економијата на земјата.
Какви се во љубовните врски?
Од моја перспектива сметам дека генерално се прилично отворени за арапски свет, овде сè уште важи правилото дека женската половина е стварно понежна, а машката посилна, па така и се однесуваат. Меѓутоа постои и друга група за кои врските се забранети, па доколку момчето и девојката си се допаѓаат, најпрвин треба да направат веридба, односно да ја официјализираат врската со благослов од родителите, за да можат да излезат на состанок.
Се случува да раскинат веридба и повторно да направат нова. Тоа што сакам да нагласам е дека ние имаме мислење односно медиумите претставуваат дека женскиот свет овде е потчинет, апсолутно погрешна слика, женскиот свет овде е прилично разгален и секогаш во поповолна позиција од машкиот.
На колку години стапуваат во брак? Дали имаат модерни сфаќања?
Нема правила, доколку на времето стапувале во брак со наполнети 20 години, сега е променето. Имаат врски сè додека не почувствуваат дека таа/тој е вистинскиот избор. Момчето ја запросува девојката со прстен по што следи веридба со голема прослава и благослов од родителите и потоа се организира свадба.
Свадбата мора да биде што поголема и погламурозна, што би се рекло „нека пукнат душманите“ и сето ова е прилично скапо. Тоа е всушност и една од најголемите причини за раскинување на веридба, доколку машката страна не успее да купи скап прстен, плати гламурозна свадба, обезбеди место за живеење според замислата на родителите на женската страна.
Иако повеќето се со модерни сфаќањата во однос на брак и семејство, сепак сè уште голем е процентот на родители кои го контролираат бракот. Затоа и стапката на развод е голема.
Каква е климата? Се навикна ли лесно?
Јас обожавам сонце така да за мене климата е одлична и лесно се адаптирав. Летото започнува во април, а завршува во ноември. Температурите може да се искачат до 45 степени Целзиусови во Каиро и над 45 на Црвеното Море. Меѓутоа најголемиот проблем не се температурите ,туку влажноста на воздухот.
Јануари и февруари е зима со температура навечер од 10 степени Целзиусови, а до максимум 20 преку ден. Меѓутоа сепак може да биде ладно затоа што има постојано силен ветер во овој период од годината.